Главоболката претставува една од најчестите симптоми со кои се среќаваме во секојдневниот живот, но мошне често и пропратен симптом на многу болести. Повеќето лица кои страдаат од повремени главоболки, ги прифаќаат често како составен дел од животот.
Според податоците од СЗО (Светската здравствена организација), 47 % од луѓето имаат главоболка барем еднаш годишно. Бидејќи е толку честа појава, за главоболката првенствено ги консултираме нашите матични лекари, а за посложените главоболки потребен е преглед на невролог и/или неврохирург.
Кога да побарате помош од лекар?
Состојби при кои главоболката бара посебно лекарско внимание – невролошка и/или неврохируршка консултација се следниве:
- Доколку порано не сте имале главоболка, и истата не се смирува во текот на следните денови, напротив истата станува поинтензивна;
- Доколку имате хронична главоболка и чувствувате дека имате поинаква главоболка од вообичаената од која се лекувате;
- Придружни знаци – утринска мачнина и повраќање, вртоглавица, грчеви, нарушен говор, слабост на раце или нозе, проблеми со видот, слухот итн.
- Утринска главоболка придружена со мачнина и повраќање, по што интензитетот на главоболката попушта е типична за постоење на мозочен тумор;
Главоболка при покачена телесна температура, која исчезнува спонтано за два-три дена со лекови и чаеви, не треба да нè загрижува. Исто така, една хронична главоболка, која со години има исти карактеристики, за која веќе е консултиран невролог, не се смета за вознемирувачка. Луѓето често се загрижени за своите главоболки и ги поврзуваат со мозочен тумор. Тука се поставува прашањето дали може главоболката да биде знак за постоење на мозочен тумор? За жал, да. Но, добра вест е дека статистичката веројатност за тоа е мала. Во прилог на тоа зборува и фактот дека повеќето главоболки (околу 90% – таканаречените примарни главоболки) немаат никаква поврзаност со тумори, туку се од т.н. функционален карактер. Од друга страна, понекогаш мозочните тумори не се манифестираат со главоболки. Затоа не треба да стравуваме и реагираме панично поради појава на главоболка. Сепак, заради подобра информираност, потребно е да се запознаете со некои состојби при кои е потребно да се побара стручна помош.