Витамините и минералите се хранливи материи кои мора да ги земаме преку исхраната бидејќи нашето тело не може да ги произведува. Тие му помагаат на нашето тело да функционира нормално.
Витамините се потребни за раст, развој и репродукција и се чувари на нашето здравје. Ги регулираат хемиските процеси во организмот и учествуваат во создавањето јаглехидрати, масти, протеини, како и енергија. Неопходни се и за синтеза на некои хормони.
Минералите се аноргански елементи кои ја изградуваат секоја клетка и помагаат правилно да функционира. Тие се важни за телото исто како што е важен кислородот. Неопходни се за градба на скелетот, забите, кожата, сврзното ткиво, ензимите, хормоните, црвените крвни зрнца, но и за правилна работа на срцето и нервниот систем.
Иако секојдневно ги внесуваме преку храната која ја јадеме, некој вид храна има помалку витамини и минерали од другата. Многу процеси во секојдневниот живот го намалуваат или уништуваат количеството витамини и минерали во храната – забрзано одгледување зеленчук во стаклениците, употреба на разни агротехнички мерки, преработка на храна.
Недостигот на витамини кај луѓето се јавува при одредени тегоби и болести како што се дигестивните нарушувања, кога витамините од храната не можат да се искористат. Но, и со процесот на стареење се намалува способноста за нивно искористување. Симптомите се замор, недостиг на концентрација, нервоза, раздразливост, намалување на работната способност, а потоа и здравствени проблеми.
Токму затоа витамините и минералите се клучни за секој процес што се случува во нашето тело. Тие не функционираат сами, туку во тесна соработка со други молекули во клетките. Употребата на мултивитамински препарати се препорачува кога не е можно да се спроведе правилна исхрана, кога не се обезбедуваат препорачаните количества, ако има нарушување на апсорпцијата или ако се зголемат потребите.
Затоа консумирајте големи количини овошје и зеленчук со кои ќе го зголемите внесот на витамини и минерали.