Првите три месеци од бременоста се многу важен период во развојот на плодот. Започнуваат две недели по зачнувањето и трае следните три месеци. Преставува многу нестабилен период во бременоста, бидејќи е најголем ризикот од спонтани абортуси. Затоа и многу идни родители чекаат да помине овој период пред да ја објават радосната вест.
Првите две недели од бременоста
Можеби звучи чудно, но всушност вие не сте трудни во првите 2 недели од времето кое е вкалкулирано во вашата бременост. Да добро прочитавте! Токму поради тоа честопати трудниците погрешно ја калкулираат неделата во која се наоѓаат, сметајќи од времето кога требало да добијат менструација, а не добиле, или од времето кога тие мислат дека се случил односот кој довел до бременоста.
2-4 недела, период на фертилизација и имплантација
Вашата јајце клетка и сперматозоидот од вашиот партнер се соединуваат во еден од двата јајцеводи на матката и формираат една клетка – почетна точка, од која следуваат голем број неверојатни настани. Овој процес е наречен фертилизација. Таа почетна клетка има 46 хромозоми, 23 од вас и 23 и од вашиот партнер. Таа единствена, микроскопски видлива клетка се дели повторно и повторно и во 40 недела од бременоста тоа е веќе нова личност створена од повеќе од 2 трилиони клетки – вашето убаво женско или машко бебе. По фертилизацијата клетката патува надолу по јајцеводот кон матката. Во исто време таа рапидно се дели. Внатрешната група клетки ќе формира ембрион, а од надворешната ќе се формираат мембраните кои служат за негова исхрана и заштита. Четири до пет дена од фертилизацијата е моментот кога оваа топка од клетки ќе дојде до матката, сега веќе се нарекува бластоциста. Надворешната група на клетки на бластоцистата, ќе се прикрепи за внатрешниот ѕид на матката, процес кој се вика имплантација. При вгнездување на бластоцистата во ѕидот на матката кај некои жени можно е да настапи многу оскудно крвавење, кое се нарекува како имплантационо крвавење. Истото не е причина за загрижување, а некои жени често погрешно го толкуваат како менструација. Се појавуваат раните симптоми на бременоста (умор, осетливи гради, мачнини, зголемен осет за мирис, зголемена температура) и лабораторискиот тест за бременост е позитивен.
Во петтата недела започнува ембрионалниот период
Во 5-тата недела, започнува периодот во кој мозокот, рбетниот столб, срцето и останатите органи на ембрионот започнуваат да се формираат. Првите отчукувања на срцето на ембрионот се случуваат во оваа недела. Фолната киселина се препорачува да ја земате уште од самиот почеток, а подобро и пред зачнувањето. Таа претставува витамин Б9, кој доколку се употребува во бременоста помага, рбетниот канал на вашето бебе правилно да се развие и затвори, a со тоа се спречуваат 50-70% од аномалиите на невралната туба.
Се појавуваат вообичаените симптоми: гадење, надуен стомак, повраќање, утринска мачнина. За да ги ублажите овие симптоми имајте 5 или повеќе лесни оброци со количински помала но квалитетна храна. Пијте многу течности. Избегнувајте благо, тестенини и газирано. Нив заменете ги со супи, риба, добро сварено месо, добро измиен зеленчук, ѓумбир, чаеви и вода.
5-10 недела, ембрионален период и органогенеза
Во овој период ембрионот се храни од хорионот, додека плацентата не ја преземе својата функција. Виталните органи се развиваат. Ова е најчувствителната фаза од развојот на плодот. Тоа подразбира максимално избегнување на сите штетни фактори, почнувајќи од лекови, алкохол, цигари, хемикалии, вакцини па се до инфекции со микроорганизми. Од осмата недела рацете и нозете на вашиот ембрион веќе се издолжуваат и стануваат се повеќе дефинирани, прстите започнале да се формираат. Очите на ембрионот се веќе видливи. Срцето пумпа со 150 удари во минута, двојно побрзо отколку кај нормален возрасен човек. До крајот на оваа недела вашиот ембрион е долг 11 до 14 милиметри, а тежок е околу 1 грам.
Во десетта недела ембрионот официјално станува фетус
Во овој период се намалуваат мачнините и гадењето, но може да се појават желудочни киселини и главоболки. Опасноста од спонтан абортус е помала и со секој нареден ден е се помала. Бебето голта течност и се движи. Виталните органи: бубрезите, цревата, мозокот и цр
ниот дроб почнуваат да функционираат, иако својот развој ќе го продолжат со тек на бременоста. Очните капаци се формирани и очите изгледаат затворено, такви ќе останат до 26-тата недела од бременоста. Мозок сега расте многу побрзо. Во оваа недела фетусот има 3,5 см и е тежок 4 грама.
Единаеста недела, брз раст на фетусот
Од оваа недела до 20-тата недела (средината на бременоста), вашето бебе ќе ја зголеми тежината 30 пати, а должината 3 пати. Должина околу 5 см, тежина околу 8 грама.
Дванаеста недела, крај на првиот триместар
Кај вашето бебе се развиваат нокти. Лицето на вашето бебе веќе добива човечки профил. Плацентата почнува со својата функција и преку папчаникот носи до плодот хранливи материи потребни за раст и развој. Рефлексните движења се развиваат. Ако го притиснете вашиот стомак, вашето дете ќе се раздвижи. Должина 6 см, тежина 14 грама. Крајот на оваа недела го означува крајот на првиот триместар.
Внимание! – Во периодот од 11 до 14 недела е особено важно вашето бебе да биде детелно прегледано на ултразвук. Тој преглед е со цел за навремено откривање на бебиња кои имаат зголемен ризик за хромозомски болести. При тој преглед освен што се следи основната анатомија на бебето и мерките на бебето, се детектира и нухалната транслуценца – мала количина на течност под кожата зад вратот на бебето. Докажано е дека зголемена нухална транслуценца(над 2,5 мм) е поврзана со зголемен ризик од Даунов синдром. Наведената промена најчесто природно исчезнува по 14-та недела и доколку овој преглед се пропушти, се пропушта податок за можно постоење на хромозомска болест, која за жал е неизлечива и е причина за навремен прекин на бременоста. Освен нухалната транслуценца се следат и носната коска, аголот на лицето на бебето, протокот низ одредени крвни садови на плодот. Овој преглед треба да го изврши сертифициран гинеколог со добар ултразвучен апарат.