Овошните плодови, без разлика од кој вид, го намалуваат ризикот за појава на канцер, срцеви заболувања и воспаление. Иако веќе знаете дека овошјето е идеален избор за здрав организам, новите истражувања зборуваат дека бобинките имаат низа бенефиции и голема нутритивна вредност. Тука спаѓаат јагодите, малините, боровинки, гоџибобинки и сл.
Најновото истражување покажало дека бобинките го намалуваат ризикот за еректилна дисфункција. Истражувањето било изведено врз 25 000 мажи. Кај оние кои се изјасниле дека јадат бобинки и цитрусни овошја резултатите покажале дека имаат 20 % намален ризик за еректилна дисфункција за разлика од другите, кои се изјасниле дека не јадат често ваков вид овошје. Друго истражување, пак, докажало дека бобинките имаат значајна улога и во борбата со Алцхајмеровата болест и помагаат во намалување на телесната тежина. Што ги прави бобинките толку посебни? Ова се најважните состојки:
- Антиоксиданси. Антиоксидансите, во кои спаѓаат и витамините А, С и Е, ја заштитуваат клетката од распаѓање и уништување.
- Ресвератрол. Состојка која ја има и во грозјето и другите плодови, како и во црвеното вино и темно чоколадо. Ресвератолот помага во намалување на воспалителни процеси, ги заштитува крвните садови од затнување и превенираат појава на малигни болести.
- Флавоноидите ја даваат силната боја на бобинките и помага во заштита од малигни болести, воспаление и болести на срцето.
Бобинките имаат различни бои и различни состојки кои нудат бенефит за целокупното здравје па затоа потребно е да јадете комбинации на ваквите овошја.
Алцхајмеровата болест и бобинките
Бобинките ја поттикнуваат неврогенезата, т.е создавањето нови неврони. Тие ја подобруваат нашата меморија и способноста да учиме. Овој вид овошја помагаат во чистењето на мозокот од токсичните протеини чие зголемување во мозокот се поврзува со развој на Алцхајмеровата болест.