Функционална рехабилитација

Во тек на функционалната рехабилитација се посветува поголемо внимание пациентот да се оспособи за посамостоен и понормален живот, бидејќи најчесто овие пациенти се зависни од блиските. Пред сè се настојува да се намали болката, што се јавува во 80% од случаите како хронична болка. Болката се намалува со помош на некоја од физикалните процедури: електротерапија, сонотерапија, магнетотерапија.

Од страна на работните терапевти се обучуваат пациентите за постојана проверка на кожата, постојано превртување во креветот, спиење на стомак, подигнување во инвалидска количка, за да се спречи појава на декубитални рани.

Кај пациентите со повреда на рбетниот мозок можна е појава на невроген мочен меур. Во соработка со уролози се прави план да се реши појавата на невроген мочен меур со цел адекватно празнење на урината и истовремено спречување на појава на инфекции, оштетување на бубрезите и камења во уринарниот систем. Златен стандард е поставување и постојана промена на уринарен катетер (интермитентна катетеризација) која се изведува 4 до 5 пати дневно со цел целосно празнење на мочниот меур.

Чести се случаите каде се јавуваат и скршеници на долгите коски, особено на коските на нозете. Причината за овие скршеници е нарушената изградба и разградба и настанок на остеопороза. Остеопорозата се јавува во првите месеци од повредата и се стабилизира на одредено ниво дури по 18 месеци од повредата. За да се избегне настанок на скршеници поради остеопорозата кај пациентите се врши пасивно раздвижување на екстремитетите и се додава витаминска терапија. Физиотерапевтите под надзор на физијатар вршат пасивно исправување на нозе на пациентите со помош на лонгети за екстремитетите. Кај пациентите со одземеност на долните екстремитети се обрнува внимание на зголемување на мускулната сила на горните екстремитети, со цел пациентот да има поголема стабилност при изведување на пасивното исправање на нозе.

Особено важен дел од рехабилитацијата е тренирање на трансфер количка-кревет-количка. Притоа сопирачките на инвалидската количка мораат да бидат закочени. Потоа се тренира возење на инвалидска количка во зграда, надвор од зграда, по рамен и нерамен терен.

Пациентите со повреда на `рбетен мозок се соочуваат и со физички и со психолошки проблем. Тие се постојано зависни од туѓа помош, при движење и при активности во кревет и количка, трансфер, при јадење и хигиена. Губитокот на контрола на функциите на телото прво треба да се компензира, а потоа да се решаваат покомплексни проблеми како што е активност и партиципација во општеството. Некои ограничувања секако дека ќе го ограничат партиципирањето во општеството, но некои ограничувања можат да се решат со внимателен избор на методи и помагала кои се користат во физикалната рехабилитација.

Сподели: