Оваа зима уживајте во придобивките кои ги нуди тиквата, која е богат извор на витамини и минерали. Од друга страна, пак, сиромашна е со калории и е лесно сварлива. Содржи 90% вода, 1,1% белковини, 0,1% масти и 5,5% јаглехидрати. Ана Антовска, нутриционист, советува дека тиквата има многу мала енергетска вредност и затоа е особено препорачлива за лицата со зголемена телесна тежина и за дијабетичари.
Тиквата како лек
Тиквата претставува добар диуретик, а се препорачува и за проблеми во желудникот, кога имате потешкотии во цревата, псоријаза. Ја зајакнува заштитната обвивка на нервите и делува смирувачки.
Богатство на витамини и минерали
Наспроти ниската калориска вредност, во жолто-портокаловите плодови е концентрирано големо богатство витамини и минерали, каротеноиди. Тиквата содржи калиум значаен за работата на срцето, фосфор и калциум кои соединети ги градат коските и забите, железото потребно за крвта, манганот кој е чувар на кожата и ’рскавицата. Богата е со бета-каротен силен антиоксиданс, но и со витамин Ц и Е, кои се чувари на младоста. Тука се и витамините Б, кои се особено значајни за енергија и за нервниот систем. Тиквата е лидер и по содржината на железо. Во својот состав има и пектини, целулоза, растителни влакна. Во 100 грама семки од тиква се содржани околу 600 калории.
Семки од тиква
Семките од тиква се одличен извор на белковини, минерали и витамини. Содржат бета-каротен, фолна киселина, калиум, фосфор и магнезиум. Преку семките ја добиваме и омега-3 масната киселина која е познат чувар на срцето, но и на видот и расположението. Чипсовите заменете ги со семки од тиква и уживајте додека го гледате вашиот омилен филм.
Масло од тиква
Уште еден производ од тиквата кој го привлекува вниманието на лекарите е маслото од тиква, кое содржи мало богатство заситени масни киселини, голем процент на бета-каротен, витамин Е и калиум. Лецитинот содржан во маслото помага за спречување на артериосклероза и позитивно делува за намалување на холестеролот во крвта. Во 100 грама масло од тиква има 900 калории. Ако се плашите од калориите, помислете дека за вкусна салата доволна е само една мала лажичка масло. Најдобро е кога е ладно цедено исто како маслиновото масло. Тиквата нека биде главен десерт кој ќе ја краси вашата трпеза секоја зима!