ОДБЛИСКУ СО Д-Р АЛЕКСАНДАР ЛАЗАРЕВСКИ

ВО МЕДИЦИНАТА НАЈВАЖНА Е ДОВЕРБАТА, ОСОБЕНО КОГА ПАЦИЕНТОТ Е ДЕТЕ

Д-р Александар Лазаревски е специјалист по оториноларингологија кој повеќе од три децении е посветен во третманот на болестите на уво, нос и грло кај возрасни и деца. Неговиот професионален пат сведочи за тоа дека кога сакате нешто, го правите со голема ентузијазам и посветеност, а резултатите се секогаш неминовни.

Постојат професии кои не се избираат само со разум, туку и со чувство. За д-р Александар Лазаревски, специјалист по оториноларингологија, медицината била природен пат, поттикната од семејната средина, но изградена преку лична посветеност, континуирано учење и желба за развој.

Неговиот татко бил лекар, невропсихијатар во Гостивар. Медицинските студии ги завршил на Медицинскиот факултет во Белград, а како млад доктор се вратил во родниот град, каде што ја поминал целата своја професионална кариера. Токму таа слика на лекар кој е посветен на својата професија и на луѓето оставила силен белег врз д-р Лазаревски.

„Основното и средното образование ги завршив во Гостивар. Во гимназијата ‘Панче Попоски’ учев на биотехнолошкиот смер и уште во тие гимназиски денови кај мене се развиваше желбата за студии од областа на медицината или ветерината“, раскажува тој.

На крајот, медицината станала негова професија, а љубовта кон животните останала негово хоби и важен дел од приватниот живот. Во неговиот дом, вели, секогаш имало место за домашни миленици. Со нив израснале и неговите ќерки, а денес топлината во домот ја дополнуваат две прекрасни сијамски мачки.

Професионалниот пат на д-р Лазаревски бил во голема мера одреден уште со неговото прво вработување како општ лекар на Клиниката за уво, нос и грло. Токму таму, вели тој, бил трасиран неговиот понатамошен развој како оториноларинголог.

„Во текот на специјализацијата имав среќа да учам од еден од најдобрите оториноларинголози во Македонија, проф. д-р Ѓорѓи Оровчанец, за што сум му бескрајно благодарен“, истакнува д-р Лазаревски.

Уште во текот на специјализацијата кај него се појавил особен интерес за ендоскопската хирургија на синусите, техника која во тоа време во Македонија била во своите почетоци. Првите чекори на ова поле ги направил со д-р Никола Цекиќ од тогашната Воена болница.

По завршувањето на специјализацијата, благодарение на визијата на проф. д-р Владо Столевски од Клиниката за неврохирургија, добил можност за студиски престој во Италија, во Болоња и Варезе. Таму се едуцирал за ендоскопска хирургија на хипофиза и база на череп, област која подоцна ќе стане еден од неговите најголеми професионални предизвици.

„Тоа се клучните моменти и личности кои на некој начин влијаеја врз мојот понатамошен развој“, вели тој.

ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО ЈА СЛЕДИ СОВРЕМЕНАТА МЕДИЦИНА И ПОТРЕБИТЕ НА ПАЦИЕНТИТЕ

Одлуката професионалниот пат да го продолжи во приватното здравство ја гледа како можност за поголем развој, подобри услови за работа и повисоки стандарди во третманот на пациентите. Според него, современата медицина бара континуирано вложување, во знаење, технологија, опрема и тимска работа.

„Во тој контекст, работата во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ овозможува да бидете дел од систем кој ги следи современите медицински трендови, ги поддржува професионалните амбиции и инвестира во модерна опрема и нови интервенции. ‘Аџибадем Систина’ е препознатлива по високите стандарди, квалитетот и условите што им овозможуваат на лекарите да ја практикуваат медицината на најсовремено ниво, а на пациентите да се понуди сигурност, доверба и врвна грижа. “ објаснува д-р Лазаревски.

ПРЕДИЗВИК НЕ Е САМО ОПЕРАЦИЈАТА, ТУКУ И ОДНОСОТ КОЈ ГО ГРАДИТЕ СО ПАЦИЕНТИТЕ

Во секојдневната пракса, д-р Лазаревски најчесто се среќава со педијатриски оториноларинголошки заболувања и проблеми со тонзилите. Иако на прв поглед станува збор за рутински интервенции, тој нагласува дека нивната вистинска тежина не е само во хируршката техника, туку и во односот со детето и со родителите.

ЕНДОСКОПСКАТА ХИРУРГИЈА НАЈГОЛЕМ ПРОФЕСИОНАЛЕН ПРЕДИЗВИК

Д-р Лазаревски е дециден дека најголем професионален предизвик за него останува ендоскопската хирургија. Интервенциите на параназалните синуси кај носна полипоза, хроничен синузитис и слични состојби рутински се изведуваат во болницата. Во повеќе наврати тимот работел и на случаи на хоанална атрезија кај новородени, состојба при која мора да се интервенира во првите моменти по породувањето. Посебно значаен сегмент од неговата работа е и соработката со неврохируршкиот тим на болницата меѓу кои проф. д-р Слободан Дамјаноски и д-р Миленко Костов, со кои веќе неколку години успешно изведуваат невронавигациски водена ендоскопска хирургија на база на череп и хипофиза. Овој тип интервенции бара врвна прецизност, искуство, тимска координација и современа технологија, токму она што ја претставува суштината на модерната медицина.

ГОРД СОПРУГ И ТАТКО

Надвор од професионалниот свет, д-р Александар Лазаревски е сопруг и татко. Неговата сопруга Маја е архитект. Горд е на двете ќерки Ева и Марија за кои вели дека успеале сами да ги исполнат своите соништа и да се посветат на професиите што ги исполнуваат. Ева и Mарија не ја одбрале медицината за професионален предизвик. Постарата ќерка, Ева, дипломирала право и моментално е на постдипломски студии на Универзитетот во Гронинген, Холандија, додека помалата ќерка, Марија, студира архитектура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!