X

Златни правила за сигурна бременост

Сподели

Во текот на бременоста треба да направите 10 прегледи доколку сте прворотка, а кај повеќеротки 7 прегледи. Кај високоризични бремености и по потреба, бројот на прегледи е поголем. Секој месец вашиот гинеколог ќе го следи крвниот притисок, тежината, крвната слика, анализата на урина и растот на плодот. Покрај овие рутински прегледи, важно е да се направат и одредени поспецифични прегледи.

Задолжителни прегледи во бременоста

Прв триместар. На почетокот од бременоста се прави гинеколошки преглед при кој се зема детална анамнеза од трудницата за нејзините претходни болести и операции, примени вакцини и евентуалните болести во семејството. Во текот на овој триместар се земаат микробиолошки брисеви и микробиолошка анализа на урината. Вагиналните инфекции го зголемуваат ризикот од предвремено прскање на воденикот, предвремено раѓање и инфекција на новороденчето и токму затоа е потребно да бидат навреме откриени и излечени. Вообичаено еднаш месечно се прават лабораториски анализи на крвта и урината. Се одредува крвната група и Rh фактор. Од 11. До 14. гестациска недела се прави првиот ултразвучен скрининг со кој се одредува ризикот на плодот од хромозомски аномалии. При тоа ултразвучно се детектираат одредени делови на плодот кои можат да укажат на овие аномалии, а тие најчесто исчезнуваат по 14. недела. Доколку го пропуштите овој преглед, понатаму нема да може да се детектира маркерот кој укажува за можно постоење на хромозомски болести (Даунов синдром), кои, за жал, се неизлечиви.

Втор триместар. Од 18. до 22. гестациска недела се прави ултразвучен скрининг со кој покрај тоа што се следи растот на плодот, главна задача е детална анализа на анатомијата на фетусот, поединечно неговите органи и исклучување на вродени аномалии на плодот, почнувајќи од најтешките, кои се ризични по животот на плодот, сè до помалите или козметички дефекти. Се анализира папчаникот, плацентата, нејзината поставеност, но и должината на грлото на матката, кое ни го одредува ризикот за предвремено породување. Во периодот од 24. до 28. недела се прави и тест за откривање гестациски дијабет.

Трет триместар. Со ултразвучен преглед во третиот триместар (30-34 недела) се проверува пропорционалниот и правилниот раст на бебето. Се детектира дали има застој во растот на бебето како после дица на нарушувања во функционирањето на плацентата. Со помош на доплер се анализира дали циркулацијата на крв преку папочната врвка кон бебето е доволна, а доколку не е, кога е идеално време да се заврши бременоста, а во исто време да се добие зрело и здраво бебе. Во текот на 9. месец се почести контролите, а се прави и ЦТГ со кој се регистрираат отчукувањата на срцето на вашето бебе. Покрај тоа, го регистрира и постоењето, јачината, траењето и честотата на контракциите на матката. Неговата цел е да се евалуира состојбата на плодот, неговата снабденост со кислород и дали при појавата на контракциите се нарушува снабдувањето на плодот со крв. Се изведува во последниот триместар и во текот на породувањето. Во овој период се прави и микробиолошки тест за група Б стрептокок (GBS), која е честа бактерија, вообичаено се наоѓа во дебелото црево и често е безопасна за возрасните, но бебињата може да имаат сериозни проблеми доколку се заразат со неа. За да ја открие, гинекологот ќе земе брис од долниот дел на вагината и просторот меѓу вагината и анусот.

Ако тестот е позитивен, кога ќе почне породувањето ќе ви биде даден антибиотик за да се заштити бебето од бактеријата. Кај RH негативни мајки. Доколку вие сте Rh негативна, а вашето бебе е Rh позитивно, можно е мал број клетки на вашето бебе да влезат во вашата циркулација за време на бременоста или раѓањето. Тогаш вашиот имунитет нив ќе ги третира како туѓо тело и ќе создаде антитела против нив. Доколку такви антитела се создадени во вашиот организам, може сериозно да го оштетат вашето бебе. Вашата крв  ќе биде проверена дали веќе се создадени такви антитела. За да се заштити бебето и идните бремености, во 28 г.н. ќе ви биде дадена инекција Anti-D, која ќе спречи во вашето тело да се формираат антитела против вашето бебе. По породувањето, се зема крв од вашето бебе и доколку се потврди дека е тоа Rh позитивно, ќе треба да примите уште една инјекција Anti-D.

Фолна киселина е витамин од групата Б, што помага во превенцијата на дефекти во формирањето на невралната туба кај бебето и сериозни абнормалности кај мозокот и ´рбетот. Нејзин недостиг придонесува и за ниска породилна тежина и предвремено породување. Синтетичката форма се наоѓа кај суплементите за трудници познати како folic acid. Добри извори на фолна киселина се: житарици, спанаќ, грав, грашок, кикиритки, портокали. Потребно е да внесувате суплементи со 400 микрограми фолна киселина на ден, 3 месеци пред забременување и во тек на првите 3 месеци од бременоста. Ако трудниците ја земаат препорачаната количина на фолна киселина, се спречуваат 50-70% од оштетувањето на невралната цевка кај ембрионот.

