X

ДОКОЛКУ НЕ СЕ ЛЕКУВА, ГАСТРОЕЗОФАГЕАЛНАТА РЕФЛУКСНА БОЛЕСТ МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА СЕРИОЗНИ КОМПЛИКАЦИИ

Сподели

Гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) се карактеризира со рефлукс, враќање на желудочната кисела содржина во хранопроводот, грлото, а неретко и во белите дробови. Гастроентерохепатологот од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ м-р д-р Димитар Трајков потенцира дека гастроезофагеалниот рефлукс е хронична, повторувачка болест и потенцијално е поврзана со сериозни компликации, доколку не се третира и лекува. „Клинички болеста најчесто се манифестира со пироза или жарење зад градите, регургитација или враќање на храната во хранопроводот и диспепсија или потешкотии при варењето на храната. Поретки симптоми се кашлица, воспалени на гласните жици, нетипична градна болка, засипнатост, потешкотии при голтање. ГЕРБ е една од најчестите гастроентеролошки состојби, со застапеност на 1/3 од возрасната популација. Имајќи предвид дека многу од пациентите не бараат лекарска помош, застапеноста е многу повисока“, смета д-р Трајков, гастроентерохепатолог и специјалист по интерна медицина. Тој вели дека дијагноза на гастроезофагеалната рефлуксна болест понекогаш е тешка. Клиничката манифестација многу често не е во корелација со степенот на оштета на лигавицата на хранопроводот утврдена при ендоскопскиот преглед. „Имајќи предвид дека тестирање не е можно да се направи во примарните здравствени установи, ГЕРБ се дефинира како состојба кога пациентот има чувство на враќање на киселина во хранопроводот во два или повеќе денови во текот на една недела. Најчесто третманот започнува со лекови кои го намалуваат лачењето на киселина во желудникот – инхибитори на протонска пумпа. Ако симптомите се подобрат или исчезнат, дијагнозата за ГЕРД може да се земе предвид како точна“, појаснува д-р Трајков. Гастроезофагеалниот рефлукс може да се дијагностицира и со други дијагностички методи, но истите процедури не се широко достапни во медицинските установи. Единствена дигјагностичка процедура која го утврдува степенот на оштета на храноводот е горнодигестивната ендоскопија позната како гастроскопија. Цели на терапијата, како што потенцира д-р Трајков, се брзо и долготрајно намалување или исчезнување на симптомите, подобрување на квалитетот на животот, како и излекувањето на оштетувањето на хранопроводот и превенција на повторна појава на промените на хранопроводот.

ТЕРАПЕВТСКИ МОДАЛИТЕТИ: ОД ПРОМЕНА НА ЖИВОТНИОТ СТИЛ ДО ХИРУРШКИ ТРЕТМАН

М-р д-р Трајков нагласува дека постојат повеќе терапевтски можност од модификација на животните навики (консумирање здрава храна, прекин на пушење, умерено консумирање алкохол, избегнување ноќни оброци), медикаметозен и хируршки третман. „Медикаментниот третман се состои од лекови кои го неутрализираат (антациди) или намалуваат создавањето на желудочната киселина (H2 рецепторни антагонист и инхибитори на протонска пумпа – ППИ). За повеќето пациенти препорачана е почетна терапија во времетраење од 6 до 8 недели. Кога ќе се постигне клиничко подобрување и ендоскопско излекување (уреден гастроскопски преглед), вообичаено е да се продолжи со терапија на одржување – со најниска ефикасна доза во времетраење од 6-12 месеци“, советува д-р Трајков. Гастроезофагеалната рефлуксна болест, како што додава тој, за жал, е хронична болест која повторно се појавува кај 80-90% од пациентите во период од 6 до 12 месеци (во групата на пациенти кои прекинале со лекување).

КОГА СЕ ПРЕПОРАЧУВА ГАСТРОСКОПИЈА?

Гастроскопија треба да се направи во случај на алармни симптоми и знаци, како што се тешко голтање, крвавење, болка при голтање, повраќање, губење телесна тежина, слабокрвност со недостиг на серумско железо или туморска маса која се напипува при преглед на стомакот. Исто така гастроскопијата се препорачува и по неуспешен третман со лекови, по долготрајна терапија или по појава на некои нетипични симптоми кај пациентот. Лековите кои го намалуваат лачењето на желудочна киселина од групата на инхибиторите напротонска пумпа се најефикасни лекови во третманот на гастроезофагеалниот рефлукс како во почетниот, така и во третманот на одржување. Тие имаат брз терапевтски одговор и се најефикасни во лекувањето на промените на хранопроводот.

Слични статии