Хипотироидизам е болест кога тироидната жлезда не лачи доволно тироидни хормони. Женската популација страда од хипотироидизам двојно повеќе од мажите. Лекувањето е успешно доколку болеста се дијагностицира навреме, порачува д-р Лилјана Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
„Хипотироидизмот е состојба на недостиг на хормони на штитната жлезда во организмот или отсуство на нивно дејствување во клетките. Тежината на болеста зависи од степенот на хормоналниот недостиг, но и од состојбата на организмот во моментот кога се јавува болеста“, вели д-р Муратовска.
Во зависност од тоа на кое ниво се наоѓа оштетувањето, причината за хипотироидизам може да биде примарна (кога проблемот е во штитната жлезда) и секундарна (кога проблемот е во “командната” жлезда во центарот на мозокот -хипофизата) или терцијарна (кога проблемот е во дел од мозокот – хипоталамус). Причините за намалена функција на штитната жлезда, околу 95 проценти, најчесто се во самата жлезда.
„Во најголем број случаи причината е автоимуната болест на штитната жлезда – Хашимотовиот тироидитис. А како честа причина за хипотироидизам е и хируршко отстранување на штитната жлезда или терапија со радиоактивен јод. Зрачењето на вратот поради други малигни болести исто така може да предизвика оштетувања на штитната жлезда. Значајно е да се напомене дека во минатото, кога во готварската сол не се додавало јод, често во некои делови од земјата се јавувало т.н. ендемска гушавост (струма), која често била придружувана со намaлена функција на штитната жлезда. Денес оваа состојба, за среќa, е сè поретка“, нагласува д-р Муратовска.
Хипотироидизмот влијае на метаболизмот
Намалената функција на штитната жлезда, како што појаснува д-р Муратовска, се манифестира со наруѓување на метаболизмот што доведува до општа психичка и физичка успореност на организмот. Болеста најчесто напредува постепено. Симптомите често, во почетокот, не се манифестираат подолг период, а многу од нив се препишуваат на други болести, како на пример менопауза или на стареење на организмот. Во раниот стадиум на болеста парадоксално е присутна напнатост, нервоза и несоница. Во подоцнежниот стадиум на болеста се јавува замор, изнемоштеност, поспаност, зимурливост, зарипнатост во гласот, запек, пораст на телесната тежина (и покрај намалениот апетит), намалено потење, чувство на трпнење по кожата и наглувост. Болните забележуваат забавеност, заборавност, безволни се, со оток на лицето, кое е без мимика. Кожата станува бледожолтеникава, сува, ладна и перутава. Косата и ноктите стануваат „груби” и кршливи. Може да се јават менструални нарушувања, стерилитет кај мажите и жените, а кај децата хипотироидизмот може да е причина за предвремен или задоцнет пубертет.
Неоткриена и нелекувана хипотиреоза кај новороденчињата предизвикува кретенизам. Кај овие бебиња се појавува продолжена физиолошка жолтица, тромост, запек, поспаност, проблеми со хранењето и заостанување во развојот со видливи физички особини на кретенизам – низок раст, задебелен јазик, груби црти на лицето, широк и сплеснат нос, ретка коса, набрекнато стомаче со папочна кила, голема раздалеченост помеѓу очите. Најтежок облик на хипотиреоза е т.н. микседемска кома, со смртност од околу 80%.
Дијагностицирање преку лабараториски анализи
Дијагнозата на хипотироидизмот се поставува на основа на клиничката слика, ултразвучен и по потреба скенографски преглед на штитната жлезда, а најважно е да се одреди нивото на хормоните во крвта – тиреостимулативниот хормон (TSH) и тироксинот (T4). Лабораториските анализи, вели д-р Муратовска, освен промена во вредноста на тироидните хормони, може да покажат и анемија, покачени вредности за холестерол и триглицериди, креатининфосфокиназа и др.
„Без разлика на причинителот на хипотиреозата, терапијата се спроведува со дополна на хормонот тироксин кој недостасува. Лечењето се започнува со примена на мали дози на лекот, посебно кај стари и срцеви болни. Дозата на лекот е индивидуална и се зема во еднодневна (утринска) доза, 30 минути пред оброк. Најчесто пациентите добро ја поднесуваат терапијата и за неколку недели доаѓа до подобрување на општата состојба, како и нормализирање на повеќето лабораториски анализи“, вели д-р Муратовска.
Таа додава дека прогнозата е добра кога дијагнозата ќе се постави навреме, а лекувањето се спроведува редовно и според препораките на лекарот. Прогнозата на нелекуваните случаи е тешки случаи на микседем со настанати атеросклеротични промени. Следењето на пациентите со намалена функција на штитната жлезда е доживотно.