Третман на болка кај малигни болести со невролиза

Еден од најчестите симптоми кај пациентите со малигни заболувања е неподносливата болка, која најчесто се појавува во дел од грбот и горниот дел од стомакот. Овој вид болка што не престанува претставува сериозен проблем и значително го нарушува квалитетот на нивниот живот. Проф. д-р Зоран Трајковски, специјалист по радиологија, ја објаснува постапката невролиза – метод што се применува како третман за намалување на болката кај пациентите со малигни болести.

Методата невролиза има долгогодишна историја на примена која почнала уште од 1914 година. Целијачниот плексус или сплет на нервни ганглиони се наоѓа скриен во абдоменот пред аортата, под целијачните крвни садови и над мезентеријалните крвни садови. Самата негова анатомска позиција е предизвик за третман, па затоа е потребна голема прецизност за изведување на интервенцијата.

СЕ ПРАВИ НЕВРОЛИЗА?

Невролизата се прави ако пациентот има постојана болка која не може да се третира на друг начин. Најчести причини се панкреатичен, желудочен, езофагеален, малигном кој потекнува од билијарното стебло или малигни тумори лоцирани во лимфните јазли. Оваа постапка не треба да се прави ако пациентот има некоректибилна коагулопатија или намален број тромбоцити, поради големиот ризик од крвавење, но и ако пациентот има аневризма на аортата или невообичаено излезиште на целијачните артерии.

ИЗВЕДБА НА ПОСТАПКАТА

Постапката се изведува со претходна подготовка и анатомска студија на регијата што треба да се пунктира со помош на компјутерска томографија. Позицијата на иглата се проверува со КТ-скенирање. Како тераписко невролитичко средство најчесто се употребува апсолутен алкохол. Со тенка игла се влегува во анатомската регија помеѓу целијачните крвни садови, мезентеричните крвни садови и пред аортата. Претходно пациентот треба да биде гладен и да не прима антикоагулантна терапија. Местото се обезболува и се мониторираат виталните функции.

„Интервенцијата може да се изведува со преден и заден пристап за пункција. Позицијата на иглата се проверува со повторувачки снимања. Пред да се аплицира терапиското средство, се дава контраст за докторот да биде сигурен каде е со иглата. Потоа се аплицираат од 20 до 60 милилитри апсолутен алкохол. Ефектот од интервенцијата се чувствува веднаш, а најдобра потврда добиваме следното утро, кога пациентите сведочат дека првпат по долг период спијат без болка“, вели проф. д-р Трајковски.

Проф. д-р Трајковски истакнува дека ова ослободување од болката не значи само подобрување на квалитетот на животот кај пациентот, туку има длабоко позитивно влијание и врз целото семејство, кое е постојано вклучено во процесот на грижа и поддршка. Намалувањето на болката носи мир, олеснување и психолошка стабилност и кај најблиските, овозможувајќи поквалитетно заедничко време и поголема сила во справувањето со болеста.

 „Пациентот по интервенцијата треба да лежи во кревет 8 до 12 часа и да биде под постојан мониторинг на виталните функции и крвниот притисок бидејќи постои ризик ако пациентот стане, крвниот притисок да падне. Се следат и срцевата и респираторната функција“, вели проф. д-р Трајковски.

ДАЛИ СЕ ПРАВИ ИНТЕРВЕНЦИЈАТА И НА ДРУГО МЕСТО КАДЕ ШТО ИМА БОЛКА?

Една од најчестите други локализации е малата карлица, каде што се прави невролиза на хипогастричниот плексус. Главни индикации се малигни болести лоцирани во малата карлица, кои се во напреднат стадиум, но и болка од бенигни хронични процеси, како на пр. простатит, цистит и сл.

КОМПЛИКАЦИИ

Можноста од компликации е помала од 2%. Најчеста компликација што се јавува е привремена болка која се регулира со аналгезија и која се дава веднаш по интервенција. Исто така, како компликација е и можен пад на крвниот притисок, дијареја и сл.

„Ако се следи бенефитот од методата, успешноста е од 70 до 90%, согласно со светските стандарди и значително се намалува употребата на класичните средства за намалување на болката. Самата интервенција е доволна да се ослободат пациентите од непријатната состојба која го намалува квалитетот на живот. Третманот се изведува само еднаш, а ефектот е траен“, објаснува проф. д-р Трајковски.

ИДНИНАТА НА ТРЕТМАНОТ НА БОЛКА – КРИОНЕВРОЛИЗА

Проф. д-р Трајковски вели дека крионевролиза се прави со помош на апаратот за криоаблација, со тоа што се користат посебни антени за крионевролиза. Интервенцијата се води со КТ или ултразвук. Ефектот е сличен на класичната невролиза, но полето на интервенции е доста пошироко, како на пр. интеркостална невралгија, перирадикуларна невралгија и сл. Станува збор за тимска работа во која задолжителен дел од медицинскиот тим е анестезиологот. Тој се грижи за правилната подготовка, мониторирање и одржување на стабилноста на пациентот за време на процедурата.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!