ВАГИНАЛНА СУВОСТ – ПРОБЛЕМ ЗА КОЈ РЕТКО СЕ ЗБОРУВА

Вагиналната сувост е проблем со кој се соочуваат многу жени, но за него ретко зборуваат. Таа може да се појави кај жени на различни возрасти и во одреден период од животот, иако почесто се јавува кај постари жени, особено по менопаузата. Д-р Јорданчо Иванов, специјалист по гинекологија и акушерство, истакнува дека вагиналната сувост значително влијае врз квалитетот на животот, нарушувајќи ги дневните активности и сексуалната функција. Затоа е од суштинско значење жените да ја подигнат свеста и да зборуваат за овој проблем, бидејќи за него постои решение.

„Вагиналната сувост е честа причина за недостаток на самодоверба и создава посебен вид непријатност кога треба да се разговара за овој проблем со гинеколог, а понекогаш и со партнерот или пријателката. Ако вагиналната сувост влијае врз животниот стил, особено врз сексуалниот живот и врската со партнерот, потребно е да побарате совет од вашиот гинеколог“, вели д-р Иванов.

Најчеста причина за вагинална сувост е намалувањето на хормонот естроген, поради што оваа состојба е тесно поврзана со менопаузата, користењето контрацептиви, како и со бременоста и доењето. Нивото на естроген се намалува и за време на хемотерапија.

„Намалениот естроген е главната причина за вагиналната сувост, бидејќи тој го одржува здравјето на вагиналното ткиво, обезбедувајќи нормална влажност, еластичност и соодветна киселост. Покрај тоа, освен некои здравствени состојби, дополнително и забрзаниот начин на живот, стресот, пушењето и недоволната хидратација сè почесто предизвикуваат појава на вагинална сувост и кај помлади жени“, објаснува д-р Иванов.

СИМПТОМИ НА ВАГИНАЛНА СУВОСТ

Вагиналната сувост може да предизвика непријатно чувство и симптоми како чешање, печење и болна чувствителност, поради недостаток на природната влажност. Жените што се соочуваат со овој проблем најчесто се жалат на:

  • болни сексуални односи
  • пукање на слузокожата за време на интимен однос
  • непријатност во интимната област
  • иритација и печење
  • болни гинеколошки прегледи
  • чести уринарни инфекции и зголемено мокрење.

Д-р Иванов вели дека во некои случаи понекогаш се јавува и благо крвавење по сексуалниот однос, а кај жените може да се појави и намалување на либидото. Дополнително, една од последиците можат да бидат и повторувачки уринарни инфекции. Вагиналната сувост ретко претставува сериозен здравствен проблем. Лечењето на вагиналната сувост и болните сексуални односи е индивидуално и комплексно, зависно од причината.

„Станува збор повеќе за непријатност што може ментално да доведе до намалување на сексуалната желба, па затоа од голема важност е да се најде решение и да се превенира појава на оштетувања и ранички на слузокожата, што ги комплицира состојбата на жената и понатамошниот тек на третманот“, вели д-р Иванов.

СОВЕТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБАТА

За подобрување на состојбата кај вагиналната сувост, се препорачува користење на вагинални лубриканти и хидратантни креми, кои ја намалуваат сувоста и ја олеснуваат болката за време на сексуалниот однос. Кај жени во менопауза или по хируршки зафати, хормонската терапија со естроген може да ја врати природната влажност и еластичност на вагиналното ткиво. Современи ласерски третмани, исто така, можат да ја стимулираат слузокожата и да ја подобрат влажноста. Здравиот начин на живот, редовното хидрирање, намалувањето на стресот и откажувањето од пушење, како и редовните гинеколошки прегледи, имаат позитивно влијание врз вагиналното здравје. Дополнително, отворената комуникација со партнерот може да ја намали непријатноста и да помогне во одржување на квалитетот на интимниот живот.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!