Колку што порано ќе се открие ракот на дојка, толку се поголеми шансите за негово излекување. Д-р Изабела Божиновска, специјалист по радиодијагностика, истакнува дека редовните превентивни прегледи на дојка овозможуваат откривање на карциномот на дојка во ран стадиум кога жената не чувствува никаков симптом. „Над25-годишна возраст треба да се започне со редовни ехо-прегледи, а помеѓу 36. и 40. година да се направи првата базична мамографија. Препораките се мамографијата превентивно да се повторува на две години, а ехото секоја година“ – објаснува доктор Божиновска.
Првата мамографија може да се направи и порано, за додијагностицирање на сомнителни лезии детектирани на ехо, како и кај пациентки со семејна историја на рак на дојка, кои треба да направат мамографија 10 години пред возраста на која бил дијагностициран блискиот сродник т.е ако мајката се соочила со оваа дијагноза на 43 г., ќерката треба да започне со мамографски скрининг на 33 г.
„Ултразвучниот преглед е примарен метод за преглед на млади пациентки. Особено е важен за анализа на дојки со густ жлезден паренхим, овозможува диференцијација на цисти од солидни промени и евалуација на лимфните жлезди во пазувите. Ехото може безбедно да се примени кај бремени жени и доилки затоа што не користи јонизирачко зрачење. Мамографскиот преглед е златен стандард за рано откривање на карцином на дојка. Прегледот со мамографија не треба да се одбегнува. Новите дигитални мамографи користат ниска зрачна доза, нудат поголем комфор со контролирана компресија и висока резолуција, која овозможува детекција и прецизна анализа на микрокалцификатите, кои се асоцирани со рак на дојка“ – објаснува д-р Божиновска.
Мамографијата е радиолошка метода, која се користи во организираните скрининг-програми. Скрининзите во некои земји започнуваат од 36 години, а во други држави жените се повикуваат на 40 или 50-годишна возраст. „Од особена важност се едукацијата и разбивањето на митовите дека мамографијата е непотребна или неподносливо болна за одзивот на скрининзите да не биде низок“ – вели д-р Божиновска.

„При постоење на повеќе ризик-фактори, како на пример, 2 или повеќе членови во фамилијата со карцином на дојка, докажана генетска мутација (BRCA1 или 2), многу густ жлезден паренхим, претходна операција на дојка, долготрајна употреба на хормони или ин витро фертилизација- временскиот интервал на редовни прегледи е пократок, а дополнително кај некои високоризични пациенти се прави и магнетна резонанца“ – објаснува д-р Божиновска.
Магнетната резонанца е методасо многу висока сензитивност кон малигни промени со реферирани вредности до 100%. Прегледот кај пациентки што имаат редовен менструален циклус најдобро е да се направи од 5 до 14 ден. Индикации за изведување на МР на дојки се: додијагностика на абнормалности забележани на ултразвук и мамографија, скрининг на високоризични пациенти, предоперативен стејџинг, оценка на одговор на спроведена неоадјувантна хемотерапија, диференција меѓу лузна и карцином, детална анализа на силиконски импланти.
„При наод на нова сомнителна промена или група калцификати, за поставување на дефинитивна дијагноза се прави биопсија. Доколку патохистолошки се дијагностицира карцином на дојка, третманот треба да биде персонализиран, базиран врз одлуки донесени мултидисциплинарно од специјалисти од повеќе области, кои го одредуваат најефикасниот план за лекување“ – објаснува д-р Божиновска.
„Да не се заборави и самопрегледот. Тој треба да се започне околу 20 годишна возраст и да се практикува редовно еднаш месечно. Најдобро е да се направи 2 дена по завршување на менструалното крвавење , а кај жените што немаат циклус секој месец на ист датум“- додава др. Божиновска.
Промени што може да се забележат при самопреглед се: грутка во градата која претходно ја немало, вовлекување на брадавицата, промени во формата на градата, црвенило со оток и болка, задебелување на кожата (како кора од портокал), оток во предел на пазувите или спонтан исцедок од брадавка (безбоен или крвав). Доколку се нотира која било од овие промени, потребно е навремено да се закаже преглед.
„При појава на некаков симптом во тек на бременост или поспартум/ во период на лактација, прегледот на дојки не треба да се одбегнува. Ултразвукот е безбедна метода од избор за дијагностика и контрола на овие пациентки. Кај мастити што не реагираат на антибиотска терапија треба да се има предвид инфламаторниот карцином. Секоја сомнителна промена треба да се доиследи. Биопсијата не е контраиндицирана“ – објаснува д-р Божиновска.
„Прегледите на дојка не треба да нѐ плашат, да ги одложуваме или одбегнуваме. Грижата за сопственото здравје треба да ни биде приоритет. Прегледот на дојка е мал чекор што може да се направи денес за да се спречат големи грижи во иднина“ – заклучува д-р Божиновска.


