/ОД ДЕРМАТОЛОШКИ ДО КАРДИОВАСКУЛАРНИ И НЕВРОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ – КОВИД-19 ОСТАВА СЕРИОЗНИ И БРОЈНИ ПОСЛЕДИЦИ

ОД ДЕРМАТОЛОШКИ ДО КАРДИОВАСКУЛАРНИ И НЕВРОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ – КОВИД-19 ОСТАВА СЕРИОЗНИ И БРОЈНИ ПОСЛЕДИЦИ

Сподели

На почетокот на пандемијата со Ковид-19 здравствените работници беа фокусирани на детекција, препознавање и лекување на акутната фаза на болеста, предизвикана од SARSCoVвирусот. Но, една година по појавата на првите случаи во Кина, фокусот на лекарите се насочува кон перзистентните симптоми по акутната фаза на Ковид-19. Иако не постои консензус, некои го нарекуваат постковид синдром. Примариус м-р д-р Валерија Кирова-Урошевиќ, инфектолог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ вели: „Најголем процент пациенти кои боледувале од Ковид-19 комплетно оздравеле. Но, неодамнешните извештаи од страна на медицинската и здравствена елита укажуваат на перзистентност на симптоматологијата неколку месеци подоцна. На глобално ниво во тек се голем број истражувања кои ги обработуваат последиците и долготрајноста на симптомите по Ковид-19. Првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, предупредува на широк спектар на перзистентни и флуктуирачки симптоми по акутната фаза на болеста“.

Перзистентноста е конкретно објаснета во различни возрасни групи, вклучително кај младите адулти и педијатриската популација, како и кај лицата со лесни и средно тешки облици на Ковид-19. Д-р Кирова-Урошевиќ потенцира дека најчестите симптоми кои ги пријавиле пациентите и по прележување на коронавирусот се замор, краток здив, кашлица, градна болка, како и пролонгирана фебрилна состојба. Освен овие здравствени проблеми, голем број од пациентите се пожалиле и на абдоминална болка, болка во мускулите, главоболка, когнитивни нарушувања и палпитации.

НАМАЛЕНА КОНЦЕНТРАЦИЈА И ПОСЛАБА МЕМОРИЈА КАЈ ПАЦИЕНТИТЕ ПО ПРЕЛЕЖАН КОВИД-19

Неретко кај пациентите со Ковид-19, како што појаснува д-р Кирова-Урошевиќ, забележани се сериозни долгорочни последици атакувајќи различни органи:

• кардиоваскуларни (инфламација на миокардот)

• респираторни (пулмонални абнормалности)

• бубрежни (акутна ренална слабост)

• дерматолошки (егзантем, алопеција)

• невролошки (аносмија, агеузија, инсомнија, проблеми со меморија)

• психијатриски (депресија, анксиозност, нагли промени во расположение)

Како што појаснува д-р Кирова-Урошевиќ, досегашните сознанија укажуваат на тоа дека патогенезата на овие компликации се должи на комбинација на следните фактори: директна ткивна инвазија од страна на вирусниот предизвикувач (веројатно со посредство на рецепторот на ангиотензин конвертирачки ензим 2), интензивна инфламаторна и цитокинска бура, што доведува до имунолошки посредувано ткивно оштетување и хиперкоагулабилна состојба кај тешките облици на Ковид-19.

МОЖНИ НАРУШУВАЊА НА СРЦЕВИОТ РИТАМ

Пациентите кои прележале Ковид-19 како најчести кардиоваскуларни последици ги наведуваат оштетувањата на миокардот дефинирани со детекција на високи вредности на серумскиот тропонин. Миокардијална инфламација, миокардитис, наушувања во срцевиот ритам-аритмиите се исто така состојби забележани кај пациенти по инфицирање со вирусот SARS-CoV-2, нагласува д-р Кирова-Урошевиќ. Во една германска студија, како што појаснува таа, била направена магнетна резонанца кај 100 испитаници во третиот месец по акутната фаза на Ковид-19. И миокардни оштетувања биле детектирани дури кај 60 проценти од испитаниците, а слични наоди се опишани и во студии со помал број испитаници. „Времетраењето на промените и далекусежните последици сè уште не се познати. Затоа се неопходни дополнителни студии и следење на пациентите во подолг временски период“, вели инфектологот. Пулмоналните проблеми почесто се јавуваат кај пациенти кои прележале тежок облик на Ковид-19, односно три месеци по болничкиот престој, кај 25 проценти од лекуваните пациенти забележани се перзистентни респираторни проблеми и рендгенграфски абнормалности. Радиографските промени биле во прилог на интерстициелно задебелување и белодробна фиброза. Сепак, додава д-р Кирова-Урошевиќ, неопходни се дополнителни истражувања и проценка на респираторната функција кај поголем број пациенти и на подолг временски период, за да се добие појасна слика за пулмоналните последици кои ги остава коронавирусот.

ЛИЦАТА КОИ БОЛЕДУВАЛЕ ОД КОВИД – 19 СТРАДААТ ОД ДЕПРЕСИЈА И АНКСИОЗНОСТ

Вирусот SARS-CoV-2 навлегува во мозочното ткиво преку крвта во фаза на виремија и директно со инвазија на олфакторниот нерв. Д-р Кирова-Урошевиќ вели дека според досегашните сознанија најчести невролошки долгорочни последици се главоболка, вртоглавица, аносмија и агеузија, додека сериозни невролошки манифестации многу ретко биле опишани во акутната фаза на Ковид-19, како што се енцефалитисот, појавата на конвулзии, исхемична болест или промени во расположението. „Дополнително, емоционалните и бихевиорални нарушувања се недоволно истражени и се предмет на понатамошна евалуација. Психичките нарушувања како резултат на Ковид -19 во комбинација со социјалното дистанцирање и осаменоста се состојби со кои се соочува популацијата на глобално ниво. Лицата кои боледувале од Ковид-19 страдаат од депресија, анксиозен и посттрауматски синдром“, нагласува д-р Кирова -Урошевиќ. Во оваа фаза на пандемијата со Ковид-19, вели таа, сè уште е рано за дефинитивни препораки базирани на докази во однос на пристапот и лекувањето на пациентите во постковид акутна состојба. Со оглед на тоа што долготрајноста, преваленцата и влијанието на преегзистентните состојби се сè уште неистражени, медицината е во исчекување на новите научни сознанија, за подобро да се разбере патофизиологијата и клиничкиот тек на перзистентноста на симптоматологијата. Д-р Кирова-Урошевиќ вели дека засега општо прифатено е дека стратегијата за менаџирањето на ковид-пациентите треба да биде прагматична и симптоматски.