X

Естрогенот е одговорен за „лошите денови“ на жените

Сподели

Има денови кога се чувствувате женствено и привлечно, едноставно сте среќни без посебна причина. Но, има и денови кога посакувате да излезете од сопствената кожа и сте подготвени да заплачете во секој момент. Тогаш велите дека ви „работат хормоните“. Но, не сте далеку од вистината! Естрогенот е тесно поврзан со емоционалната состојба кај жените. Оваа промена во расположението е особено карактеристична за време на предменструален синдром, постнатална депресија и менопаузата. Прочитајте како естрогенот влијаее на женските емоции.

Менструалниот циклус

Кога почнува пубертетот јајчниците почнуваат да ослободуваат естроген во согласност со менструалниот циклус. Во првиот дел од циклусот, сè до овулацијата, нивото на естроген расте и жените се посмирени, добро расположени, концентрирани и женствени. По овулацијата, пак, нивото на естроген опаѓа и расположението кај жената може да се менува. За време на останатиот период од месецот нивото на естроген постепено се зголемува и намалува. Нормалното ниво на овој хормон варира во големи граници. Кај една жена можат да се забележат големи разлики во различни денови, или кај две жени во ист ден од циклусот.

Естрогенот и предменструалниот синдром (PMS)

Општо познато е дека 90% од жените имаат непријатни симптоми непосредно пред менструалниот период. Доколку се работи за интензивни промени, доволни за да влијаат врз квалитетот на животот на жената, тогаш се работи за предменструален синдром (ПМС). Подуеност, отекување на рацете или нозете и осетливост на дојките се вообичаените физички симптоми. Исто така, во овој период жените можат да бидат премногу емотивни, депресивни, лути и раздразливи, или се вознемирени и социјално повлечени. 20 – 40 проценти од жените може да имаат ПМС во одреден момент од животот.

Естрогенот и постпородилната депресија

Стравот, меланхолијата и незадоволството се чести појави кај жените веднаш по породување. Доколку овие промени не почнат да се намалуваат во првите неколку дена по породувањето, туку нивниот интензитет се зголемува, тогаш станува збор за постпородилна депресија. Стручните лица сметаат дека ова нарушување кај жените има голема поврзаност со нивото на естроген.

Естрогенот и менопауза

Недостигот на естроген во овој период од животот на една жена доведува до зголемување на ризикот за кардиоваскуларни заболувања и појава на остеопороза. Од полесните телесни симптоми кои можат да се појават во овој период се непријатното чувство на облевање со топла пот, ноќно потење, вртоглавица, главоболка или болка во коските и зглобовите. Додека од психичките симптоми се забележуваат нервоза, раздразливост, несоница или депресија. 

Слични статии