Постојат голем број симптоми кои се заеднички кај жените во периодот на менопауза. Изостанокот на менструалниот циклус е резултат на промените во хормоните, а ваквата промена пак се одразува преку бројни промени во женското тело. Една од нив е склоноста на телото за задржувањето на водата. Не кревајте паника, станува збор за состојба која нема да предизвика дополнителни нарушувања, но важно е да знаете кога е потребно да разговарате со доктор.
Природни лекови за намалување на отоците
Голем дел од жените кои ги чувствуваат симптомите на задржување на вода во телото веднаш преминуваат кон пиење на диуретици. Но, диуретиците го уништуваат калиумот кој има суштинско значење во организмот што може да доведе до остеопороза. Наспроти лековите, пробајте да ги ослободите симптомите на природна база. Магдонос, коприва, глуварче се дел од даровите на природата кои имаат голема улога во ослободување на водата од телото. Истражувањата покажуваат дека 10 до 20 капки од глуварче на ден се доволни за намалување на отоците. Од друга страна глуварчето има позитивен ефект на бубрезите, надбубрежните жлезди и црниот дроб и помага во варењето на храната. Покрај лековите, кај жените во овој период помага и храната како пченка, аспарагус, краставица, лубеница и грозје. Во овој период може да ви помогне и пиењето чај (особено црн чај) и кафе, но во ограничени дози.
Сепак најдобрите совети се намалување на внесот на сол, избегнување на брза, солена и зачинета храна, воведување на вежби и умерена физичка активност.
Кога да се консултирате со доктор?
И покрај тоа што задржувањето на водата во телото е чест симптом кај жените во менопаукза кој лесно може да се стави под контрола, постојат состојби при кои мора да го известите вашиот лекар. Најчесто, задржувањето на водата во телото ве прави да се чувствувате надуени и забележувате отекување на прстите и надуеност во стомакот. Важно е во овој период да ги разликувате овие отоци од отоците кои сигнализираат посериозни состојби. Доколку забележите дека отоците се јавуваат на рацете и нозете и се присутни повеќе од седум до десет дена и доколку отоците стануваат болни на притисок треба веднаш да разговарате со вашиот лекар. Тој ќе одлучи дали е потребно да земате одредени лекарства кои служат за ослободување од вишокот течности во телото.
Менопаузата е период од животот во кој настануваат голем број промени во женското тело. Слободно разговарајте со вашиот гинеколог за секоја промена и информирајте се за сè што може да ве очекува за да знаете соодветно да реагирате и да го следите вашето тело.