/СЛАБОКРВНОСТА ГО ЗАБАВУВА ПСИХОМОТОРНИОТ РАЗВОЈ НА ДЕЦАТА

СЛАБОКРВНОСТА ГО ЗАБАВУВА ПСИХОМОТОРНИОТ РАЗВОЈ НА ДЕЦАТА

Сподели

Главна улога на еритроцитите и хемоглобинот е транспорт на кислородот од белите дробови до сите клетки во организмот. Недостатокот на хемоглобин и/или недоволен број еритроцити ќе резултира со намалено снабдување на клетките со кислород и манифестирање на клиничките знаци на анемија.

Доц. д-р мед. науки Билјана Чонеска-Јованова, педијатар хематоонколог, објаснува дека анемијата може да е привремена, минлива состојба, причинета од дефицит на хранливи материи или загуба на крв, а може да е последица на хронично заболување, автоимун процес, малигна болест или друго заболување. Повеќето видови анемија се транзиторни и може лесно да се коригираат, но некои видови анемија може сериозно да го нарушат здравјето и да доведат до животно загрозувачки состојби.

ШТО ДОВЕДУВА ДО НАМАЛУВАЊЕ НА ХЕМОГЛОБИНОТ КАЈ ДЕЦАТА?

Причините за развој на анемија се различни, но значајно е дека нејзиното присуство влијае врз здравјето на децата, нивниот когнитивен и физички развој и влијае врз имунолошкиот систем, зголемувајќи го ризикот за инфекции.

Развојот на анемијата е последица на три главни механизми:

 1. Неефикасна еритропoеза – нарушено создавање еритроцити во коскената срцевина

2. Хемолиза – зголемен распад на еритроцити поради вродени и стекнати заболувања

 3. Загуба на крв – акутни и хронични крвавења.

Најчести причини за анемија во детската возраст се нутритивните дефицити, инфективните заболувања и хемоглобинопатиите.

„Нутритивните анемии се резултат на недоволен внес на градивни елементи неопходни за синтеза на хемоглобин и еритроцити. Дефицитот на железо е најчестиот тип нутритивна анемија (феродефицитна анемија) и се смета за главна причина за анемија кај претшколските деца (42% од анемиите). Во најголем број случаи, феродефицитната анемија се должи на неправилна исхрана на детето, зголемени потреби на организмот за железо во фазите на интензивен раст, а поретко на нарушена апсорпција на железо или зголемена загуба од дигестивниот тракт. Децата што во својата исхрана внесуваат многу малку месо, риба, јајца, зелен лиснат зеленчук, а повеќе консумираат млеко, најчесто развиваат ваков тип слабокрвност. Дефицитот на витамини (А, Б2, Б6, Б12, Ц, Д, Е и фолна киселина), како и дефицитот на бакар, исто така, можат да доведат до анемија поради нивната важна улога во синтезата на хемоглобинот и еритроцитите“, вели д-р Чонеска-Јованова.

НЕДОСТАТОК НА ВИТАМИНОТ Б12

Дефицитот на Б12 се враќа во фокусот на актуелните истражувања поради трендот на пораст на веганска, вегетаријанска и макробиотска исхрана, како на мајките доилки, така и на децата и на одложеното и/или недоволно внесување продукти од животинско потекло во исхраната на доенчињата и малите деца. Дефицитот на витамин Б12 се манифестира со хематолошки и невролошки нарушувања – мегалобластна анемија, заостанување во ПМР (психомоторниот развој), хипотонија, повраќање, иритабилност, тремор, конвулзии, сензомоторен и когнитивен дефицит. Во детската возраст дефицитот на Б12 ретко се манифестира со класични симптоми, така што често е задоцнета дијагнозата. Одложена дијагноза и задоцнет третман на дефицитот на Б12 можат да доведат до трајно невролошко оштетување – иреверзибилни оштетувања на фина и груба моторика и нарушување на когнитивниот развој кај децата.

Инфективните заболувања можат да доведат до анемија преку различни механизми, кои вклучуваат – нарушена апсорпција и нарушен метаболизам на железо, неефикасна еритропоеза или зголемена загуба на нутритивни елементи. Хроничната инфекција може да доведе до развој на анемија на хронично заболување или анемија на хронична инфламација, како последица на нарушен метаболизам на железото, што е резултат на зголемена продукција на проинфламаторни цитокини и тоа доведува до намалена продукција и скратен полуживот на еритроцити и складирање на железото во форма на феритин.

Наследните хемоглобинопатии, кои се последица на структурни варијации или намалена продукција на глобинските вериги на хемоглобинот, доведуваат до зголемен распад на еритроцитите и до развој на анемија. Најчест вид хемоглобинопатија во Македонија е бета-таласемијата, која се карактеризира со микроцитна, хипохромна анемија со нормални вредности на серумско железо.

КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ НА АНЕМИЈА КАЈ ДЕЦАТА?

 Повеќето симптоми на анемија се неспецифични, само мал дел од нив се поврзани со одредени видови анемија. Анемијата многу често е придружен симптом на други, најчесто хронични заболувања. Најчестите симптоми на една анемија се: y бледило на кожата и видливите слузници y недостаток на енергија, малаксаност или недостаток на концентрација y главоболка и вртоглавица y намален имунитет и склоност кон инфекции y забрзана работа на срцето (тахикардија) y отежнато дишење y жолтило на кожата и белките на очите y зголемен црн дроб и слезина y заостанување во растот и развојот y нерегуларни менструални циклуси y изостанување или одложен менструален циклус. Сите овие симптоми можат да бидат манифестација на друго заболување и затоа е многу важно правилно да се насочат иследувањата за да се постави точна дијагноза.

КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА АНЕМИЈАТА?

 Анемијата вообичаено се дијагностицира преку крвната слика, која покажува намалени вредности на хемоглобин и/или намален број на црвени крвни зрнца.

„Други дијагностички процедури за одредување на видот на анемијата се: комплетна медицинска историја и физикален преглед, цитоморфолошка анализа на периферна размаска и број на ретикулоцити, одредување на серумско железо и неговите резерви, Б12, фолати, вредности на билирубин хемоглобинолошки, ензимолошки анализи и други лабораториски иследувања во зависност од клиничката слика, аспирација и биопсија на коскена срцевина“, објаснува д-р Чонеска-Јованова

Третманот на анемијата во детската возраст е различен во зависност од видот на дијагностицираната анемија и може да се состои од: y терапија со железен препарат, витамини и промена на начинот на исхрана при нутритивна анемија (внес на продукти богати со железо – месо и зеленчук во комбинација со продукти богати со витамин Ц) y третман на основното заболување што довело до анемија y вадење на слезината (спленектомија – во случај на хемолитична анемија) y трансфузија на еритроцити ако е неопходно y трансплантација на коскена срцевина (во случај на нефункционирање на коскената срцевина при апластични и хипопластични анемии, хемоглобинопатии) y други тераписки процедури. Долгорочната прогноза на анемијата зависи од причината што довела до појава на анемија. Најчестите форми на анемија, кои се последица на нутритивен дефицит, најлесно и најбргу се лекуваат. Во другите случаи каде што анемијата се должи на генетско заболување, автоимун процес, малигно заболување или друго сериозно заболување, потребно е долгорочно следење од страна на педијатриски хематолог.