Колку често го забележувате изгледот на вашиот јазик и усна празнина? Доколку сè е во ред, тогаш во огледалото ќе видите одраз на розев јазик покриен со мали папили. Сите отстапки од нормалниот изглед или чувство на болка може да алармираат за одредено нарушување на здравјето и се причина да го посетите вашиот доктор или стоматолог.
Промени на јазикот
Бел јазик или бели точки на јазикот може да биде предизвикани од габична инфекција која се развива во усната празнина. Најчесто се јавува кај доенчиња и постари лица а се јавува и кај лицата со ослабен имунолошки систем. Кандидијазата е честа и кај дијабетичарите, кај пациентите со астма кои вдишуваат стероиди преку инхалација. Исто така може да се појави и после примањето на антибиотици.
Леукоплакија е состојба кога папилите во усната празнина растат што доведува до појава на бели плаки на јазикот и усната празнина. Леукоплакија може да се појави во случаи кога јазикот е иритиран, најчесто при употреба на цигари. Леукоплакијата може да биде своевидна предпојава на канцер, па затоа доколку ја забележите оваа појава во устата, разговарајте со доктор.
Црвен јазик може да значи дека имате недостаток на витамини. Најчесто ваквиот изглед на јазикот е поради недостаток на фолна кислеина и витамин од групата В (В -12). Доколку јазикот е црвен и отечен а притоа имате и висока температура можеби станува збор за појава на шарлах, затоа веднаш консултирајте се со вашиот лекар. Црвени и испукани усни заедно со јазик кој има силно црвена боја може да укаже и на ткн. Кавасаки синдром кој се јавува кај деца до 5 години и е сериозно заболување кое бара итна медицинска помош.
Ако јазикот е болен
Болка во јазикот може да се јави како резултат на траума (случајно гризнување на јазикот или изгореница). Пушењето може да го иритира вашиот јазик при што може да биде болен.
Ранички во устата исто така може да бидат причина за болка. Најчеста причина за нивна појава се смета дека е стресот. Обично поминуваат сами по себе за една до две недели. Грутка или рана на јазикот и во усната празнина кое не поминува повеќе од две недели може да биде знак за развој на орален карцином. Најчесто, оралниот карцином не предизвикува болка, затоа редовно проверувајте го јазикот и усната празнина.
Самопреглед
Направете самопреглед на јазикот и усната празнина секое утро, пред или по миењето на забите. Внесете го тоа како секојдневна утринска навика. Сите заболувања, вклучувајќи ги и болестите на усната празнина и јазикот може да се излекуваат доколку се откриени на време.