Проширени вени, естетски и здравствен проблем


Доаѓа летото. Време е да ги откриете нозете. Но за многумина ова преставува голем проблем поради проширените вени. Зголемени, извиткани и болни површни вени се последица на ослабени и нефункционални венски клапи. По правило тоа се вени на нозете, но може да се појават и на други места во организмот. Оваа состојба се јавува кај 25% од женската и кај 10% од машката популација и претставува проблем не само за болната индивидуа туку е и сериозен здравствен и социјален проблем со оглед на последиците до кои може да доведе.

sistina

Доаѓа летото. Време е да ги откриете нозете. Но за многумина ова преставува голем проблем поради проширените вени. Зголемени, извиткани и болни површни вени се последица на ослабени и нефункционални венски клапи. По правило тоа се вени на нозете, но може да се појават и на други места во организмот. Оваа состојба се јавува кај 25% од женската и кај 10% од машката популација и претставува проблем не само за болната индивидуа туку е и сериозен здравствен и социјален проблем со оглед на последиците до кои може да доведе.

Како доаѓа до проширување на вените?

Срцето претставува пумпа која ја турка крвта низ артериите до сите ткива во телото, а со крвта се пренесуваат кислород и хранливи материи до клетките. Аортата како најголема артерија се раздвојува на сè помали и помали крвни садови и на крајот мрежата на крвни садови во телото завршува со артериоли и капилари. Кога крвта се враќа, таа минува низ вените, од најмалите – венули, до најголемите (горна и долна шуплива вена ) за да се влее во срцето.
Во нормалните вени постојат клапи кои како вентили се отвораат во правец на текот на крвта и не дозволуваат крвта да се враќа, напротив, помогнати од контракцијата на мускулите околу нив го одржуваат протокот во насока кон срцето. Кај проширените вени, овие клапи не ја вршат добро својата функција и дозволуваат крвта да заостане во вената и да предизвика проширување, кое најчесто се однесува на вените на нозете. Оваа состојба е почеста кај жените и е особено изразена при вродено ослабени венски клапи, но често се јавува и при бременост, воспаление на вените, долго стоење и зголемен притисок во стомачната празнина.

Кои се симптомите при проширени вени?

Тегобите при состојба на проширени вени се: чувство на напнатост, тежина, јадеж по кожата, а некогаш и болка во нозете. На преглед се воочуваат видливи, зголемени вени над површината на кожата, благ оток околу глуждовите, со тек на време се јавуваат кафеникави пребојувања на кожата кај глуждовите, а кај потешки случаи се јавуваат кожни рани во пределот на потколениците.

Како се дијагностицираат проширените вени?

Дијагнозата главно се базира на изгледот на вените при стоење или во седечка положба. По потреба може да се направи т.н. дуплекс ултрасонографија на екстремитетот за да се види крвотокот во вените, за да се исклучи друго заболување на нозете како што е венската тромбоза. При одредени нејасни случаи потребно е да се направи ангиограм, односно со помош на внесен контраст во вената истите да се прикажат на рендгенска снимка, со што точно може да се потврди или исклучи друго заболување.

Како се лекуваат проширените вени?

Терапијата на проширените вени обично се сведува на совети. Пациентот треба да избегнува предолго стоење, да ги одмора нозете со нивно ставање во хоризонтална положба, а често треба да носи и еластични чорапи. Помагаат и посебни креми или гелови кои во својот состав имаат хепарин, или екстракти од див костен или флавоноиди.
Хируршка или некоја друга терапија се презема во случаи кога постои болка во ногата, обично изразена како тежина или замор, при појава на кожни рани предизвикани од голем застој на крв и недостиг на исхрана на ткивата, кога треба да се поправи надворешниот изглед, како и кога постои липодерматосклероза, односно доаѓа до постепено задебелување на масното ткиво под кожата како последица на високиот притисок во вените.
Венски стрипинг е хируршка операција и претставува вадење, поточно извлекување на проширената вена.

Постојат и т.н. неинванзивни третмани:

Ласеротерапија – е техника при што со помош на насочениот ласерски зрак се уништуваат ситните венули кои се шират по површината на кожата како пајакова мрежа. Оваа техника се изведува преку кожата и е безболна.
Ласерска аблација – за разлика од претходната техника, оваа е поинванзивна. Се изведува со помош на катетер со кој се навлегува во проширената вена и со ласерски зрак се согорува вената со што луменот на вената е засекогаш затворен, таа спласнува и се исклучува од венската мрежа.
Радиофреквентна аблација е слична на претходната метода, но тука се работи за радиобранови со посебна фреквенција кои го вршат затнувањето на вената.

Кои ко
мпликации може да настанат од проширените вени ?

Хронично воспаление на вените т.н. флебитис, односно тромбофлебитис.
Појава на кожни рани и чиреви на потколеницата, последица од застојот на крв во вената и намалување на исхраната на кожата.
Прскање и поткожно крвавење од венскиот крвен сад, спонтано или при најмали повреди. Пациентот ова го забележува како честа појава на модринки.

Внимавајте:

Лекарска помош треба да се бара секогаш кога проширените вени се болни и кога со мерките што сами сме ги презеле не се подобрува состојбата. Секако дека треба веднаш да се појде на лекар при појава на компликации од хронично проширени вени: нагла појава на болка или оток на екстремитетот, појава на црвенило и локална температура над вената или појава на чиреви на кожата.
Превенцијата се состои во избегнување подолго стоење и кревање тежок товар. Се препорачува пешачење, возење велосипед, пливање, танцување, т.е. спортови при кои има континуирани мускулни движења што ќе овозможат придвижување на заостанатата крв во вените.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!