/Фидановски: Имаме педијатриски тим што може да биде пример за целиот регион

Фидановски: Имаме педијатриски тим што може да биде пример за целиот регион

Сподели

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја прошири педијатриската дејност во областа на детската хематологија, а во план е, наскоро, згрижување и на некои од онколошките заболувања во детската возраст, објаснува д-р Душко Фидановски, кој раководи со одделот за педијатрија и неонатологија. Вели дека сега се фокусираат на овој сегмент и дека за тоа имаат и услови и педијатриски тим што може да биде пример за целиот регион.

„Исклучително важно за комплетирање на педијатриските услуги во нашата болница беше отпочнувањето и со хируршкиот третман на деца, особено на новороденчиња и помали деца до 1 година, што досега во најголем број случаи беше достапно само во јавните универзитетски центри“, вели Фидановски.

За одделот

Фидановски: Детскиот оддел во „Аџибадем Систина“ е составен од 18 лекари педијатри, 40 педијатриски сестри и 4 финкционални единици кои се во функција на грижа за детското здравје и правилниот развој. Одделот за неонатологија и неонатална интензивна нега се во функција на новороденчињата кои се раѓаат во нашата болница и функционира по принципот на руминг ин, односно постојано присуство на мајката и детето заедно, од самото породување па до моментот на испис од болницата. Неонаталната интензивна нега ги згрижува новороденчињата кои се од ризични породувања и кои бараат  интензивен третман со користење на најсовремена апаратура, а итниот транспортен сервис на новороденчињата овозможува трансфер на тешко болни новороденчиња  од други установи во земјата, но и од околните земји, во случај на потреба од интензивен третман во нашата установа. Педијатрискиот оддел ги згрижува децата од 0-16 години кои имаат потреба од хоспитален третман на најчестите заболувања на оваа возраст, секако во одлични услови кои повеќе личат на „домашни“ отколку болнички, што го прави престојот на децата и родителот удобен и помалку трауматичен. За одбележување е педијатрискиот поликлинички дел во кој функционират една општа и четири супспецијалистички педијатриски амбуланти кои овозможуваат дијагностика и третман на најголемиот број заболувања во детската возраст во амбулантски услови. За посебно одбележување е 24-часовното функционирање на Педијатрискиот ургентен центар во кој се прифаќаат деца со ургентно настанати здравствени проблеми, а во склоп на кој функционира и дневната болница за децата кои имаат потреба од неколкучасовен болнички третман. За одбележување се и задолжителниот скрининг за слух, кој се прави кај секое новороденче во нашата установа и кој е единствен од ваков тип во земјата, како и ортопедскиот скрининг преглед кај секое новороденче. Ваквиот комплексен, мултидисциплинарен пристап за грижа на детското здравје, можноста за дијагноза и третман на најчестите здравствени проблеми кај детската популација од страна на искусни и стручни педијатри од различни супспецијалности надополнети со врвни услови што ги задоволуваат највисоките болнички стандарди ја прави нашата установа поинаква од другите.

Кога станува збор за здравјето на децата, тука нема компромиси. За родителите најзначајни се советите, грижата по раѓањето.

Фидановски:  Да, несомнено. На секое породување во нашата болница има присуство на педијатар кој го прифаќа новороденчето и се грижи за успешна адаптација и старт во животот. Ризичните новороденчиња и тие кои се од ризични породувања се прифаќаат на Одделот за неонатална интензивна нега. Секако, со завршување на престојот во болницата не завршува грижата за новороденчињата, туку таа продолжува со редовните контроли во амбулантите за здрави деца, односно во неонатолошките амбуланти каде што се следи растот и развојот на детето, се даваат совети за нега и исхрана на детето и се укажува на евентуалните настанати отстапувања од нормалата. Грижата продолжува преку следење на детето во текот на детскиот период.

А кои специјалности се покриваат на педијатрија?

Фидановски: Може да се каже дека ги покриваме специјалностите од кои најчесто има потреба кога станува збор за детското здравје. Тоа се детската пулмоалергологија, детската ревматокардиологија, детска неврологија, детска нефорлогија, состојби со отстапувањата од нормалниот раст и развој кај децата и од оваа година и детската хематоонкологија.

Каква опрема и со какви услови располагате?

Фидановски: Ја имаме сета неопходна опрема за третман на тешко болни новороденчиња од инкубатори, респираторни машини за инванзивна и неинвназивна вентилација, топли легла, кислородна терапија и мониторинг на витални параметри. Потоа опрема за третман на педијатриски случаи со заболувања од различна природа и опрема потребна за брза и сигурна дијагноза, односно сите биохемиски и микробиолошки иследувања, ултразвучна дијагноза, како и рендгенолошки имиџинг-иследувања и сето тоа по принципот на минимална траума на детето, односно „покрај креветот на дететo“.

