Дали миомот на матка е причина за неплодност?

Жените сè почесто ја одложуваат репродукцијата во третата и четвртата декада со што прашањето за можното влијание на миомите врз неплодноста станува сè поактуелно. Д-р Клементина Кузеска, гинеколог-акушер, објаснува дека кај пациентките кои имаат миоми и истовремено имаат и проблем со неплодност, најважно е да се одреди локацијата, големината и бројот на миомите и соодносот кон шуплината на матката.

Што е миом на матка?

Миомите се бенигни тумори на матката кои потекнуваат од клетките на мускулниот слој и растат во самиот ѕид, во правец кон шуплината на матката или кон надвор. Миомите се појавуваат во репродуктивниот период кај 25 отсто од пациентките, додека кај постарата популација овој процент е поголем. Повеќето миоми се без симптоми.

Зошто се појавуваат?

Вистинската причина за појава на миомите и натаму останува непозната. Се смета дека генетски и хормонски фактори влијаат на нивната појава. Според гинеколозите, ова заболување почесто се јавува кај пациенти кои имаат фамилијарна историја со ист проблем.

Како се дијагностицира миомот?

Златен стандард во дијагностиката на најголем број од миомите е вагиналнен ехо-преглед. Понекогаш е тешко да се одреди во која мера миомот ја деформира шуплината на матката, поради што е неопходно да се спроведат дополнителни прегледи

  • Хистеросонограм–овој преглед се изведува со вбризгување воден контраст, раствор кој ја исполнува шуплината на матката и ја прикажува контурата на миомот
  • Хистеросалпингограм–е начин на испитување каде се користи радиоактивен контраст со кој се одбележуваат дефектите што миомот ги предизвикува внатре во матката
  • Хистероскопија–метода со која се добива целосна слика на сите деформации на внатрешноста на матката
  • MRI – ова испитување ретко се користи во дефинирање на големината и местоположбата на миомите. Таа може да помогне во дијагноза на аденомиозата, која, за разлика од миомите, не се третира оперативно.

Дали миомот на матката влијае на плодноста?

Миомите се присутни кај 5-10 отсто од пациентките со неплодност, а само мал дел од нив може да бидат пречка за плодност. Докторите сметаат дека не секогаш миомитетреба да се посочуваат како главна причина за неплодност, сèдодека не се исклучат другите можни причини.

Миомите можат да условат неплодност во зависност од нивната големина и местоположба. Миомите што се сместени кон шуплината на матката (субмукозни) може директно да влијаат на плодноста кај жените. Големите миоми кои растат во самиот ѕид на матката (интрамурални)може да доведат до деформитет на шуплината на матката и попречување на проодноста на јајцеводите и цервикалниот канал.

Мултиплите миоми може да предизвикаат абнормални контракции на матката. Тие доведуваат и до нарушување на крвоснабдувањето на ендометриумот, што ја оневозможува имплантацијата на ембрионот и развојот на бременоста.

Симптоми

Зголемувањето на димензијата на миомот може да предизвика сериозни проблеми:

  • Утерино крвaрење – или крвавење од матката може да биде обилно, продолжено и нерегуларно.
  • Пелвична болка и притисок –големите миоми создаваат чувство на притисок и болка во малата карлица. Доколку се лоцирани кон мочниот меур, може да причинат дизурични тегоби (чести и болни мокрења), кон дебелото црево може да доведат до запек, оние, пак, лоцирани кон цервиксот доведуваат до болен сексуален однос.
  • Неплодност и спонтан абортус – миомот може да го блокира транспортот на јајната клетка и сперматозоидот низ јајцеводот, може да доведе до дисторзија (извлекување) на шуплината на матката и проблем во имплантацијата. Миомот може да влијае на квалитетот на ендометриумот, што повторно доведува до начинот како ќе се развива бременоста. Субмукозните миоми предизвикуваат воспалителна реакција која може да влијае врз вгнездувањето и развојот на ембрионот.

Третман

1.Хируршки третман. Прв, најчест и најдобар начин за отстранување на миомите е миомектомијата. Вагиналниот пристап е најцелисходен кај пациентите со неплодност и се однесува на субмукозните миоми (мимои кои растат или разраснуваат кон шуплината). Абдоминалниот пристап (отворен или лапароскопски) се применува кај интрамуралните миоми кои растат во ѕидот на матката и кај супсерозните миоми кои растат или разраснуваат кон надвор. Значајно е да се обезбеди адекватно затворање на ѕидот на матката без ризик по текот на бременоста и породувањето. Доколку во тек на интервенцијата се отвори шуплината на матката, можно е формирање на постоперативни атхезии (слепувања). Кај 10-25 отсто од пациентките со хируршки третман се јавува потреба од повторна операција.

2.Медикаментозен третман. Растот на миомите е естроген зависен. Медикаментите кои го инхибираат менструалниот циклус и ја имитираат менопаузата можат да доведат до стопирање на растот и постапно намалување на големината на миомите. Овој ефект е од времен карактер и се спроведува за ублажување на сиптомите во фаза на подготовка за оперативен зафат или за намалување на димензијата поради полесен оперативен пристап.

3.Емболизација на утерината артерија. Процедурата подразбира инјектирање на мали партикли за затнување на крвните садови кои го хранат миомот со цел да се оневозможи неговиот понатамошен раст. Ова може да доведе и до несакано нарушување на крвоснабдувањето на јајчникот и неговата функција, поради што емболизацијата не се препорачува кај пациентки со неплодност.

Што е најважно?

  • Повеќето миоми не бараат третман бидејќи не влијаат на репродукцијата. Непотребниот хируршки третман може да доведе до оштетување на јајцеводите и матката со формирање атхезии и ожилно ткиво кое ја намалува репродуктивната способност.
  • Не се препорачува рутинска миомектомија кај интрамуралните миоми кои не ја деформираат шуплината на матката.
  • Интрамуралните миоми поголеми од 5 сантиметри имаат негативен импакт врз плодноста, поради што се препорачува третман. Дилеми постојат околу големина помеѓу 3-5см, додека за помалите миомите се препорачува редовно следење.
  • Доколку постои повторувачки неуспех во постапката на вештачко оплодување,може да се размислува за миомектомија и покрај тоа што миомот не доведува до дисторзија на шуплината на матката.

 

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!