Очите се можеби огледало на душата, но вашите нокти се огледало на здравјето. Секој се воодушевува кога ќе види убави и средени нокти, посебно ако тие се природни. Но дали сте знаеле дека ноктите можат да кажат многу работи за карактерот и здравјето на жената. Освен што можат да бидат убави и средени, може да се појават и проблеми, лесно да се кршат и пукаат. Ова е знак дека нешто не е в ред со вашето здравје. Доколку имате некои од следниве симптоми, обратете се на дерматолог.
Бели или жолти дамки -Тоа можеби се должи на некоја габична инфекција. Ако не се третира, ноктите може да се задебелат околу рабовите. Честа причина за жолти нокти е и недостигот на витамин Е, лошата циркулација, проблеми со лимфата, дишењето, дијабетес или премногу полирање. Докторите обично препишуваат маст и лекови.
Кршење и раздвојување на ноктот – Ова е обично знак на многу чести контакти со вода, некои средства за чистење или ацетони за нокти. Но, некогаш кршењето на ноктите може да биде сигнал за состојбата на тироидната жлезда, посебно ако се чувствувате слабо и исцрпено.
Зеленкава боја -Сигнализира дека постои некоја бактериска инфекција, честопати проследена со болка и оток. За третирање на оваа инфекција се препорачуваат лекови.
Темна точка или вертикални кафеави линии -Темната точка можеби е бенка или пега под ноктот, или знак на меланом, односно рак на кожа. Доколку забележите ваква промена, задолжително консултирајте се со лекар.
Хоризонтални линии и вдлабнувања – Ова е симптом на недоволно внесување на витамини и минерали во организмот, особено железо. Исто така, се појавуваат и како резултат на некоја психичка или емотивна траума. Ваквата состојба треба да ја пријавите кај вашиот лекар.
Доколку ви недостасува бела полумесечинка на коренот од ноктот тоа може да укажува на недостиг на витамин А, проблем со бубрезите или недостиг на протеини. Но, имајте предвид дека дел од луѓето никогаш ги немале овие полумесечинки, па нема причина за загриженост.
Сини нокти или сини полумесечинки – доколку имате сини нокти, значи дека имате проблеми со срцето и белите дробови, реакција на некој лек, проблеми со циркулацијата на крвта или труење со сребро или бакар. Ако, пак, имате сини полумесечинки, проверете да не случајно имате ревматоиден артритис.