Какви се бројките, колку бебиња годишно се раѓаат во вашата болница, колку пациенти имате регистирано на вашето одделение?

Фидановски: Во 2018 година има 1 415 новороденчиња, што во споредба со претходната година е зголемување за околу 10 проценти. Овој тренд на постојано зголемување на бројот на породувања на годишно ниво се одржува од почетокот на работењето на болницата, што укажува на големата доверба што пациентите ја имаат во нашата болница, а нашето породилиште го вбројуваат во првите три породилишта по број на породувања во земјата.

Едно од специјалностите е и центарот за рано откривање и третман  на деца со пречки  во развојот, за што станува збор? 

Фидановски: Се работи за Центар во кој има можност за рана откривање и третман на децата со различни отстапувања во менталниот или моторниот развој од типот на проблеми со говор, однесување, комуникација и способност за извршуавње ментални  функции од полесен или потежок тип од различна причина. Во центарот работи тим од искусни педијатри, невролог и развоен педијатар, потоа дефектолог логопед, како и физиотерапевт. Посебноста на овој центар го прави можноста за дијагноза, но и третман и работа со такви деца, која најчесто е на долги патеки, и тоа на едно место од различни профили на професиналци обучени за работа со нив. Бројот на децата кои имаат потреба од ваква грижа, за жал, е во постојан пораст и со отворањето на нашиот центар добиваат место каде што имаат можност за комплетна и перманентна услуга на едно место. Непостоењето на друг ваков центар кај нас беше мотивот за неговото формирање и функционирање.

Најавивте дека педијатрискиот оддел ќе се проширува, ама од аспект на услугите што ќе се нудат. За што всушност станува збор?

Фидановски: Од крајот на минатата година ја проширивме педијатриската дејност во областа на детската хематологија, а во план е наскоро згрижување и на некои од онколошките заболувања во детската возраст. За тоа имаме кадар и услови. Исклучително важно за комплетирање на педијатриските услуги во нашата болница беше отпочнувањето и со хируршкиот третман на деца, особено на новороденчиња и помали деца до една година, што досега во најголем број случаи беше достапно само во јавните универзитетски центри.

Каква е подготвеноста за ваков потег во Клиничката болница „Аџибадем Систина“?

Фидановски: Нашата болница е единствена во земјата и во регионот бидејќи на едно место може да се добијат речиси сите здравствени услуги и за секој, а воедно тоа да биде направено по највисоки здравствени стандарди, по најсовремени медицински протоколи, во врвни услови и од врвни доктори од професионален, стручен и морален аспект. Да се работи во ваква установа за нас, вработените, претставува големо задоволство и чест бидејќи дава можност да го искажеме сето тоа што сме го научиле и стекнале како вештина и искуство, и тоа на најдобар можен начин. Воедно, големиот број пациенти кои секојдневно се корисници на нашите услуги нè обврзуваат постојано да работиме на нашата стручност и професионалност и постојано да напредуваме, се развиваме со цел да го понудиме најдоброто.

Кои се најчестите заболувања кај децата, како може да го зајакнеме нивниот имунитет?

Фидановски: Зависи од сезоната, на пример летно време повеќе има цревни заболувања, а во тек на зимата доминираат секако респираторните заболувања. За жал, во пораст се некои малигни заболувања, а има деца кои покажуваат отстапувања и пречки во психомоторниот развој и невролошки заболувања од различна причина.Нема волшебна формула за зајакнување на детскиот имунитет бидејќи, како и сè друго, и имунолошкиот систем кај децата е во фаза на раст и развој и очекувано е тие да бидат повеќе склони кон инфекции. Секако, избалансирана исхрана, особено правилна во тек на првите години од животот, екслузивното доење во тек на првите шест месеци, а по можност и потоа, условите за живот, спортска активност прилагодена на возраста, редовната имунизација и придржувањето кон препораките на педијатрите може да придонесат за подобар имунитет. Децата треба да бидат под стучен надзор во тек на детскиот период, особено во тек на првите 5-6 години ,кои се клучни за понатамошниот раст и развој и животот на човекот. Навиките кои тогаш се стекнуваат ги носиме во тек на целиот живот.  Апелирам да не се дава терапија, особено антибиотици, на своја рака или поинаку од препораките дадени од  доктор.

извор – фактор.мк