Генетските предиспозиции се клучни за појава на карцином на гради кај посилниот пол. Дури 30% од мажите со карцином на гради имаат семејна историја на ова заболување.Најчести ризик фактори за појава се неспуштени тестиси или повреда на тестисите, хируршко отстранување на тестис (орхиектомија) и употребата на естроген.
Карциномот на дојка најчесто се поврзува со понежниот пол, но од ова заболување не се поштедени и мажите. Се јавува значително поретко кај машката популација и се сретнува во околу 1% од случаите. Д-р Славица Кралева, специјалист по онкологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ вели дека карцином на гради кај мажите најчесто се појавува по 60 годишна возраст, а како најчеста причина ја посочува семејната историја. Таа појаснува дека повеќе ризик фактори може да доведат до ваков вид на малигно заболување, како постоење на болести кои доведуваат до зголемено ниво на естрогени во организамот, изложеност на радијација, мутација на БРЦА 1 и БРЦА 2 гените или друг вид на генетски мутации. Сите типови на карциноми на гради кои се јавуваат кај жените може да се јават и кај мажите – лобуларен, дуктален тип на карцином, паџетова болест на брадавката и инфламаторна болест на градата.
Во случај на зголемување на градите итно посетете лекар
Првиот симптом при карцином на гради кај мажите најчесто е палпабилна грутка или мала раничка на брадавката, зацрвената кожа на градата која личи на кора од портокал. Други симптоми се вовлечена брадавка, осип кој чеша и иритира, како и нагла промена во телесната тежина, особено во делот на колковите и стомакот што може да е последица на покачено ниво на естроген во организмот. Високото ниво на естроген исто така може да предизвика растење на градите – сето ова претставува аларм за мажите итно да се јават на лекарски преглед, советува д-р Кралева. Дијагнозата исто како и кај жените се поставува со мамографски, ехотомографски процедури, како и со биопсија на грутката. Д-р Кралева укажува и на важноста од брзата и точна дијагноза, бидејќи, како што вели, колку порано се дијагностицира канцерот на града, толку поголеми се шансите за целосно излекување.
Лекување и третман со најсовремена апаратура во „Аџибадем Систина“
Центарот за онкологија и радиотерапија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремена технологија за третирање на ова малигно заболување, индивидуален пристап во лекувањето. Д-р Славица Кралева вели дека лекувањето на крциномот на гради кај мажите зависи од стадиумот на болеста и природата на туморот. По спроведениот хируршки третман следува онколошкиот третман, кој може да биде системски (хемотерапија, хормонска терапија, биолошка терапија) и локален (радиотерапија).
Како и сите малигни болести така и и карциномот на гради кај мажите може да се повтори локално на градата или пак на некој друг орган. Начесто тоа се коските, црниот дроб, белите дробови и мозокот. Затоа секое рано откривање на оваа болест води до успешно лекување со излекување и помал ризик од повторување на болеста.