Кардиоваскуларните болести ги зафаќаат срцето и крвните садови и можат сериозно да ги нарушат работата на срцето и протокот на крвта. Според д-р Ивана Јовановска-Христова, специјалист по кардиологија, симптоми како стегање или болка во градите, болка во рацете, грбот или вратот, замор, вртоглавица и отежнато извршување физички активности не треба да се игнорираат, бидејќи можат да бидат предупредувачки знаци за срцево заболување.
Ризикот од кардиоваскуларни заболувања се зголемува по 40. година, но денес сè почесто се јавуваат и кај помлади лица, особено кај луѓе со висок крвен притисок, покачен холестерол, дијабетес, пушачки навики, прекумерна тежина, физичка неактивност или генетска предиспозиција. Доволен е и само еден ризик-фактор за да се зголеми опасноста од сериозни кардиоваскуларни компликации.
Со навремени кардиолошки испитувања како ЕКГ, ехокардиографија, коронарен стрес- тест и доплер на крвните садови, може рано да се откријат скриени заболувања и навреме да се започне со превенција или лекување.
„Со ултразвук на екстракранијалната циркулација и доплер на крвните садови, се добива јасна слика за кардиоваскуларното здравје и ризикот од атеросклероза. Овие прегледи овозможуваат навремено откривање на нарушувања во циркулацијата, стеснувања на крвните садови и промени во протокот на крвта“, вели д-р Јовановска-Христова.
Доплерот на крвните садови е брза, безболна и прецизна дијагностичка метода, која не користи зрачење и претставува важна алатка во современата кардиологија. Прегледот се препорачува како дел од редовен кардиоваскуларен скрининг, особено кај лица со симптоми како вртоглавица, нестабилност, заматен вид, темни точки во видното поле или варијации на крвниот притисок. „Навремената дијагноза може да спречи сериозни компликации и значително да ги подобри квалитетот и должината на животот“, потенцира д-р Јовановска-Христова.




