Во текот на летниот период во ургентните центри се забележува зголемен број пациенти, како резултат на комбинација од високи температури, зголемена физичка активност, патувања и сезонски инфекции.
Дополнителен фактор што придонесува за зголемена фреквенција на пациенти за време на овој период е и сезонското враќање на иселениците од странство за време на годишните одмори, со што привремено се зголемува бројот на лица кои престојуваат во регионот и соодветно се зголемува потребата од итни здравствени услуги.
ТОПЛОТЕН БРАН И СОСТОЈБИ ПОВРЗАНИ СО ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ
Д-р Мартин Магденоски, доктор по општа медицина и дел од медицинскиот тим на Адултен ургентен центар во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели дека со доаѓањето на летото и порастот на температурите, ургентните центри бележат значително зголемување на бројот на пациенти кои бараат итна медицинска помош за состојби предизвикани од изложеност на топлина. Најзагрозени се: постарите лица, децата, хронично болните пациенти и лицата што работат на отворено.
„Клиничката слика кај овие лица вклучува симптоми како што се: силна жед, сува кожа и слузници, изразита малаксаност, вртоглавица, главоболка, гадење и чувство на општа слабост. Дехидратацијата е една од најчестите дијагнози во летните месеци. Поради прекумерното потење, организмот губи значителни количини вода и електролити, што може да доведе до нарушување на нормалното функционирање на повеќе органски системи. Доколку не се препознае и третира навреме, дехидратацијата може да предизвика колапсни состојби, нарушување на свеста и сериозни компликации. Во вакви ситуации е потребна брза медицинска проценка, со цел исклучување на посериозни здравствени состојби“, објаснува д-р Магденоски.
Според докторот, особено сериозна состојба е топлотниот удар, кој се манифестира со значително покачена телесна температура, нарушување на свеста, конфузност и потенцијално животозагрозувачки компликации. Станува збор за медицинска итност која бара неодложен третман и болничко следење. Затоа лекарите препорачуваат избегнување подолг престој на отворено во најтоплиот дел од денот, редовен внес на течности, носење лесна и светла облека, како и посебна грижа за постарите лица и пациентите со хронични заболувања. Превенцијата останува најдобрата заштита од последиците на високите летни температури, бидејќи со почитување на основните препораки голем дел од состојбите што доведуваат до посета на ургентните центри можат успешно да се спречат.
ВЛОШУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНАТА СОСТОЈБА КАЈ ЛИЦА СО ХРОНИЧНИ ЗАБОЛУВАЊА ВО ЛЕТНИОТ ПЕРИОД
Летните горештини не носат ризик само од топлотен удар и дехидратација, туку можат значително да ги влошат и хроничните заболувања. Во ургентната практика, голем дел од интервенциите во овој период се поврзани токму со декомпензација на веќе постојни здравствени состојби.
Според д-р Магденоски, најранливи се пациентите со дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), срцева слабост и хронични бубрежни заболувања. Кај нив, дури и помали промени во надворешните услови можат да доведат до сериозно влошување на здравствената состојба.
ДИЈАБЕТЕС
Високите температури можат да влијаат врз регулацијата на шеќерот во крвта. Дехидратацијата, промените во исхраната и намалената физичка активност или, напротив, зголемениот напор на топло време можат да доведат до флуктуации на шеќерот во крвта. Дополнително, кај дел од пациентите е намалено чувството за жед, што го зголемува ризикот од дехидратација и метаболичка декомпензација.
ХОББ – ОТЕЖНАТО ДИШЕЊЕ И НАМАЛЕНА ТОЛЕРАНЦИЈА НА ТОПЛИНА
Пациентите со ХОББ се особено чувствителни на високите температури и зголемената влажност на воздухот. Во летниот период дополнителен ризик претставуваат загадениот воздух и прашината. Како последица, често се јавуваат: отежнато дишење, засилена кашлица и намалена физичка издржливост. Зголемената социјална активност и патувањата, пак, го зголемуваат ризикот од респираторни инфекции, кои дополнително можат да ја влошат основната болест.
СРЦЕВА СЛАБОСТ
Кај пациентите со срцева слабост, високите температури предизвикуваат проширување на крвните садови и дополнително оптоварување на срцето. Во комбинација со дехидратација и нарушен електролитен баланс, тоа може да доведе до влошување на симптомите како: отежнато дишење, замор, отоци на нозете и намалена толеранција на физички напор.

БУБРЕЖНИ ЗАБОЛУВАЊА
Лицата со хронични бубрежни заболувања се особено чувствителни на нарушувања на електролитниот баланс. Прекумерното потење и недоволниот внес на течности можат дополнително да ја оптоварат бубрежната функција, што често резултира со електролитни дисбаланси, покачени вредности на креатинин и влошување на општата состојба.
„Превенцијата е клучна за успешно справување со хроничните заболувања во летниот период. Пациентите треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, да избегнуваат изложеност на највисоките дневни температури и да внесуваат доволно течности. Особено важно е редовното следење на здравствената состојба и навремено јавување кај матичен лекар или во ургентен центар при појава на нови или влошени симптоми“, посочува д-р Магденоски.
Со соодветна грижа, контрола и превентивни мерки, пациентите со хронични заболувања можат безбедно да го поминат летниот период и да го намалат ризикот од сериозни компликации.



