Спинална стеноза претставува стеснување на спиналниот канал што предизвикува болки во грбот, болки, слабост, трнење на и нозете, како и нарушување на контролата на мокрење и дефекација. Стенозите можат да се појават насекаде во ’рбетот, но најчесто се појавуваат во цервикалниот и лумбалниот дел предизвикувајќи притисок во ’рбетот, тие можат да влијаат и врз функцијата на нозете, дебелото црево и мочниот меур. Спиналните стенози најчесто се резултат на стареење во комбинација со одредени дегенеративни заболувања на ’рбетот и ги зафаќаат луѓето кои имаат над 60 години. Но, оваа состојба може да се појави и кај помладите кои имаат абнормално тесни спинални канали, уште од раѓањето.
СИМПТОМИ
Спиналните стенози се резултат на стеснување на спиналните канали и поради тоа нервите се иритираат и воспалуваат. Стенозите во лумбалниот (долниот) дел на ’рбетот предизвикуваат болки во грбот и нозете. Болките се зголемуваат при пешачење и стоење на нозе подолг период. Одморањето може да ги намали овие симптоми.
ПРИЧИНА ЗА ПОЈАВА НА СПИНАЛНА СТЕНОЗА
Состојбите кои предизвикуваат стеснување на спиналниот канал вклучуваат оштетување на зглобовите, дискус хернија, артритис, задебелени лигаменти, хипертрофија, коскени израстоци и спондилолистеза и, во поретки случаи, спиналните инфекции и тумори. Понекогаш стеснетиот `рбетен канал може да им попречи на крвните садови да се прошират, состојба која може да предизвика болка. Луѓето кои се раѓаат со стеснет спинален канал се под поголем ризик од развивање спинални стенози во пораната фаза од животот.
ДИЈАГНОЗА
Најчестите дијагностички методи за откривање на оваа состојба се радиографијата и магнетната резонанца. Во некои случаи може да се користи и КТ скенот.
ТРЕТМАН
Спиналните стенози се состојба која напредува бавно па затоа доколку се открие во рана фаза може да се излекува со конзервативен третман, од типот на лекови за ублажување на болката и одмор. Во некои случаи, докторот може да препорача физикална терапија или епидурална стероидна инјекција. Понекогаш, застанувањето во наведната положба со исправени нозе, притоа пробувајќи да го допрете подот може да помогне во проширувањето на ’рбетниот канал, при што се зголемува протокот на крв до спиналните нерви.
Спиналните стенози со текот на времето можат да се влошат и притоа да биде потребна хируршка интервенција. Главната цел на хируршката интервенција е да се ослободи притисокот врз нервните корени во лумбалниот дел на ’рбетот. Хирургот го проширува спиналниот канал и ги отстранува коскените израстоци кои ги притискаат нервните корени. Оваа процедура се нарекува декомпресија или декомпресивна ламинектомија.
Во одредени случаи можно е да биде потребно отстранување на задните зглобови на ’рбетот или ламината со цел да се ослободи притисокот врз нервните корени. Ламината и зглобовите го држат ’рбетот исправен и стабилен, па затоа, доколку се јават дополнителни проблеми во однос на стабилноста на ’рбетот, докторите повторно го стабилизираат ’рбетот по пат на спинална фузија, фиксација со посебни инплантанти.