X
    Категории: Канцер

КОМБИНАЦИЈА НА СИМПТОМИ – КОЈ Е ПРВИОТ И НАЈВПЕЧАТЛИВ ЗНАК ЗА КАРЦИНОМ НА ДЕБЕЛОТО ЦРЕВO

Сподели

Карциномот на дебелото црево се смета за еден од најчестите облици на карцином во светот, а според проценките на Светската здравствена организација, годишно од него заболуваат околу два милиони луѓе, од кои половина умираат. Во 2022 година од карцином на дебело црево починаа и Пеле и Кристи Ели.

Недостатокот на симптоми во почетните стадиуми го отежнува дијагностицирањето, а за лекувањето e клучна раната дијагноза. За среќа, една комбинација на симптоми може да помогне да се алармира за состојбата.

Она што загрижува е што симптомите се јавуваат кога карциномот е во напредната фаза од болеста, а во раната фаза нема клинички знаци. Понекогаш може да се појават: изнемоштеност, губење на апетитот, губење на телесната тежина и замор, но овие симптоми не се специфични. Типични тегоби за карцином на дебелото црево се промените во ритамот на празнењето, запек и наизменично, пролив, болки во левата половина на стомакот и над срамната коска во форма на грчеви. Кај овие луѓе се јавува чувство на недоволна испразнетост, па имаат потреба од повторно празнење. Ако карциномот е локализиран во долните делови на дебелото црево, се појавува светлоцрвена крв во столицата, понекогаш и во поголемо количество. Карциномот на десниот дел на дебелото црево не дава болки, ниту го нарушува празнењето туку предизвикува анемија од типот на железен дефицит поради честото микрокрвавење.

Според лекарите, промената во навиката на празнење на цревата вклучува и: дијареја, запек, зачестено празнење, како и промена на конзистенцијата на столицата. Други симптоми за карцином на црева можат да бидат и: нелагодност во стомакот (грчеви и болка), чувство дека цревата не се целосно испразнети, слабост или умор и необјаснето губење тежина.

Дали пациентите ќе ги развијат овие или други симптоми, зависи од тоа каде се наоѓа карциномот, односно дали е на почетокот на дебелото црево, во ректумот или помеѓу. Треба да се напомене дека овие симптоми не секогаш значат карцином, но треба да служат како предупредување што сигнализира потреба за следна проценка.

Токму затоа докторите од Клиничка болница „Аџибадем Систина“ советуваат луѓето да прават редовна колоноскопија која е златен стандард за рана дијагноза на промени во дебелото црево. Постојат и т.н. скрининг програми за рано откривање на карциномот на дебелото црево. Кај лица без посебен ризик (општа популација над 50 години), овој скрининг се базира врз појава на скриено крвавење од дебелото црево преку столицата, поради микрокрвавењата од полипите и карциномот на дебелото црево. Овој тест, познат како хемокулт 2 тест, се изведува со нанесување мало количество измет на плочка со реагенс. Потребно е да се направат три теста, на три едноподруго празнења. Карциномот на дебелото црево најчесто се детектира лабораториски – слабокрвност со недостиг на железо и позитивни туморски маркери (СЕА и СА 19-9) кои не се од примарна дијагностичка важност, туку имаат валидна вредност кај оперираните болни и болните по хемотерапија.

Слични статии