Срцева аритмија се јавува кога ќе настане проблем со создавањето и преносот на електричните импулси во срцето, при што срцето мoже да работи многу бавно, пребргу или неправилно. Проблемот со срцевата работа може да потекнува и од преткоморите и коморите или проблемот да е во синхронизацијата помеѓу нив и поради тоа да дојде до појава на тахикардија (прeбрза работа на срцето), брадикардија (забавена работа) или до аритмија (неправилна – ирегуларна работа на срцето).
Единствен доказ за постоење на срцева аритмија е електрокардиограмот за време на срцебиењето. За да се исклучи срцево заболување како причина за срцевата неправилна работа, треба да се направат првични рутински иследувања, преглед, електрокардиограм во мир (да се исклучи постоење на вродени аритмии) или 24-часовно следење на срцевиот ритам (холтер-следење), ехокардиографија (да се исклучи срцева слабост) или коронарен стрес-тест, доколку aритмичката срцева работа се појавува за време на физичка активност.
„Постојат повеќе причини за појава на аритмиите. Тука се: покачениот крвен притисок, коронарната артериска болест, пушењето, алкохолот, предозираност со кофеин, зголемениот стрес, шеќерната болест, болести на тироидната жлезда, белодробни заболувања и генетски вродени состојби“, изјави д-р Иван Трајков, кардиолог електрофизиолог.
Д-р Иван Трајков и д-р Дејан Ковачевиќ, кардиолози електрофизиолози, кои се дел од кардиолошкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, советуваат дека секогаш треба да се побара консултација со кардиолог доколку срцебиењето е придружено со вртоглавица, конфузност, губење на свеста, силна главоболка, тешкотии во дишењето, градна болка што се шири кон вратот, долната вилица, рамениците или горниот дел од грбот, кога срцевиот ритам е побрз од 140 удари во минута и трае подолго од 30 минути без физичка активност и кога аритмијата е придружена со зголемен или намален крвен притисок.
„Навремениот третман на аритмијата е превенција и за мозочен удар. Неодамнешни истражувања покажуваат дека нетретираната аритмија е причина за речиси секој петти мозочен удар. Како мерка за превенција треба да се прави редовен годишен преглед кај кардиолог, за да се види дали има некакво нарушување на срцевиот ритам“, изјави д-р Дејан Ковачевиќ, интервентен кардиолог – електрофизиолог.


Нашиот тим со долгогодишно искуство ви нуди дијагностика и најсовремен третман на нарушувањата на срцевиот ритам. Во „Аџибадем Систина“ имате можност за изведување на: електрофизиолошки испитувања, аблација кај срцеви аритмии, вградување пејсмејкери, срцева ресинхронизација, вградување имплантибилни кардиовертери и дефибрилатори. Тимскиот пристап во дијагностиката и терапијата кај секој пациент гарантира ефикасност и врвен квалитет.




