X

СЕДЕЊЕТО ДОМА ГИ НАПРАВИ МЛАДИТЕ АНКСИОЗНИ, БЕЗВОЛНИ И СО НИЗА НАРУШУВАЊА

Сподели

Пандемијата на Ковид-19 го смени животот, ги промени правилата, ама имаше и силна рефлексија врз однесувањето на младите. Надвор од клупите и образовниот процес, учениците поминуваа повеќе време пред компјутер, на онлајн игри, многу помалку во дружба со врсниците. Оваа ситуација не е без влијание за нивното физичко и психичко здравје. Д-р Наталија Ангелкова, педијатар невролог, вели дека поради ова разбирливо е кај децата да се буди анксиозност и напнатост, поради што клучна улога треба да имаат и родителите, кои мора да бидат мотор за поддршка, помош, заедништво.

 БЕЗВОЛНОСТ, АНКСИОЗНОСТ, НАРУШУВАЊА

За децата од 4 години па нагоре до адолесценцијата, за кои веќе е помината првичната социјализација, периодот во училиште е важен затоа што тогаш тие комуницираат со врсници, но и со другари па и наставници. Во овој период се гради нивната личност, се прифаќаат обврски, се усвојуваат правила за однесување и почитување на околината и личностите. Д-р Ангелкова вели дека воспитувањето во предучилишна и училишна установа ги дава основите на дисциплина, исполнителност, точност, а истовремено и интеракција, соработка, поддршка, помош, заедништво. Сепак, новата ситуација удри токму на овој момент. „Ова се многу значајни моменти во воспитниот и развојниот процес кои се изгубени во овој период. Спреченоста и ограничувањето на физичките активности – од слободната игра на отворено до прекин на сите спортски тренинзи, натпревари доведува до безволност, адинамија, потенцирање на телесните проблеми во училишна возраст, како дефицит во крупната и фината моторика, намалена умешност, анксиозност и неможност да се искористи потенцијалната енергија“, вели д-р Ангелкова. Таа се согласува и дека поминатото време доминантно во седечка положба доведува до оптоварување на ‘рбетниот столб, вратната и лумбалната регија и тоа резултира со сколиоза. Кај поголем дел од децата се јавува зголемена телесна тежина, но и нарушување и оптовареност на видот, напнатост и агресивност поради постојано „влегување во виртуелен свет“ кој е носен од игрите. Таа потенцира и на други нарушувања кои може да се лоцираат кај надворешните ушни канали, кои се јавуваат поради долготрајна употреба на слушалки. Конечно, можно е да се јави и нарушен ритам и архитектоника на сонот, кои се должат на преживување на игрите и ситуациите од минатиот ден, но и поради несигурност и страв од состојбата во која се живее.

ПОВЕЌЕ ВРЕМЕ НАДВОР

Седењето дома за време на рестриктивните мерки прво резултираше со зголемување на телесната тежина кај повеќето, па и кај децата. Д-р Ангелкова вели дека со потоплите денови се врати и можноста за враќање на физичката кондиција. Таа вели дека е потребно и родителите да ги мотивираат децата да бидат склони секојдневно да шетаат, да се интересираат на активности надвор, да се буди љубов кон природата.

„Секоја наложена промена на секојдневието – забрана, ограничување, невообичаено задолжение провоцира негативизам, потешко се остварува соработка, анксиозност. Со негодување се извршуваат обврските, се комуницира со отпор и повисок тон. Кај некои деца се потенцира несигурноста, страв од непознатата и тешко објаснива ситуација. Депресијата е присутна кај повозрасните, оние кои ја сфаќаат новонастанатата ситуација и се свесни за опасностите. Тие уште повеќе се повлекуваат и изолираат од околината, што резултира со недостатоци во учењето, исклучување од социјалните групи каде што припаѓаат“, вели д-р Ангелкова. Таа е децидна дека освен што седеа дома, младите често времето го поминуваа и со технолошки уреди. Тоа, вели, треба да загрижува.

ДА НЕ ГЛЕДАМЕ НЕМО

Објаснува дека децата од помала возраст гледаат цртани филмови или играат игри кои често им се нејасни, а може и застрашувачки за нивната возраст и сфаќања. „Голем дел од децата во последниве години се хранат исклучиво ‘загледани во монитор’. Децата на училишна возраст играат игри, понекогаш забавни или компетитивни, но некогаш агресивни, со грубо врескање, караници и недолични зборови. Тешко е да ги прекинете во играта за да имаат оброк или да завршат некоја задача, без да има сериозен отпор. Во овие случаи виновни сме ние, возрасните, што однесувајќи се индиферентно, одобруваме лошо однесување, не си ја вршиме воспитната улога, најзначајна во градењето здрави личности. Често ги преземаме на себе обврските и одговорностите на децата, ги поштедуваме од корисни активности за да добиеме во време, не сме истрајни во побарувања кои овозможуваат нивна самостојност и социјална адаптација“, вели д-р Ангелкова. Смета дека позитивно искуство би понудиле родителите кои поминуваат повеќе време дома поради специјалните мерки или работат од дома, па имаат шанса да комуницираат повеќе со децата. Најважно е да има заедничка игра, интерактивно дружење, поттикнување на учество во домашните активности. Заедничките прошетки или спортување помагаат да се надмине социјалното изолирање на децата од своите врсници. Значајно е да се покаже интерес и внимание кон сè она што децата сакаат да искажат. На тој начин би се изградила меѓусебна доверба, емоционална поврзаност, посебно сигурност и самодоверба значајна за младата личност.

Депресијата е присутна кај повозрасните, оние кои ја сфаќаат новонастанатата ситуација и се свесни за опасностите. Тие уште повеќе се повлекуваат и изолираат од околината, што резултира со недостатоци во учењето, исклучување од социјалните групи каде што припаѓаат“.

Слични статии