Како што годините поминуваат така и мажите претрпуваат хормонални промени, период наречен андропауза. Исто како и кај жените кои поминуваат низ менопауза, така и мажите поминуваат низ период на промени кои, за среќа, се помалку забележителни. Во овој период доаѓа до опаѓање на нивото на хормонот тестостерон, се забавува работата на метаболизмот, а се зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Овие промени можат значително да влијаат врз сексуалниот живот, расположението, концентрацијата и здравјето на простатата.
Што е андропауза и кои се симптомите?
Можеме да кажеме дека главна причина за андропаузата е процесот на стареење, но на брзината и интензитетот за симптомите влијае начинот на живот, штетните навики (пушење цигари, консумација на алкохол) и стресот.
Иако првите симптоми можат да се појават по 30. година од животот, андропаузата речиси 30 до 40% од мажите ја поминуваат во периодот од 45 до 55-годишна возраст. Кога се намалува нивото на тестостерон се јавуваат и следниве промени :
– Намален сексуален нагон
– Емоционални и психолошки промени
– Намалување на мускулната маса
– Зголемување на масното ткиво
– Ослабување на коските и болки во грбот
За да се процени субјективната состојба на пациентот се применуваат тестови за андропауза, а тестот изгледа вака:
- Имате над 50 години?
- Во последните 6 месеци ви е намалена сексуалната желба?
- Имате проблеми поврзани со слаба ерекција?
- Чувствувате намалување на мускулната снага и издржливост?
- Забележувате намалување на висината на телото?
- Не уживате во животот како претходно?
- Често сте тажни, депресивни и загрижени?
- Чувствувате недостиг на енергија?
- Веќе не се занимавате со спорт како претходно?
- Заспивате веднаш по вечерата?
- Имате болки во зглобовите и мускулите?
- Имате напади на потење?
- Уморни сте, тешко заспивате и се будите рано?
- Дали сте често напнати и нервозни?
- Лесно се нервирате и не можете да се контролирате?
Доколку позитивно одговоривте на 5 прашања ве советуваме да се јавите кај својот лекар. Интересно е тоа што пациентите во овој период од животот стануваат понежни и почувствителни, а односот со партнерите им станува поквалитетен.