X

АРИТМИЈАТА ГО ОСЛАБУВА СРЦЕТО

Сподели

При физичка активност нормално е срцевиот ритам да се забрза, но постепено. Степенот на забрзување на срцевиот ритам зависи од физичката кондициска подготвеност на индивидуата. По физичката активност, срцевиот ритам постепено се враќа во нормални граници. Кај децата помали од 14 години, нормално е ритамот во мир да биде и поголем од 100 удари во минута.

Палпитации (срцева аритмија) се непријатни сензации на нагло, силно и брзо, регуларно или нерегуларно срцево работење. Д-р Иван Трајков, кардиолог електрофизиолог, вели дека најчесто кога се во прашање палпитациите не се работи за срцево заболување, но потребно е да се исклучат и други фактори што може да доведат до тоа, како што се: eлектролитни нарушувања (дехидратација), психогени и социјални фактори, анемичен синдром (ниско железо и хемоглобин во крвта), ендокринолошки болести (тироидна жлезда, надбубрежна жлезда), белодробни заболувања, како и одредени лекови.

Д-р Иван Трајков препорачува секогаш да се побара консултација со кардиолог доколку срцебиењето е придружено со вртоглавица, конфузност, губење на свеста, силна главоболка, тешкотии во дишењето, градна болка што се шири кон вратот, долната вилица, рамениците или горниот дел од грбот, кога срцевиот ритам е побрз од 140 удари во минута и трае подолго од 30 минути без физичка активност и кога аритмијата е придружена со зголемен или намален крвен притисок.

КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА

Единствен доказ за постоење на срцева аритмија е електрокардиограмот за време на срцебиењето. За да се исклучи срцево заболување како причина за срцевата неправилна работа, треба да се направат првични рутински иследувања, преглед, електрокардиограм во мир (да се исклучи постоење на вродени аритмии) или 24-часовно следење на срцевиот ритам (холтер-следење), ехокардиографија (да се исклучи срцева слабост) или коронарен стрес-тест, доколку aритмичката срцева работа се појавува за време на физичка активност. Доколку не се најде срцева причина во рутинските иследувања, а пациентот се жали на срцебиење, кое е побрзо од 150 удари во минута и нема електрокардиограм за време на аритмијата, се препорачува и инвазивна дијагностика, електрофизиолошка студија.

ЕЛЕКТРОФИЗИОЛОШКА СТУДИЈА

Кога пациентот има електрокардиографски запис од клиничката тахикардија и таа покажува знаци за постоење на кружна тахикардија, кај пациентот се предлага електрофизиолошка студија со аблација. Тоа е испитување при кое се добива аритмијата и која во исто време се лекува. Потоа пациентот нема аритмија.

ВИДОВИ ТРЕТМАН

Лекувањето треба да започне навреме за да се намали можноста за појава на компликации. Д-р Иван Трајков објаснува дека доколку аритмијата не може да се смири со лекови – антиаритмици, во тие случаи се применува електрична кардиоверзија. „Тоа е метода на смирување на ритамот со електричен удар (медицински контролиран). Доколку кај пациентите има потреба од повеќекратно повторување на електрични кардиоверзии, во тие случаи, на пациентите им се предлага електрофизиолошка студија со радиофреквентна аблација во левата преткомора на срцето, каде што е најчесто основната причина за појава на преткоморната фибрилација.“

ЕЛЕКТРОСТИМУЛАТОРОТ ЈА ПРЕЗЕМА НОРМАЛНАТА СРЦЕВА РАБОТА

Доколку кај пациентот има хронична преткоморна фибрилација, аритмија што трае подолго од една година, аритмија што не се смирува со лекови, а во исто време има и структурни промени во срцето (проширена лева преткомора повеќе од 5 см) со постоење на срцева пумпна слабост, во тие случаи, според актуелните кардиолошки препораки, се поставува срцев електростимулатор за да ја преземе нормалната срцева работа. „Поставувањето на срцевиот стимулатор (пејсмејкер) е со мала хируршка интервенција, при што се поставува една електрода (сонда) во десната комора и генератор (батерија) под кожа, најчесто од левата страна на градниот кош“, објаснува д-р Трајков. Во исто време, за подобра контрола на ритамот, се прави електрофизиолошко тестирање. Тоа е процедура за да се потврди аритмијата. Потоа интервенцијата се продолжува со воведување преку вена на аблативен радиофреквентен катетер. „Ова претставува сонда преку која се спроведува струја со мала енергија со која се прави аблација, коригирање на мал дел од спроводниот систем. Потоа срцевиот електростимулатор (пејсмејкер) ја презема работата на срцето. Пациентот има регулиран срцев ритам со адекватно контролирано забрзување при физичка активност. Пациентот клинички добива на кондиција, има помала потреба од лекови за крвен притисок и за срцева слабост.“

Важно е да знаете

Од кардиолошка гледна точка, многу е битно

• дали аритмијата започнува и се смирува нагло или постепено

• дали е ритмична или аритмична

• колку време трае

• дали е придружена со симптоми

• дали се појавува првпат или се повторува. Доколку се повторува, дали е постојано истата причина за појавување или нема правило

• дали пациентот знае за некоја досегашна срцева состојба, која може да доведе до неправилна срцева работа

• дали пациентот има податок за аритмии или други срцеви заболувања во семејството

• дали се појавува во тек на ден или ноќ, во мир или при физичка активност, пред или по јадење • дали е придружено со болка во градите, стомакот или болка на друго место

• дали е во бременост

• да се исклучи постоење на инфекција или фебрилна состојба.

Слични статии