Сте помислиле ли како вашите навики делуваат на здравјето и виталноста на коските? Дали само со една промена може да направите голем чекор кон подобрување на нивната цврстина, или, пак, само една лоша навика може да доведе до слабеење на коскеното ткиво.
Премногу сол
Со внесувањето сол, вашето тело го губи калциумот, така што колку повеќе сол, толку помалку калциум имате. Намалете го внесот на сол во секојдневната исхрана, и избегнувајте храна од типот на чипсови, солени сирења, брза храна кои содржат премногу сол.
Седење пред телевизор
Сите сакаме да уживаме гледајќи ја омилената серија, но предолгото седење или лежење ги прави мрзливи вашите коски. Вежбањето е идеална замена за тоа. Најдобро за коските е кога сте во исправена положба, па вашите стапала и нозе ја држат целата тежина на телото, а вашите мускули и коски се активни и се борат со гравитационата сила.
Возење велосипед на долги патеки
Возењето велосипед го зајакнува срцето и белите дробови, но не и коските. За подобрување на цврстината и густината на коските, лекарите го препорачуваат пешачењето или трчањето како поефикасно. Доколку сте страстен велосипедист, тогаш пробајте да ги комбинирате спортските активности, па вметнете тенис, пливање, танцување во спортската агенда.
Затворени во канцеларија
Сончевите зраци го помагаат создавањето на витаминот Д во организмот. Доволно е 10-15 минути дневна изложеност на сонце за да имате здрави коски. Но, проблемот е што најголемиот дел од времето го минуваме во затворен простор и го пропуштаме сонцето. Истотака, создавањето на витаминот Д со помош на сонцето зависи и од возраста, тенот, годишното време.
Алкохол
Високите дози алкохол се штетни за коскеното ткиво. Алкохолот ја намалува способноста на организмот да го апсорбира калциумот.
Цигарите го забавуваат процесот на создавањето ново коскено ткиво
Пушењето цигари ја намалува способноста на организмот да создаде ново здраво коскено ткиво. Кај пушачите периодот на зараснување на коската при скршеници трае подолго време и потребен е подолг третман. Откажувањето од оваа лоша навика, ќе ви помогне да го подобрите здравјето на коските.
Потхранетост
Ниските вредности на БМИ (body mass index) може полесно да доведат до скршеници и губење на коскеното ткиво. Доколку губите телесна тежина без причина, разговарајте со вашиот доктор.