Со медитацијата можете да го пронајдете вашиот внатрешен мир, да го исфрлите стресот, да го зголемите нивото на концентрација, будност, интелигенцијата и среќата, но и позитивно да влијаете врз здравјето
Честопати ја слушаме фразата – од понеделник ќе почнам да вежбам бидејќи вежбањето ме релаксира, ме ослободува од негативната енергија. И бидејќи на сите нам ни недостига слободно време, оваа обврска секогаш ја префрламе за некој следен понеделник, а стресот и негативната енергија се таложат во нас.
Медитацијата е едноставна и ефикасна техника на вежбање од која ќе имате многу придобивки доколку редовно ја применувате. Со нејзина помош физичкото и духовно тело се доведуваат во хармонија.
Што е медитација?
Медитацијата е наука за нашиот дух, но и универзален лек за секој човек. Благотворното делување на умот и телото можат да ни помогнат да ги прошириме своите перцепции и со поголема ефикасност да делуваме во нашето динамично секојдневие. Со медитацијата можете да го пронајдете вашиот внатрешен мир, да го исфрлите стресот од себе, да го зголемите нивото на концентрација и будност, да ја зголемите интелигенцијата и среќата, но и позитивно да влијаете врз здравјето. Денес многу луѓе ја применуваат медитацијата за да си го олеснат животот и да најдат „издувен вентил“.
Видови медитација
Постојат многу видови медитација кои се делат на три основни облика: медитација на звук (мантра), форма и симбол. За која било медитација и да се одлучите ќе имате придобивки, и тоа само по неколку дена, бидејќи медитацијата ја буди внатрешната свест, тишина и безграничен мир.
Ефикасна заштита од стрес
Многу често во денот го слушаме зборот стрес, секој од нас го изговара барем неколкупати, но и го чувствува. Но, она што не го знаеме е дека стресот во 75 % од случаите е причина за појава на болест, а кај 50% од луѓето причина за смртност. Токму медитацијата е ефикасна заштита од стрес!
Кога да медитираме?
Најдобро е да медитирате двапати во денот по 20 минути, и тоа наутро веднаш по будењето и навечер по заоѓање на сонцето. За подобри ефекти практикувајте секој ден да вежбате во исто време. Битен момент на кој треба да внимавате е да не вежбате веднаш по јадење, почекајте барем 30 минути.
Со медитација – среќни и исполнети
Целта на медитацијата е личноста која медитира да се здобие со позитивна енергија, среќна, креативност и во целост да го даде својот ментален потенцијал. Одморот во медитацијата е многу поголем од одморот којсе постигнува по долго спиење. Умот за време на медитација станува мирен и спокоен, се ослободува од сите возбудувања. Експертите сметаат дека медитацијата е и добар лек за осаменост и за зајакнување на имунитетот.
Како да вежбате во домашни услови?
Седнете на тврда подлога, но при тоа внимавајте ’рбетниот столб да ви биде исправен. Затворете ги очите и фокусирајте се на дишењето. Доколку сте почетници можеби ќе ви биде тешко да ги контролирате мислите, тие ќе навираат една по друга. Дишете нормално, меко и опуштено. Дозволете вашите чувства да се фокусираат врз телото. Кога ќе успеете да го достигнете степенот на целосно смирување, задржете се во него од 5 до 10 минути на почетокот, а потоа зголемувајте ги интервалите. Вежбите можат да бидат контрола и регулација на дишењето, ограничување на вниманието од одредени проблеми или надворешни дразби.
Насочување на мислите
Додека медитирате искреирајте си своја мантра и мислете на позитивни и убави работи. Кога вдишувате внесувајте си позитивна енергија, а кога издишувате сета негативна енергија исфрлете ја од себе. Или едноставно, сугерирајте си „Вдишувам здравје, издишувам болест“ или „Вдишувам светло, издишувам немир“. Останете во таа положба колку што ви е потребно, а потоа полека будете се, отворете ги очите и протегнете се. Ефектите ќе ги почувствувате веднаш по првата медитација.
Медитација на работа
Можеби медитацијата не е на врвот на листата обврски кои треба да ги исполните на вашиот претпоставен. Но, наместо во слободното време да испушите една цигара или да испиете едно шолја кафе, одвојте 5 минути за медитација. Со тоа ќе си ја зголемите продуктивноста и ќе го исфрлите
стресот насобран од текот на работниот ден. Едно истражување покажало дека вработените кои медитираат имаат многу помала количина на „стрес“ хормонот. Сконцентрирајте го погледот кон одреден предмет кој ви е на видик и ослободете ги мислите.