ТЕМПЕРАТУРАТА НЕ Е СЕКОГАШ ПРИЧИНА ЗА ПАНИКА, А АНТИБИОТИКОТ НЕ Е ПРЕВЕНЦИЈА – ШТО ТРЕБА ДА ЗНААТ РОДИТЕЛИТЕ

Со почетокот на есента се зголемува и бројот на вирусни инфекции кај децата, а со тоа расте и загриженоста кај родителите. Кашлицата, затнатиот нос и покачената телесна температура често се причина веднаш да се побара лекарска помош или да се започне со терапија. Меѓу најчестите причинители се вирусите на инфлуенца, коронавирусите, аденовирусите и риновирусите. Најголемиот дел од овие инфекции ги зафаќаат горните дишни патишта и најчесто поминуваат без посериозни компликации.

Според д-р мед. науки Сајковски, специјалист по педијатрија, една од најважните работи што родителите треба да ја знаат е дека кај вирусните инфекции антибиотиците немаат ефект. Тие се наменети за лекување бактериски инфекции и треба да се применуваат само кога за тоа постои јасна медицинска индикација.

„Антибиотикот не треба да биде првиот чекор во лекувањето Кај вирусна инфекција тој не делува и не го скратува траењето на болеста. Антибиотик е потребен само кога ние, лекарите ќе процениме дека станува збор за бактериска инфекција. Слично важи и за покачената температура. Иако таа често ги загрижува родителите, сама по себе не значи дека состојбата е опасна. Температурата е еден од механизмите со кои организмот се бори против инфекцијата, па затоа одлуката за терапија не треба да се носи исклучиво според бројката на термометарот“, објаснува д-р Сајковски.

Според него, многу поважно е како изгледа и како се однесува детето. Ако е контактно, внесува течности и дише нормално, состојбата најчесто може внимателно да се следи со совет од педијатар. Ако, пак, е изнемоштено, тешко дише, одбива течности, температурата е многу висока или симптомите се влошуваат, потребна е лекарска проценка. Тој додава дека уште една честа грешка е родителите да започнат терапија според сопствена проценка.

„Особено треба да се избегнува превентивно давање антибиотици, што останале од претходно лекување. Освен што нема корист, таквата практика придонесува за појава на бактерии отпорни на антибиотици“, вели д-р Сајковски.

Тој советува да се обрне посебно внимание и со суплементите. Во периодот на настинки често се посегнува по повеќе витамини и препарати за „зајакнување на имунитетот“, но нивната употреба треба да биде оправдана. Основата на добрата исхрана сепак останува разновидната храна и редовниот внес на потребните хранливи материи.

Исто така, родителите често прашуваат и дали секое разболување треба да биде проследено со крвна слика и брисеви. Одговорот е – не. Клиничкиот преглед и анамнезата многу често се доволни за педијатарот да процени каков третман е потребен, а лабораториски анализи се прават кога постои конкретна медицинска причина.

„Не секоја инфекција бара и крвна слика или брисеви. Искусниот педијатар често може да ја процени состојбата врз основа на анамнезата и клиничкиот преглед, а лабораториски анализи се прават кога постои реална потреба за дополнителна проценка“, вели д-р Сајковски.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!