Црниот дроб е најголемата лабораторија во човековиот организам, сместен во стомачната празнина под десниот ребрен лак заштитен со мускулно-скелетни структури. Крвта доаѓа од два извора, артериска крв и крв од ,,порталниот крвоток“, преку кој крвта од цревата богата со сите добри и лоши состојки кои сме ги внеле со храната оди на обработка во црниот дроб. Исто така овој орган има и богато лимфно снабдување. Токму преку овие крвни и лимфни патишта туморските клетки патуваат од еден орган до друг и метастазираат во црниот дроб. Најчести тумори на црниот дроб се метастази од другите органи кои се заболени од карцином. Во некои случаи метастазите во црниот дроб покажуваат постоење на карцином во некој друг орган. Радикалното хируршко отстранување на канцерогените промени на црниот дроб е најефективната терапија.
Метастази од дебелото црево и ректумот
Црниот дроб е орган во кој најчесто метастазираат малигните тумори на дебелото црево и ректумот, но и карцинoми кои потекнуваат од други органи. Околу 25% од пациентите со карцином на дебелото црево во моментот на откривање на болеста имаат и метастази во црниот дроб, останатите 25% ќе добијат метастази во црниот дрб во следните 3 години. За разлика од метастазите од другите гастроинтестинални тумори, оние кои потекнуват од дебелото црево се јавуваат како единечни промени или неколку на број, што овозможува нивно хируршко отстранување. За жал, само 20-30% од пациентите кои имаат метастатски промени може да се лекуваат со хируршка интервенција.
Откривање на метастазите на црниот доб
Симптомите кои ги чувствуваат пациентите не се типични за ова заболување. Најчесто доаѓа до намалување на телесната тежина, општа слабост, мачнина, непријатност во стомакот, пожолтување. Но, пациентите оперирани од карцином мораат да се јавуваат на редовни контроли кога се прават лабораториски, ехотомографски испитувања, како и други радиолошки процедури (компјутерска томографија, магнетна резонанца, ПЕТ скен ) преку кои се следи болеста.
Хируршко лекување
Радикалното хируршко отстранување на метастатските промени е најефективната терапија и ја нуди единствената шанса за евентуално излекување, се разбира во комбинација со други начини за лекување. Колкав дел ќе биде отстранет од црниот дроб зависи од бројот и големината на метастатските прoмени. Црниот дроб поради своите анатомски, функционални карактеристики може да го регенерира, обнови, ткивото до 80%. Оперативното лекување треба да биде надополнето со ефективен третман на хемотерапија за да се уништат и микроскопските промени во организмот.
Метастази од други органи
Покрај метастазите од карциномот на дебелото црево и ректумот, хируршки може да се лекуваат и метастазите од белодробниот карцином, како и од карциномот на дојката и метастази на ендокрини тумори. Проценката за операција на метастатските тумори е мултидисциплинарна, но последниот збор го има хирургот кој ја работи оваа област. Хирургијата на црнот дроб е специфична и се работи само во центри кои располагаат со специјализирани тимови и опрема. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на ниво на светските медицински центри располага со врвни доктори и најсофистицирани апарати за хирургија на црн дроб. Голема придобивка за успешен третман во лекувањето на метастазите има и ПЕТ скенот кој се прави пред почетокот на терапијата и од добиените резултати може да се види колку е проширен карциномот.