X

КОИ СЕ КАРАКТЕРИСТИКИТЕ НА НОВИОТ СОЈ?

Сподели

ЗАМОР, МОЗОЧНА МАГЛА, КРАТОК ЗДИВ: ПОСТКОВИД ЕФЕКТИТЕ СЕ ЈАВУВААТ И КАЈ ПАЦИЕНТИТЕ СО ОМИКРОН СОЈ

Нови соеви кои имаат различни карактеристики од првичниот се доминантни во последниот период. Пандемијата на Ковид-19 трае трета година по ред, а во последниот период сè позастапен е таканаречениот сој омикрон. Станува збор за варијанта B1.1.529 на вирусот SARS CoV-2. Светската здравствена организација (СЗО) веќе го именуваше како загрижувачка варијанта, за првпат се појави во средината на ноември минатата година во Јужна Африка. Докторите велат дека овој сој се карактеризира со голем број генетски мутации на вирусот, што доведува до поинакво однесување на вирусот во споредба со претходните соеви. Според досегашните сознанија, овој сој ја менува епидемиологијата на болеста, а д-р Валерија Кирова-Урошевиќ, специјалист инфектолог, вели дека брзата преносливост доведува до рапиден пораст на инфицирани, односно на заболени лица, кои на секои 2 до 4 дена се удвојуваат. За брзата трансмисија веќе укажаа и експертите од Центарот за контрола на болести тврдејќи дека вирусот се пренесува од човек на човек, без разлика на претходна инфекција, развој на симптоми или вакцинален статус. „Периодот на инкубација е краток и во просек изнесува 3 дена од моментот на инокулација на вирусот.

Омикрон предизвикува почести реинфекции во споредба со претходните варијанти и кај вакцинираните лица, што се должи на способноста на омикрон да го избегне, односно да го заобиколи постоечкиот имунолошки одговор кон вирусот. Не изненадува што постоечкиот имунитет е недоволен за да спречи инфекција со омикрон, забележано во студиите каде првичните наоди се дека омикрон-варијантата носи неколку пати поголем ризик од реинфекција споредбено со делта-варијантата, без разлика дали имунитетот е стекнат преку прележување или вакцинација“, вели д-р Урошевиќ.

ПОБРГУ СЕ РЕПЛИЦИРА

Искуствата кои досега се испитуваат од лицата кои имаат омикрон-варијанта на ковид алудираат на тоа дека овој сој предизвикува полесна клиничка слика. Сепак, вели д-р Урошевиќ, одредена популација развива тешки клинички облици со потреба од хоспитализација. Во околности кога има многу новозаболени, покажуваат показателите, ова пониско ниво на хоспитализации сепак носи ризик од преоптовареност на здравствените системи, што веќе е случај во многу земји. Каква е генерално клиничката слика? Д-р Урошевиќ вели дека симптоматологијата кај лице кај кое е детектиран омикрон-сојот на коронавирусот наликува на вирусна, горнореспираторна инфекција и тоа е така во најголем процент на заболени лица. „Вирусот се манифестира со кашлица, замор, зголемена секреција од носот или затнат нос, болки во грлото, главоболки резистентни на досега користените аналгетици. Поретко се јавуваат трески и ноќни препотувања. Во споредба со оригиналниот сој, губиток на мирис и вкус ретко се забележува. Кај оние луѓе кои се комплетно вакцинирани, а не примиле бустер-доза, типичните симптоми вклучуваат интензивна кашлица, почесто појава на треска и поголем замор за разлика од оние кои примиле трета доза. Доказите укажуваат дека сојот омикрон не навлегува длабоко во белите дробови како претходните варијанти, иако далеку побрзо се реплицира во респираторниот тракт. Прележаните од ковид кои во меѓувреме се заразиле со омикрон имаат помалку симптоми отколку при првичната инфекција“, вели д-р Урошевиќ. Таа додава дека особено внимание треба да се посвети на пациентите со напредната возраст односно геријатриската популација, лицата со нарушен имунитет, односно тие кои имаат малигни заболувања, кои се приматели на органи, потоа ХИВ инфицираните лица, лицата на имуносупресивна и хемотерапија. Потребна е поголема внимателност и кај лицата со коморбидитети (прекумерна телесна тежина, дијабетес, кардиоваскуларни заболувања).

СОСТОЈБА НА ДОЛГОРОЧЕН КОВИД

Мерките за превенција од вирусот се исти како и при останатите соеви. Најефективните мерки што поединците можат да ги преземат за да го намалат ширењето на вирусот според докторите се физичко растојание од најмалку еден метар од другите лица, носење заштитна маска особено во затворени простории, проветрување на затворените простории за да се подобри вентилацијата, но секако и хигиената на рацете, но и комплетна вакцинација со бустер-доза. Д-р Урошевиќ објаснува дека вообичаено, по прележување на Ковид -19, симптомите се повлекуваат во период од 15 дена, сепак тоа не е случај кај потешките пациенти. Кај некои пациенти е забележана и состојба на долгорочен ковид.

„Кај пациентите со тежок облик на болеста, пролонгирана хоспитализација забележано е перзистирање на тегобите за подолг временски период. Појава на симптоми, односно знаци на болеста 90 дена по иницијалната корона вирусна инфекција претставува состојба на долгорочен ковид. Оваа состојба се јавува неколку недели по акутната фаза на болеста манифестирана со замор, мозочна магла, краток здив, вознемиреност, односно анксиозност. Симптомите се повлекуваат со тек на време“, вели д-р Урошевиќ.

Инаку, СЗО предупредува на засегање на кардиоваскуларниот систем првата година по прележување на Ковид -19, особено предизвикан од сојот омикрон. Забележан е зголемен ризик на компликации и мултисистемска афекција, па оттука Ковид -19 не е единствено болест на респираторниот тракт. Д-р Урошевиќ заклучува дека сè уште со сигурност не се знае еволуцијата на вирусот. Па, така треба да се очекуваат и нови потсоеви, односно варијанти на омикрон.

Слични статии