 Железо за време на бременоста крвниот волумен се зголемува за да ги компензира промените во вашето тело (односно проширувањето на вашите крвни садови), а со тоа се разредува крвта. Овие промени придонесуваат двојно да се зголеми вашата потреба за внесување железо. Ако не внесувате доволно железо, вие станувате изморени, поосетливи на инфекции, може да се појави срцебиење, а исто така се зголемува ризикот за предвремено породување и раѓање дете со ниска родилна тежина. Добри природни извори на железо се немасно црвено месо, житарици збогатени со железо, леќа, грав, чај и семе од коприва, спанаќ. Железото од животинските продукти, како месото, најлесно се апсорбира во организмот. Доколку нивото на железо е ниско, препорачливо е да користите суплементи кои содржат железо. За да се зголеми апсорпцијата на железо од суплементите, комбинирајте ги со витамин Ц. Ако користите суплементи со железо, избегнувајте во исто време да конзумирате храна богата со калциум. Иако калциумот е неопходен во бременоста, тој ја намалува апсорпцијата на железо.

Исхрана во бременоста

 Не постои магична формула за здрава диета во бременост. Во принцип, базичните принципи за здрава исхрана остануваат исти – внесувајте многу овошје, зеленчук, житарици и протеини, а избегну вајте прекумерно благо и тестенини. Важно е храната да е свежа, квалитетна, добро измиена, месото добро термички приготвено. Бидејќи истражувањата покажуваат дека исхраната во бременост е тесно поврзана со осетливоста на бебето на инфекции, како и неговата родилна тежина, правилната исхрана е еден од најлесните, најдобрите и најважните начини за мирна бременост и најдобар старт за вашето бебе.

Погрешно е да јадете за двајца и да ги зголемувате драстично калориите во бременоста. Почнувајќи од вториот триместар од бременоста вам ви се потребни само 300 до 400 калории повеќе во однос на исхраната која сте ја имале пред бременоста. Дополнителните калории се еквивалентни на еден мал сендвич, една банана и чаша млеко. До давање храна со целулозни влакна во исхраната (како што се салатите и зеленчукот) многу ќе ви помогне да ги избегнете вообичаените проблеми во бременоста, како запекот и хемороидите. Доволен внес на вода и течности е од огромно значење бидејќи е важно да бидете добро хидрирани, а тоа помага при елиминацијата на отпадните материи преку бубрезите и црниот дроб.

Вежбање во бременоста

Многу одамна на трудните жени им се пристапувало како на болни жени и нивната телесна активност се ограничувала. Денешните истражувања го покажуваат токму спротивното. Докажано е дека вежбањето во бременост ќе ви помогне да избегнете прекумерна тежина, да ги намалите болките во ’рбетот, заморот, запекот, отоците во нозете кои се јавуваат по стоење и да се чувствувате многу подобро. Вежбањето помага да се држите исправено и да ги зајакнете мускулите на ’рбетот, а со тоа тежината на стомакот е полесна за носење. Покрај помошта за вообичаените тегоби во бременоста, вежбањето помага и во намалување на можната појава на многу опасни болести и состојби во бременоста. Истражувањата покажуваат дека физичката активност за време на бременоста намалува ризик од гестациски дијабет, но и од појавата на прееклампсија. Вежбањето го намалува стресот во бременоста, а во исто време за време на вежбањето се ослободува хормонот на задоволството – ендорфин. Вежбањето осигурува правилен и опуштен сон кој ви е потребен вам и на бебето. Најпрепорачливи начини за физичка активност во бременост се пешачење, јога, пливање и истегнување.

Веднаш на лекар

Во текот на бременост може да се јават тегоби кои не треба да ги игнорирате. Ако ги почувствувате следниве симптоми, не чекајте, веднаш на лекар: крвавење, силна болка во стомакот, истекување на течност преку вагината, прекумерно повраќање, црвенило, оток и болка на еден од долните екстремитети, регуларни стегања на стомакот кои стануваат сè почести и појаки, главоболка заедно со проблеми со видот, покачен крвен притисок и отоци кои по одмор и спиење не се повлекуваат, слаби движења на плодот или кога во општо не ги чувствувате неговите движења.

Вообичаени тегоби во бременоста

Гадење (5-14 недела), киселини, запек, хемороиди, алергии, потемнување на одредени делови на вашата кожа, чувство на затнат нос, осетливост на непцата, болки во грбот, слабост и замор како последица на нискиот крвен притисок, отежнато дишење во третиот триместар поради притисок на зголемената матка на дијафрагмата. Бракстон хикс контракции – ретки контракции, во вид на стегање, притисок или тежина во долниот дел на стомакот. Тие се слаби и доаѓаат и исчезнуваат непредвидливо и не се регуларни, а може да се јават повеќе недели пред породувањето. 

Слични статии