/Кога ќе се појават вошки

Кога ќе се појават вошки

Сподели

Вошки се мали инсекти кои живеат во косата на луѓето. Тие се хранат со мали количества крв исцицана од скалпот и положуваат јајца – наречени гниди. Појавата на гниди е сигурен индикатор за присуство на вошки. Наезда од вошки уште се нарекува и педикулоза.

Кои се симптомите за вошки?

Најчестиот симптом за присуство на вошки е чешањето, особено на задниот дел од главата и вратот, близу ушите – области каде вошките најчесто живеат. Интензивно чешање може да ја оштети кожата на скалпот и да доведе до рани и инфекции. Понекогаш може да помине период од две до три недели по наездата од вошки за да почне чешањето.

Како се пренесуваат?

Вошките не скокаат, ниту, пак, летаат, едноставно се шират преку директен контакт на глава со глава, а многу поретко преку користење на исти предмети со лице кое има вошки (чешел, шал, капа, крпа, шноли и стегачи, облека, кебиња, перници).  

Колку се чести вошките?

Вошките се честа појава. Се јавуваат кај 6 до 12 милиони луѓе годишно, но најзасегнати се децата кои одат на училиште. Кај нив блискиот контакт и споделувањето на лични предмети е многу почесто. Вошките многу почесто ги напаѓаат девојчињата отколку машките, но не се поштедени и возрасните.

Како се лоцираат и третираат вошките?

Ако гледате одблиску, може да ги видите малечките гниди закачени на влакната. Гнидите се слични на првутот, но не се така лесни за отстранување со четка или миење. Возрасните вошки се движат брзо и поради тоа тешко се забележуваат. Најлесно ќе ги уништите со специјалните медицински шампони и исплакнувачи за коса кои содржат супстанција наречена пиретрин и се достапни без рецепт. Користењето на густ чешел помага во ослободувањето на гнидите од косата. По секој третман со шампонот против вошки важно е убаво да се измијат сите чешли, капи и крпи.

Дали постои превенција против вошки?

Најдобрата превенција е да не ги споделувате вашите лични предмети, како што се чешлите, крпите или капите, и да се избегнува контакт со луѓе кои имаат вошки. Исто така, известете ги во училиштето доколку вашето дете има вошки и одредено време не го пуштајте на настава, додека не се справите со проблемот.