УРТИКАРИЈА: КОГА КОЖАТА ИСПРАЌА СИГНАЛ

Речиси секој петти човек барем еднаш во животот манифестирал уртикарија. Најчеста е кај малите деца до 5-годишна возраст. Таа е двапати почеста кај женскиот пол во однос на машкиот. На глобално ниво, годишно се јавува кај над 160 милиони жители.

Првите сознанија за уртикаријата потекнуваат уште од времето на Хипократ (460–377 г. пр. н. е.), додека зборот „уртикарија“ за првпат е употребен во 1796 година од страна на William Cullen, кој се смета за еден од основоположниците на модерната дерматологија. Главниот напредок во однос на дијагнозата и третманот на уртикаријата е постигнат во изминатите децении.

Што треба да знаете за уртикаријата

Прим. д-р Емилија Манасиевски, специјалист по педијатрија, вели дека уртикаријата претставува транзиторна состојба на кожата која се карактеризира со површинско црвенило, оток и јасно ограничен осип во форма на кружни печати или прстени со различна форма и големина, во народот попознат како копривњача, и секогаш е придружен со интензивно чешање.

Често при уртикарија се јавува и подлабок оток на кожата, односно ангиоедем, кој најчесто се манифестира како отекување на усните, очите, дланките, стапалата и сл. Уртикаријата може да се јави локално, на определен дел од телото, или да биде генерализирана по целото тело.

Најчесто симптомите се самолимитирачки и може да се повлечат во период од неколку часа до 24 часа од нивната појава. Во случаите кога уртикаријата се јавува во период пократок од 6 месеци, станува збор за акутна уртикарија. Кај 40 % од пациентите овие симптоми се јавуваат рекурентно и траат подолго од 6 месеци, при што станува збор за хронична уртикарија.

Кај голем дел од пациентите симптомите се јавуваат на дневна основа и може да траат со месеци или години, при што може да се појавуваат спонтано или да бидат индуцирани од точно определени тригер-фактори.

Уртикаријата се јавува како резултат на активација на мастоцитите во кожата под влијание на различни фактори: акутни вирусни или бактериски инфекции, IgE-посредувани алергиски реакции на храна, лекови, полени, убоди од инсекти, стрес, изложеност на студ, топлина и др. Сепак, честопати се јавува и без јасно утврден причинител.

Уртикаријата не е заразна болест и не се пренесува од човек на човек.

Како да се превенира?

Кај хроничните форми на уртикарија, превенцијата се состои во избегнување на познатите провоцирачки тригери: студ, топлина, алергени од храна, поленски алергени, лекови, стрес и др.

Терапија

Д-р Манасиевски објаснува дека добрата хидратација е од големо значење.

„Н1-антихистаминиците се прва линија на терапија и се сосема доволни во најголем дел од случаите за постигнување адекватен одговор и повлекување на симптомите. Кортикостероидите се резервирани за порезистентните и потешки форми на уртикарија. Адреналинот се применува исклучително ретко, кај уртикарии кои се придружени и со анафилакса, која претставува животозагрозувачка реакција“, објаснува д-р Емилија Манасиевски.

Во последните децении се бележи значителен напредок во терапијата со воведувањето на биолошката терапија.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!