X

МАСТЕКТОМИЈА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДОЈКА ВО ЕДЕН АКТ

Сподели

Третманот за лечење на рак на дојка бара мултидисциплинарен пристап и тимска работа на специјалисти од различни специјалности како радиолози, онколози, хирурзи и радиотерапевти кои врз основа на утврдување на сите фактори потоа планираат индивидуална програма за третман за секој пациент.

 „Најдобро е кога првиот чекор во третманот за лечење на рак на дојка е хируршкиот. Во зависност од големината на туморот, анатомските карактеристики на пациентот, биолошки карактеристики на туморот, зафатеноста на лимфните јазли и општата состојба на пациентот, како и изборот на пациентот се изведува онколошки хируршки зафат. Потоа, во зависност од стадиумот на болеста, имунохистохемискиот профил на туморот и постоењето или не на дистантни метастази, следува дополнителен (адјувантен) третман кој вклучува хемотерапија, зрачење, хормонска и имунолошка терапија“, вели д-р Смилевски, специјалист по градна хирургија.

ШТО Е МАСТЕКТОМИЈА?

Мастектомијата е една од најчестите хируршки процедури во кои се отстрануваат дојките за да се спречи ширењето на ракот или да се спречи неговиот развој кај жени со висок ризик. Како дел од третманот за лечење на рак на дојка, оваа хируршка процедура се изведува доколку станува збор за голем тумор, кој покрива повеќе од еден квадрант на дојката.

„За време на хируршката интервенција комплетно се отстранува жлездениот паренхим на дојката како и лимфните јами од истостраната пазува како прво место на ширење на болеста. Се разбира дека како најмутилантна хируршка техника мастектомијата претставува дополнителен стрес кај пациентот. Затоа сметаме дека денес при носењето на одлука за хируршки третман, планот треба да содржи и некаков вид на реконструкција. Таа може да биде примарна, кога во ист акт се отстрануваат градите на пациентката и веднаш се вградуваат импланти кои ќе го надоместат губитокот. Кога состојбата не дозволува примарна реконструкција таа се планира во втор акт“ вели д-р Смилевски.

Видови на хируршки интервенции во третманот на кaрциномот на дојка:

• модифицирана радикална мастектомија – вклучува целосна мастектомија и отстранување на лимфните јазли од пазувите

• квадрантектомија – хируршка интервенција со која се отстранува паренхимот од еден квадрант на дојката каде што е лоциран туморот. Спаѓа во групата штедливи хируршки интервенции поради тоа што поголем дел од паренхимот на дојката не се отстранува и дава подобар естетски резултат. За време на интервенцијата се отстрануваат и лимфните јазли од истостраната пазувна јама

• мастектомија со зачувување на кожата на дојката – се отстранува целата дојка, со или без брадавицата и ареолата, но со зачувување на кожата. Се користи кога во истата процедура се планира реконструкција на градите (skin spare mastectomy)

• лампектомија – хируршка интервенција при која се отстранува туморот со безбедна далечина на хируршките маргини. Може да вклучи и лимфаденектомија во пазувата во зависност од нодалниот статус на пациентот.

„Хируршките интервенции се поднесуваат релативно добро од страна на пациентот. Се разбира колку интервенцијата е поштедлива постоперативниот период ќе биде полесен. Но, независно која хируршка техника ќе биде применета, пациентот веќе од првиот постоперативен ден мора да биде комплетно мобилизиран, со него се спроведува физикална терапија и пациентот се обучува да ги извршува и сам вежбите кои се задолжителни и по хоспитализацијата, се враќа на нормален режим на исхрана и напитоци а постоперативната болка лесно се решава со вообичаена аналгетска терапија“, објаснува д-р Смилевски.

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДОЈКИ ПО МАСТЕКТОМИЈА

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ постои можност за естетски третман по хируршката интервенција на дојка или реконструкција по мастектомија. Реконструктивната хирургија на гради е хируршка интервенција која се изведува за да го подобри изгледот на пациентката која била подложена на мастектомија како дел од третманот за лечење на рак. За многу жени реконструкцијата на дојка им помага подобро да се соочат со болеста, да им се врати самодовербата, да им се подобри квалитетот на живот, вели проф. д-р Боро Џонов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија.

„За многу жени кои го победиле ракот на дојка реконструктивниот зафат е вистински избор, кој ќе им помогне да се чувствуваат целосно по операцијата за отстранување на дојка. Методите на реконструкција според времето на извршување се делат на примарна и секундарна реконструкција. Реконструкцијата која може да се изведе во ист акт ако дозволуваат параметрите предвидени од торакалниот хирург е примарна реконструкција, а секундарна или одложена реконструкција е хируршки зафат кој се прави 6 месеци по мастектомија доколку се исполнети услови за такво нешто“, објаснува проф. Џонов.

Најчести применувани методи на реконструкцијата на дојка како примарна и секундарна реконструкција се реконструкција со сопствено ткиво (мускул, масно ткиво, кожа), реконструкција со употреба на имплант, реконструкција со експандери и импланти и комбинација од двете техники со употреба на импланти и сопствено ткиво.

Треба да се нагласи, вели проф. Џонов дека со овој тип хируршки зафат пациентките не добиваат идеална симетрија, а за да се постигне најдобар можен резултат понекогаш е потребна хируршка интервенција и на другата дојка (намалување на градите, подигнување или зголемување), затоа нивните очекувања треба да одат во правец дека ќе добијат дојка, наместо да носат надворешна протеза.


Можни компликации:
• хематоми, симптоми: болка, оток, фебрилност. Малите
хематоми се решаваат конзервативно додека кај поголемите мора да се постави дренажа
• инфекции – се јавуваат обично 7-10. ден постоперативно. Се јавува оток, болка, целулит, црвенило. Потребно е да се дренира раната и иригација на раната антибиотика и евентуално отстранување на имплантот
• хипертрофични лузни – не зависат од оперативната
техника. Етиолошки се од реакцијата на организмоткожата на интервенцијата
• асиметрија и ирегуларности во контурите – овие несакани последици настануваат како резултат на начинот на изведување на претходната мастектомија. Исто така поради извртување на имплантот под дејство на мускулот. Капсуларни контрактури околу имплантот. Закрепнувањето по ваков хируршки зафат во голема мера ќе зависи од типот на реконструкција што е правена и може да трае најмалку две до шест недели.

Една од најпознатите холивудски актерки Анџелина Џоли има направено порфилактичко отстранување на обете гради со примарна реконструкција. Причината поради која познатата актерка се подложила на оваа интервенција е проценет висок ризик од појава на болеста и била носител на мутираниот ген BRCA1, а нејзината мајка ја загубила повеќегодишната борба со ракот на дојка. Но, она што е интересно, е дека по овој нејзин зафат бројот на пациенти кои се заинтересирани за отстранување на градите со примарна реконструкција како профилактичка мерка нагло се зголемува. Ефектот што познатата актерка Џоли го предизвика ja донесе нa насловна страна на неделникот Тајм.

Слични статии