Нашиот тим ќе ви помогне да ја контролирате болката
Присуството на канцер не значи дека ќе чувствувате интензивна болка и дека истата ќе биде постојано присутна. Секој организам има различен степен на толеранција на болка, различна дијагноза, различен стадиум… Но, доколку чувствувате болка тоа не значи дека треба да живеете со неа. Денес постојат начини и механизми кои овозможуваат контролирање на болката со што значително ќе го подобрите квалитетот на живот.
Тргнувајќи од фактот дека секој пациент е различен, во нашиот Центар процесот за менаџирање на контрола на болката е индивидуален. Врз база на вашата здравствена состојба и стадиум на болеста се подготвува план за следење и контрола на болката. Вашиот лекар ќе ви даде инструкции како да ја контролирате болката и во домашни услови.
Планот за контрола на болката се прави пред започнување со третманот на канцерот. Доколку се водите според планот назначен од вашиот лекар, кој е најдобро запознаен со вашата состојба, ќе можете ефикасно да ја контролирате болката.
Што ја предизвикува болката ?
Самиот карцином не боли. Тој може да биде причина за болка, доколку притиска на нервите или коските. Исто така, болка се јавува кога крвните садови се блокирани од канцерот. Најчесто болката се јавува кај пациенти во напреден стадиум од болеста.
Друга причина за болка е самиот третман на канцерот: радиотерапија, хемотерапија, хирургија. Но, треба да запомните дека сите пациенти не реагираат исто на терапијата. Доколку еден пациент има болки како последица на хемотерапија, не значи дека и други пациенти ќе ја имаат истата реакција.