ПЕРФУЗИОНИСТОТ – ТИВКАТА СИЛА ВО КАРДИОХИРУРГИЈАТА
Постојат моменти во медицината кога срцето намерно запира. Моменти во кои животот се наоѓа помеѓу тишината на операционата сала и надежта дека повторно ќе се слушне ритамот на срцевите удари. Во тие моменти, кога времето станува најголемиот предизвик, постојат професионалци кои тивко, прецизно и без право на грешка ја одржуваат границата помеѓу животот и смртта – перфузионистите. Додека вниманието најчесто е насочено кон кардиохирургот, зад секоја успешна операција на отворено срце стои уште еден клучен професионалец. Перфузионистот е човекот што, во најкритичните моменти, ја презема функцијата на срцето и белите дробови преку уредот за екстракорпорална циркулација. Кога срцето привремено престанува да чука за да може да биде оперирано, перфузионистот ги одржува циркулацијата, оксигенацијата и виталните функции на пациентот.
Перфузионистот претставува клучен, но често недоволно видлив член на кардиохируршкиот тим, вели Петар Трајковски, перфузионист. Неговата улога е незаменлива при сите кардиохируршки интервенции кои бараат употреба на кардиопулмонален бајпас. Тоа ги вклучува коронарните бајпас-операции, валвуларните замени и реконструкции, хирургијата на аортата, како и сложените педијатриски и неонатални интервенции. Во овие моменти, кога срцето намерно се стопира за да се овозможи прецизна хируршка интервенција, перфузионистот станува „вештачко срце и бели дробови“ на пациентот – одржувајќи ги циркулацијата, оксигенацијата и хомеостазата. Тоа не е само техничка задача, туку огромна одговорност која бара врвно знаење, искуство, постојана концентрација и способност за брзо донесување одлуки.
„Улогата на перфузионистите кои водат екстракорпорална циркулација за кардиохирургија е од големо значење, поради тоа што и самиот факт дека кога е измислена оваа метода на циркулација довело до развој во кардиохирургијата. Перфузионистите прават една исклучителна важна работа каде што со своето знаење и соодветна машинерија во моментот кога се прекинува работата на срцето и белите дробови, тие го одржуваат пациентот во живот, за да може хирургот мирно да работи, што има огромно значење во текот на интервенцииите. Освен тоа, тие се грижат и со ‘спасувањето на крвта’, за што се јавува потреба доколку се случи ненајдено крвавење кај пациентите. Исто така, работат и со апартатите за ултрафилтрација и ECMO“ – објаснува проф. д-р Александар Николиќ, специјалист по кардиохирургија.
МИОКАРДНА ЗАШТИТА – НАУКА И УМЕТНОСТ
Протекцијата на миокардот претставува една од најзначајните компоненти во кардиохирургијата. Преку администрација на кардиоплегични раствори и контролирана хипотермија, срцето се доведува во состојба на безбедна и реверзибилна неактивност. Овој процес бара длабоко познавање на анатомијата, физиологијата и патофизиологијата, како и постојано следење и приспособување на параметрите, со цел да се обезбеди оптимална заштита и зачувување на миокардната функција. Еден од најфасцинантните аспекти на кардиохирургијата е токму моментот кога срцето мирува, а животот продолжува. Во таа контролирана тишина, кардиопулмоналниот бајпас ја презема улогата на витален органски систем. Перфузионистот управува со протокот на крв, гасната размена, метаболичките потреби на организмот и телесната температура, одржувајќи стабилност во средина каде што секоја промена може да има сериозни последици. По завршувањето на хируршката интервенција, срцето повторно се активира. Овој момент претставува клинички и симболичен премин – од механичка поддршка кон природна функција. Перфузионистот внимателно го води процесот на одвојување од вонтелесниот крвоток, следејќи ја реакцијата на срцето и обезбедувајќи стабилна и безбедна транзиција. Тоа е момент кога науката, технологијата и искуството се спојуваат во една цел – безбедно враќање на пациентот кон живот. Професијата перфузионист е една од најмалку видливите, а воедно и една од најодговорните професии во медицината. Перфузионистите ретко се во центарот на вниманието, но нивната улога е незаменлива. Тие се дел од секоја комплексна кардиохируршка процедура, ECMO-поддршка, интрааортална балон-пумпа, трансплантации, “cell saving” техники, континуирана хемодијафилтрација и бројни интервенции каде што технологијата и човечката стручност мора да функционираат совршено заедно. Особено значајно е да се истакне дека само 10-15% од перфузионистите во светот работат со перфузија кај возрасни и неонатални пациенти, што дополнително ги нагласува комплексноста и спецификата на оваа професија. Притоа „Аџибадем Систина“ се вбројува во 15% болници во светот кои работат и адултна и неонатална кардиохирургија.
„Перфузионистите се еден од најважните, но често најтивките столбови во кардиохируршкиот тим. Во операциона сала, кога срцето за момент мирува, нивната работа станува животна линија за пациентот. Тоа бара огромно знаење, концентрација, смиреност и доверба. Во детската кардиохирургија успехот никогаш не е дело само на еден човек, туку на тим кој дише како едно. А перфузионистите се токму таков дел од тимот – тивки, прецизни и незаменливи“ – објансува проф. д-р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија, супспецијалист по детска кардиохирургија. Зад секоја успешно завршена операција, зад секое семејство кое повторно добило надеж и зад секој пациент кој повторно отворил очи по сложена кардиохируршка интервенција, стои и еден перфузионист. Во свет во кој најчесто се препознаваат највидливите, перфузионистите остануваат тивките херои на кардиохирургијата – невидливи за многумина, но незаменливи за секој пациент чие срце добило нова шанса за живот.
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ работат тројца перфузионисти, сертифицирани членови на Европскиот борд за кардиоваскуларна перфузија: Петар Трајкоски, Сашо Стоилов и Никола Тодороски. Тие со години активно и рамноправно учествуваат во европските професионални текови, едукации и конгреси. Преку Македонското здружение на перфузионисти, на чело со претседателот Петар Трајкоски, континуирано се работи на професионален развој, едукација и унапредување на перфузијата во нашата држава, следејќи ги современите европски и светски стандарди и воведување на последните упатства на кои како болница сме оценувачи.


