КОГА И ЗОШТО ПЛАЧЕ БЕБЕТО – СТОМАЧНИ КОЛИКИ (ГРЧЕВИ)

СТОМАЧНИ КОЛИКИ – ЧЕСТА ПРИЧИНА ЗА ПЛАЧЕЊЕ, НО И ЗА ПОСЕТА НА ПЕДИЈАТАР

Статистички гледано, бебињата најмногу плачат во првите 3-4 месеци, а плачењето во просек е 2-3 часа дневно, секако со индивидуални разлики. Во текот на денот бебето плаче повеќепати во должина од 5 до 10 минути, но постои и интензивен плач кој трае повеќе од 2 часа, најчесто поради стомачни или инфантилни колики кои се и најчеста причина за посета на педијатриска амбуланта во првите месеци.

 Д-р Симонида Спасевска, специјалист по педијатрија објаснува дека стомачните колики се јавуваат по втората недела, а траат до третиот месец и почести се во текот на попладневните часови. Проследени се со силно неутешно плачење, грчење на телото, собирање на нозете накај стомачето и може да траат со часови. Таквите епизоди може да се придружени со постојано барање храна, но тоа само уште повеќе ги влошува симптомите. Бебето ќе стане прејадено, ќе бљуцка или ќе повраќа, а постојаното присуство на храна во цревата дополнително ќе ја влоши состојбата со гасовите. Статистички гледано, 21-26% од бебињата имаат грчеви во првите месеци од животот. Нема предилекција меѓу половите.

Етиологијата на коликите е сè уште нејасна до крај. Ако се отстранат некои органски состојби, кои го засегаат системот за варење (гастроезофагеален рефлукс, аномалии на цревата, алергија на протеини на кравјо млеко, нетолеранција на лактоза и сл.), тогаш како можни причини се сметаат хиперсензитивност на гастроинтестиналниот тракт, невролошка незрелост, неправилни техники на доење/хранење (голтање воздух).

 „При такви епизоди на врескање и вознемиреност, најважно е родителите да останат смирени и да имаат предвид дека нивното бебе е здраво, а дека коликите се од минлив карактер. Физичките методи на смирување како масажи, топли облоги, правилно хранење, ставање на бебето на стомаче или на градите на родителот, дејствуваат смирувачки. Покрај тоа, на пазарот постојат бројни препарати во облик на капки, кои можат да помогнат во ублажување на симптомите“, советува д-р Спасевска.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!