Од итен прием, неизвесност и страв, до сложена операција на срцето и успешно закрепнување. За 48- годишниот Мишел Истатов деновите поминати во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се искуство што никогаш нема да го заборави. Денес, кога најтешкиот период е зад него, неговата благодарност е особено упатена кон проф. д-р Александар Николиќ, но и кон целиот медицински тим кој, како што вели, покрај врвната професионалност му покажал нешто подеднакво важно, човечност.
Кога Мишел Истатов денес зборува за периодот пред операцијата, вели дека ништо не навестувало колку брзо неговото секојдневие ќе се промени. Сè започнало со замор при физичка активност, симптом кој во почетокот не го сфатил како сериозно предупредување. „На почетокот мислев дека е обичен замор. Секој има денови кога нема доволно енергија и затоа не обрнав многу внимание. Но со текот на времето почнав да чувствувам дека нешто не е како што треба“, раскажува Истатов. На систематски преглед била откриена промена на аортната валвула, но вистинската пресвртница се случила неколку недели подоцна, кога неговата состојба нагло се влошила.
ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРИСТИГНАЛ КАКО ИТЕН ПАЦИЕНТ
Мишел почувствувал силна градна болка и доживеал несвестица. Била повикана Итната медицинска помош и првично бил транспортиран во Општата болница во Струмица. Поради сериозноста на состојбата и потребата од кардиохируршки третман, итно бил препратен во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. „Не дојдов подготвен за операција. Сè се случуваше многу брзо. Во еден момент сте дома и го живеете секојдневниот живот, а веќе во следниот сте итен пациент и слушате дека состојбата е сериозна. Секако дека постоеше страв, но кога пристигнав во ‘Аџибадем Систина’ видов дека тимот реагира веднаш. Тоа ми даде чувство на сигурност во момент кога најмногу ми беше потребно“, вели Истатов. Веднаш по приемот биле направени потребните испитувања. Тие покажале дека покрај сериозното заболување на аортната валвула постои и критично стеснување на една од коронарните артерии. Поради градната болка и комплексноста на наодот, медицинскиот тим донел одлука дека оперативниот третман не треба да се одложува.
КОМПЛЕКСНА ОПЕРАЦИЈА ЗА ДВА СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ НА СРЦЕТО
На 26 мај 2026 година Истатов бил внесен во операциона сала. Била изведена комплексна кардиохируршка интервенција која опфатила замена на заболeната аортна валвула со механичка валвула и двоен аортокоронарен бајпас. На овој начин, во текот на една интервенција биле третирани и сериозното заболување на аортната валвула и коронарната артериска болест. Во текот на операцијата биле утврдени и изразени калцификации на аортата, поради што биле потребни дополнителни хируршки постапки. Тимот бил предводен од проф. д-р Александар Николиќ, кој објаснува дека кај ваквите пациенти од особено значење е навремената процена и изборот на соодветен оперативен пристап. „Кај пациентот беше присутна комбинација од значајно заболување на аортната валвула и сериозна коронарна болест, поради што беше потребен комплексен оперативен третман. Со една интервенција направивме замена на аортната валвула и двоен аортокоронарен бајпас. Кај вакви состојби особено е важно да се реагира навремено, а постоперативното закрепнување и добрата функција на имплантираната валвула ни потврдија дека третманот го даде посакуваниот резултат“, вели проф. д-р Александар Николиќ. За Истатов, медицинските термини и сложеноста на интервенцијата во тој момент биле во втор план. Најважно било чувството дека лекарот и тимот на кои им го доверува својот живот знаат точно што треба да направат. „Кога ќе ви кажат дека треба да правите операцција на срце, не можете да останете рамнодушни. Во тој момент буквално го доверувате животот на луѓето пред вас. Кај проф. д-р Николиќ почувствував сигурност. Знаев дека сум во рацете на човек и тим на кои можам да им верувам“, вели тој.
ДЕН ПО ДЕН НАЗАД КОН СЕКОЈДНЕВИЕТО
По успешно завршената интервенција започнал периодот на постоперативно закрепнување. Првите часови ги поминал под интензивен медицински надзор, а во наредните денови неговата состојба постепено се стабилизирала. Контролните испитувања покажале добра функција на механичката аортна валвула, а оперативните рани уредно заздравувале. Секој следен ден значел уште еден чекор кон враќање на силата и самостојноста. На 2 јуни, само една недела по итниот прием и сложената операција, Истатов бил отпуштен од болница во добра општа состојба, со препораки за терапија, редовни кардиолошки контроли и понатамошна рехабилитација. Но кога денес зборува за своето лекување, тој не ја издвојува само успешната операција.
„Најмногу ме допре начинот на кој се однесуваа кон секој пациент“
За време на хоспитализацијата Истатов имал можност од непосредна близина да ја набљудува работата на медицинските тимови. Токму тогаш, вели, сфатил дека вниманието и човечкиот однос што ги добивал не биле нешто резервирано само за него. „Сè беше на исклучително професионално ниво, од моментот кога ме примија како итен пациент, преку подготовката и операцијата, до секој ден од закрепнувањето. Но она што особено ми остави впечаток беше човечкиот пристап. Додека бев хоспитализиран имав можност да гледам како вработените се однесуваат и кон другите пациенти. Не беше тоа внимание само кон мене. Кон секој болен пристапуваа со трпение, почит и грижа. Кога човек е во болница и поминува низ тежок период, понекогаш еден збор или човечки гест значат исто толку колку и сè друго. За тоа сум им исклучително благодарен“, вели Истатов. Посебно место во неговата благодарност има проф. д-р Александар Николиќ. „На проф. д-р Николиќ му должам огромна благодарност. Во момент кога бев исплашен и кога не знаев што ме очекува, неговата сигурност и професионалност ми дадоа доверба. Му го доверив моето срце, а денес сум тука, закрепнувам и повторно го живеам својот живот. Такво нешто човек не го заборава“, вели Мишел Истатов. Од првите симптоми што ги занемарувал, преку моментот кога со Итна медицинска помош бил транспортиран и како итен пациент пристигнал во „Аџибадем Систина“, до операцијата и деновите на закрепнување, за него сè се случило за многу краток период. Денес, кога гледа наназад, вели дека од целото искуство извлекол една важна поука, здравјето е насјкапоцената работа, и дека не треба да ги игнорираме симптомите што телото ни ги испраќа.



