ПРИ СЕКОЈА БОЛКА ВО ВРАТОТ ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ ДЕТАЛЕН НЕВРОЛОШКИ ПРЕГЛЕД

НАЈГОЛЕМ БРОЈ ОД БОЛКИТЕ ВО ВРАТОТ ПОМИНУВААТ ЗА 6 НЕДЕЛИ

Вратниот сегмент на ‘рбетот е најдинамичниот сегмент од ‘рбетниот столб. Тука се изведуваат движења во сите правци: свиткување, истегнување, ротација, движење напред-назад, странични движења и најчесто комбинација од сите овие движења. Болките во вратот можат да бидат предизвикани од различни состојби. Како и кај други болести, најважно е да постави правилна дијагноза, за што е потребно долгогодишно искуство на докторот. Најголемиот број на овие болки поминуваат за 6 недели и најчесто третманот е конзервативен. Проф. д-р Кирил Лозанче објаснува дека акутната болка во вратот не се шири по рацете туку се јавува само во пределот на вратот. Често овој тип болка е поврзан со јаки главоболки кои може да се локализираат кон тилот, слепоочниците или околу очите. Главно кај сите овие случаи најчесто има повреда на мускулите или параспиналните меки ткива, затоа болката најчесто се повлекува за околу 6 недели од почетокот само со конзервативен третман. Кај оние пациенти кај кои веќе се манифестираат невролошки симптоми, треба да се размислува за оперативно лекување.

СОСТОЈБАТА Е АЛАРМАНТНА ДОКОЛКУ БОЛКАТА СЕ ЈАВУВА И ПРИ МИРУВАЊЕ

Кај посериозни состојби, болката во вратот е присутна при мирување, особено во текот на ноќта. Исто така, доколку постои загуба на телесна тежина и болката не поминува ни со мирување, може да се работи за неоплазма или инфекција. Други состојби кои се алармантни се скорешна траума на главата и вратот и/или присуство на невролошки дефицити. Затоа, кај секоја болка во вратот најпрво треба да се направи детален невролошки преглед. „Кај пациенти со болка без невролошки нарушувања треба да се почека 6 недели пред да се направат дополнителни испитувања. Најчесто ним им се дава време за конзервативен третман, освен кај пациенти со јаки болки кои не реагираат на аналгетици или прогресивно се влошуваат. Во вакви случаи треба порано да се почне со рендгенско снимање. Исто така, кај пациенти кои претрпеле траума и имаат болка треба веднаш да им се направи рендгенско снимање. Магнетна резонанца (МРИ) е многу корисна во одредување на степенот на оштетување на вратниот дискус и промени во самиот жрбетен мозок. Компјутеризирана томографија ( КТ) може да даде повеќе информации за степенот на коскена деструкција која се појавува кај тумор, инфекции или траума, но не е многу корисна во евалуација на пациентите со болка во вратот. РТГ-снимањата не треба да се одложуваат кај пациенти со невролошки нарушувања, особено ако се силни; ако има присуство на миелопатија, и/или ако пациентот има промени во функцијата на мочниот меур или цревата. Кај вакви пациенти треба веднаш да се направи нативен РТГ или магнетна резонанца“, посочува проф. Лозанче.

ДОЛГОТРАЈНАТА БОЛКА УКАЖУВА НА ДЕГЕНЕРАЦИЈА НА ВРАТНИОТ ДИСКУС

Пациентите кои имаат болка во вратот која трае повеќе од 12 недели најчесто имаат дегенерација на вратниот дискус. Болката во овие случаи може да се должи на промените во самиот дискус. Вратната дискус хернија настанува кога еластичната и потпорната структура, која има улога на перниче помеѓу два прешлена, се деформира, поместува од местото и ги притиска корените на нервите кои излегуваат од ‘рбетниот мозок. Тој притисок предизвикува силни болки во вратот и/ или рацете. „Пациентите со дискус хернија типично се жалат на аксијална болка (болка одоздола кон горе), болка во вратот која се влошува во флексија, затоа што ова го зголемува оптоварувањето на дискусот. Често овие пациенти имаат придружна болка во раката или знаци за притисок врз ‘рбетниот мозок (миелопатија). Од друга страна, малите зглобови на ‘рбетниот столб (фацети) и дискусот се поврзани во сегмент на движење и самата дегенерација на дискусот дава дегенерација на зглобовите. „Така доаѓаме до поимот артроза, која означува дегенеративна болест на ‘рскавицата, со која се обложени коските во зглобовите на ‘рбетниот столб, а може да ги зафати вратните прешлени. Оштетената рскавица предизвикува промени во работата на зглобовите, а со тоа се јавуваат пречки при движењето. Со развојот на болеста, на местата каде што рскавицата е оштетена, површината на коските може да дојдат во допир, а бидејќи на тие места има многу нерви, тоа предизвикува силна болка. Болеста се јавува секогаш кај лица над 50 години, но може и порано. Често е последица на дисторзија на вратот или удар. Но една од главните причини за артрозата е слабата физичка активност. Болката се чувствува при движење. Наутро по станување е многу силна, а во текот на денот се намалува. Останатите симптоми се вртоглавица, главоболка и вкочанетост на вратот“, вели проф. Лозанче.

ОДЛУКАТА ЗА ХИРУРШКИ ТРЕТМАН Е ИНДИВИДУАЛНА ЗА СЕКОЈ ПАЦИЕНТ

Кај оние пациенти кај кои веќе се манифестираат невролошки симптоми, треба да се размислува за оперативно лекување. Одлуката за тоа ја донесува неврохирургот индивидуално за секој пациент. Постојат повеќе методи за оперативно лекување на овие состојби и сите даваат добри резултати доколку се правилно индицирани и доколку веќе не настанале сериозни оштетувања на нервните корени и особено жрбетниот мозок.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!