ИНДОЦИЈАНИН ЗЕЛЕНО (ICG): СОВРЕМЕНА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА ПОПРЕЦИЗНА И ПОБЕЗБЕДНА ГИНЕКОЛОШКА ХИРУРГИЈА

Современата гинеколошка онкологија денес не се стреми само кон успешно лекување на карциномот. Еднакво важна цел е да се обезбеди најдобар можен квалитет на живот по завршувањето на лекувањето, со избегнување на непотребни хируршки процедури и намалување на ризикот од компликации. Според д-р Ирена Шуплиновска, специјалист по гинекологија и акушерство и супспецијалист по гинеколошка хируршка онкологија, современите технологии овозможуваат значително поголема прецизност во хируршките интервенции. Меѓу најважните иновации што придонесуваат за тоа е употребата на индоцијанин зелено (Indocyanine Green – ICG).

 „ICG е флуоресцентна боја која повеќе од шест децении успешно се користи во медицината. Станува збор за безбедна, нетоксична и нерадиоактивна супстанција која по апликацијата се движи низ крвните или лимфните садови и овозможува нивна визуализација со помош на специјални камери со блиска инфрацрвена светлина. Иако со години има примена во различни медицински области, во последната деценија нејзината улога во онколошката хирургија добива особено значење“, вели д-р Шуплиновска.

Таа потенцира дека е важно пациентките да знаат бидејќи ICG има исклучително висок безбедносен профил. Се аплицира во многу мали количини, не е радиоактивен, бргу се елиминира од организмот, а сериозните несакани реакции се исклучително ретки. Токму поради овие карактеристики, денес широко се применува во водечките светски центри за минимално инвазивна, роботска и онколошка хирургија.

Лимфните јазли претставуваат важен дел од имунолошкиот систем, но кај малигните заболувања тие се и првото место каде што потенцијално може да се појават метастази. Долги години стандардниот пристап подразбираше отстранување на голем број карлични лимфни јазли за да се утврди дали болеста се има проширено. Иако овој пристап обезбедува важни информации, тој е поврзан и со поголем ризик од компликации, подолги операции и подолг период на закрепнување.

 „Денес, благодарение на ICG, можеме да го идентификуваме таканаречениот сентинелен или ‘стражарски’ лимфен јазол. Тоа е првиот лимфен јазол до кој би стигнале туморските клетки доколку започне нивно ширење преку лимфниот систем. Наместо рутинско отстранување на сите лимфни јазли, можеме со висока прецизност да го пронајдеме токму овој јазол и да добиеме клучни информации за стадиумот на болеста“, вели д-р Шуплиновска.

Во текот на операцијата, индоцијанин зеленото се аплицира во грлото на матката или во близина на туморот. По неколку минути, бојата патува низ лимфните патишта, а со помош на специјална камера тие стануваат јасно видливи на екранот. На тој начин, хирургот во реално време може да го следи текот на лимфната дренажа и прецизно да ги идентификува сентинелните лимфни јазли.

„Кај карциномот на ендометриум, кој е најчестиот гинеколошки малигнитет во развиените земји, сентинелното мапирање овозможува сигурно стадирање на болеста без потреба од обемна лимфаденектомија кај голем број пациентки. Кај раните стадиуми на карцином на грлото на матката, оваа метода овозможува откривање и на многу мали метастатски депозити кои можат да влијаат врз понатамошниот третман. Кај карциномот на вулва, пак, придобивките се особено значајни бидејќи се намалува потребата од радикални препонски лимфаденектомии, кои традиционално се поврзани со поголем број компликации“, објаснува д-р Шуплиновска.

Најголемата предност за пациентките е што се добива висока онколошка сигурност со значително помала хируршка траума. Со намалување на бројот на отстранети лимфни јазли, се намалува ризикот од крвавење, инфекции, лимфни колекции и лимфедем – хроничен оток на нозете, кој може трајно да го наруши квалитетот на живот. Воедно, операциите се пократки, закрепнувањето е побргу, а враќањето кон секојдневните активности е полесно.

Во современата хирургија оваа технологија сè повеќе се користи и како дополнителна алатка за зголемување на безбедноста на самата операција. Кај пациентки што претходно биле оперирани, примале радиотерапија, имаат напредната ендометриоза, големи карлични тумори или изразити постоперативни атхезии, анатомските структури често се значително изменети. Во такви случаи, д-р Шуплиновска вели дека идентификацијата на уретрите – каналите што ја спроведуваат урината од бубрезите до мочниот меур, може да биде значително потешка.

„Повредите на мочните патишта претставуваат една од најсериозните потенцијални компликации во гинеколошката и онколошката хирургија. Со користење на флуоресцентни техники базирани врз ICG можно е подобро визуализирање на уретрите и нивниот тек низ оперативното поле, што му овозможува на хирургот подобра ориентација и дополнително ја намалува можноста за јатрогени повреди. Ова е особено корисно при сложени реоперации, екстензивна ендометриоза, големи тумори и ситуации во кои нормалната анатомија е значително нарушена“, објаснува д-р Шуплиновска.

Дополнително, ICG може да се користи и за проценка на васкуларизацијата и перфузијата на ткивата во текот на операцијата. На тој начин, хирургот добива дополнителни информации за снабденоста на ткивата со крв, што може да биде важно при донесување на одлуки за обемот и безбедноста на хируршкиот зафат.

„Во нашата секојдневна практика, употребата на индоцијанин зелено е составен дел од современиот пристап во гинеколошката онколошка хирургија. Нашата цел е секоја пациентка да добие третман усогласен со најновите светски препораки и стандарди, а притоа да биде максимално поштедена од непотребни процедури и можни компликации“, посочува д-р Шуплиновска.

Иднината на онколошката хирургија се движи кон персонализирана медицина – прецизна хирургија, насочена кон конкретната пациентка и нејзината болест. Индоцијанин зеленото е одличен пример за тоа како современата технологија му овозможува на хирургот да „види повеќе“, а на пациентката да добие побезбеден третман, побрзо закрепнување и подобар квалитет на живот по лекувањето.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!