Третманот на онколошките пациенти во текот на пандемијата зависи од итноста на случајот

Во екот на пандемијата со коронавирусот, здравствените експерти апелираат за сериозните компликации по здравјето, особено кај оние лица кои спаѓаат во ризичните групи, меѓу кои се и  пациентите со малигни заболувања. Д-р Дева Петрова, онколог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели дека постојат одредени правила и препораки како да се постапува со онколошките пациенти во услови на пандемијата, но со оглед на спецификата и тежината на заболувањето, одлуката како понатаму ќе се продолжи со третманот е индивидуална, а се темели на одлука која ја носи мултидисциплинарен тим на лекари.

Онколошкиот третман може да се одвива нормално доколку пациентот нема Ковид-19

Пациентите кои немаат потврдена Ковид-19 инфекција и немаат симптоми поврзани со ова вирусно заболување, треба да го почнат или продолжат започнатиот онколошки третман без одложување. Секако дека конечната проценка е индивидуална и ја носи онкологот согласно толеранцијата на третманот што се спроведува од страна на пациентот, вкупните цели на третманот, моменталниот онколошки статус на пациентот и генералната состојба на пациентот. Отпочнувањето на нови третмани може да биде тријажирано од случај до случај, согласно одлуката на мултидисциплинарниот тим за ургентноста на третманот.

Третмани кои се смета дека не се ургентни и може да се одложат во период од два месеца се за пациенти со карцином на простата, одредени пациенти со карцином на дојка кои се со хормон позитивен рецепторски статус и бенигни промени на централен нервен систем како што се шваномите и менингеомите. За останатите пациенти треба да се избегнуваат одложувања во консултациите и отпочнувањето на онколошките третмани, особено онаму каде што одложувањето може да има несакано влијание на лекувањето на потенцијално курабилните случаи.

Палијативните третмани може да бидат одложени со исклучок на тие кои се животно загрозувачки или функционално загрозувачки, како компресија на `рбетен мозок, хемоптизи, синдром на v.cava superior, бронхијална опструкција.

Контролните прегледи да се одложат

Д-р Петрова објаснува дека за превенција и заштита на оваа ранлива група, препораките се доколку пациентите завршиле со зрачен и онколошки  третман, контролниот преглед да биде одложен, за пациентите да не доаѓаат во болничките центри и да бидат изложени на евентуален ризик од инфекција со коронавирусот. Во поново време, технологијата овозможува и контролните прегледи да се спроведат преку телемедицина (електронски контакт, телефонски контакт  и сл).

Онколошките пациенти со коронавирус да го одложат или модифицираат третманот

Пациентите со малигни болести кај кои ќе се јават знаци на инфекција (зголемена телесна температура, кашлица, треска), треба да бидат евалуирани според стандардната медицинска пракса. Пациентите, пак, кои се на активен онколошки третман, а се со дијагностицирана инфекција Ковид-19 во договор со онкологот согласно стандардната клиничка пракса треба да го одложат третманот или истиот да биде модифициран.

Генералните препораки за превенција важат и за онколошките пациенти

Препораките за пациентите со малигни болести во тек на пандемијата е тие да се придржуваат до сите заштитни мерки кои се наменети за општата популација, а опфаќаат: избегнување контакти, носење заштитни маски, одржување хигиена на раце, одржување на препорачаната дистанца од соговорникот…

Од голема важност е онколошките пациенти да се едуцираат за симптомите на вирусната инфекција со Ковид-19 и доколку се појават овие симптоми тоа да му го пријават на својот онколог и матичниот лекар со цел да бидат упатени во понатамошната постапка.

 

 

Сподели: