Колку лудата железница може да биде опасна за вашиот ’рбет?
Некои луди железници можат да му наштетат на вашиот ’рбет. Но, со мала подготовка можете да уживате во забавата, а притоа да ја минимизирате можноста за повреда и болка по „лудото возење“ .
Лудите железници и другите екстремни машини кои нагло го исфрлуваат вашето тело во различни и неправилни положби можат да му наштетат на грбот и вратот. Еве зошто и самите забавни паркови ги предупредуваат оние кои имаат посериозни проблеми со ’рбетот да ги избегнуваат.
Зошто „лудите возења“ можат да предизвикаат болка
Лудата железница со многу кривини и надолнини за многумина може да претставува забава, но може да предизвика болки во вратот, траума на коските, мускулите, лигаментите и другите меки ткива.
Свиткувањето кон напред, или флексија на ’рбетот кон напред проследена со вртења и ротации предизвикани од наглите движења го зголемува притисокот на задната страна на дискусот каде што е сместен ’рбетниот канал. Овие движења можат да предизвикаат болка, особено доколку сте имале проблеми со дискусот, а можат и да доведат до дискус хернија.
Свиткувањето кон назад, или истегнување на ’рбетот прави поголем притисок на ’рбетните зглобови и може да ја влоши болката предизвикана од артритис.
Дури и возења кои не се толку опасни како лудата железница подоцна можат да предизвикаат болки, особено доколку сте згрчени и напнати. Наглите и силни движења можат да предизвикаат грчеви во мускулите.
Како да се заштитите и како да излекувате ваква болка?
– Истегнувајте се. Пред да се качите на лудата железница, направете неколку вежби за истегнување на мускулите. Така ќе ги олабавите напнатите и згрчените мускули и ќе ги спречите грчевите по возењето.
– Хидратација. Интересен податок кој можеби не сте го знаеле е дека пиењето вода пред да се качите на луда железница е многу битно. Внесот на вода помага во одржувањето на хидрацијата на интервертебралниот дискус. На тој начин напорот побрзо и подеднакво се пренесува од еден прешлен на другиот под него. Така се намалуваат проблемите со дискусот.
Внимавајте на овие совети бидејќи ако ги занемарите, најверојатно, сметката ќе ја платите следниот ден. Во случај на влошување болка предизвикана од артритис или напнатост во мускулите и лигаментите по лудо и брзо возење во забавниот парк, јавете се веднаш на лекар.