Затнат нос, болки во мускулите, слаб апетит… и сето тоа трае со денови. Последните истражувања велат дека лукот, ѓумбирот и пилешката супа се првиот избор за помош при настинка. Прочитајте ги нашите совети како најбрзо и наједноставно во домашни услови да си помогнете и да го зајакнете имунитетот.
Сок од зеленчук
Доколку не сакате да јадете салата, тогаш направете си сок од зеленчук. На тој начин телото ќе добие доза антиоксиданси кои го подобруваат имуниот систем и ќе ви дадат енергија. На здравје!
Пилешка супа
Пилешката супа помага да се изборите со сезонските вируси. Помага во хидратација на телото и ве стоплува. Истражувањата покажале дека помага на тој начин што ја подобрува одбраната на телото при контакт со микроорганизмите, посебно во делот на работата на носната лигавица која е прв контакт со вирусите и бактериите.
Лук
Доколку не можете да јадете лук, ставете го во салатата или супата и на тој начин внесете го во организмот. Зошто баш лук? Се смета дека го подобрува имуниот систем и го намалува отокот на лигавицата на носот со што го подобрува дишењето и чувството на затнатост.
Ѓумбир
Помага при болка во стомакот и чувството на гадење. Одредени студии го класифицираат како број еден храна која се бори со воспалителниот процес во телото. Ѓумбирот ќе ви даде одличен вкус на чајот, супата или зеленчуковиот сок.
Топол чај
При настинки напијте се зелен или црн чај бидејќи содржат најмногу антиоксиданси. Вдишете го топлиот чај за да ви се ослободи носот. За да ја ублажите болката во грлото, ставете во чајот лажица мед со неколку капки лимон. Доколку не ви одговара кофеинот во чајот, зелениот чај заменете го со овошен.
Банана
Во било каква форма и комбинација бананата е одличен избор, посебно кај стомачните вируси кои се придружени со повраќање, стомачни болки и дијареја.
Двопек
Двопекот во комбинација со пилешка супа ќе ви помогне да внесете храна во деновите кога немате воопшто апетит.
Кога да побарате помош?
Доколку симптомите на настинка траат подолго од пет до седум дена и немате подобрување на состојбата, обратете се кај својот доктор.