/ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИТЕ ДЕЦА СЕ ХЕРОИ КАКО ДА СЕ ПОТТИКНЕ НИВНИОТ МОТОРЕН РАЗВОЈ

ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИТЕ ДЕЦА СЕ ХЕРОИ КАКО ДА СЕ ПОТТИКНЕ НИВНИОТ МОТОРЕН РАЗВОЈ

Сподели

Предвреме родените деца се тие кои се херои на одделенијата за интензивна нега, тие се посебна радост, но исклучително е важно дека за нив е потребно невроразвојно следење, посебна грижа од здравствен аспект. Но, кои се спецификите, како предвременото раѓање влијае на организмот по раѓањето. Д-р Наталија Ангелкова, специјалист по педијатрија – невролог, објаснува дека раѓањето пред термин резултира со незрелост на организмот, на сите органи и системи. Во последниот триместар значајни промени трпи централниот нервен систем. Тогаш созреваат и се размножуваат нервните клетки, растат и се издолжуваат, а најважно е нивното меѓусебно поврзување во комплексно функционален нервен систем.

КОНТАКТОТ СО МАЈКАТА Е НАЈВАЖЕН

Д-р Ангелкова вели дека тој ја одредува положбата на телото во просторот, подвижноста на телото како целина и посебно на сите делови, го овозможува спознавањето на околината и ја воспоставува комуникацијата со личности. „Кога е прекинат периодот на зреење со предвремено раѓање, добиваме кревко новорoденче со грацилна конституција кое сè уште ја зазема положбата како во утробата на мајката и неговите активности се ограничени. Од една страна, потребно е да му обезбедиме надворешна средина која според карактеристиките е најблиска до мајчината утроба – топлина, влажност на воздухот и соодветно количество кислород во околината (инкубаторот), од друга страна контакт со личностите во неговата околина, родителите, како и здравствените лица кои се грижат за него во првиот период на животот“, вели д-р Ангелкова. Според неа, важен во тој период е контактот со мајката, односно поминување одредено време на контакт кожа на кожа, таканаречена kangaroo care. Оваа комуникација дава смирувачки ефект, чувство на сигурност, топлина, стабилизација на срцевата фреквенција и ритамот на дишење. Во првите 4-6 недели на новороденчето основно е згрижување на виталните функции, стабилизација на дишењето, воспоставување исхрана, нега на кожата, стабилизирање на физиолошките процеси и овозможување оптимални услови за раст. „Истовремено потребно е да се започне со негова адаптација на околината со сензомоторна стимулација со визуелни, аудитивни и тактилни методи. Примарните невромоторни карактеристики се стекнуваат со правилно држење на телото во зависност од положбата како е поставено, со овозможување на слободна мобилност на главата, телото и екстремитетите“, вели д-р Ангелкова. Додава дека во првите месеци, откако дишењето е комплетно стабилно, хранењето со цицање е една од примарните моторни вештини. Спонтаните движења на екстремитетите од почеток се со помал опсег и постепено почнуваат сè повеќе да се спротивставуваат на гравитацијата. За да се обезбеди правилна крупна моторика важно е да се спроведуваат вежби на флексија-екстензија, поточно свиткување и истегнување во сите големи зглобови, особено да се постигне исправување во лактите и колената. Стапалата и дланките треба да се движат во сите правци, внимателно и без по секоја цена да се совладува отпорот. „Во тек на првите два месеца се јавува обид за подигање на главата од подлогата и вртење на главата во правец на визуелна или аудивна стимулација. Примитивните рефлекси кои се карактеристични за одредена возраст и гестациска зрелост се значајни и може да укажат на одредени состојби, заради што се испитуваат при секој педијатриски преглед. Важно е да се забележат отста27 пувања, невообичено држење на главата или потешко подигање меѓу вториот и четвртиот месец, асиметрија во движење на екстремитетите со карактеристична затегнатост и отпор при движење на одредени делови, невообичаена положба на телото во просторот. Можни се повторувачки движења со одредени групи мускули, но да не се остварат целни движења како фаќање предмети кои се очекуваат од четвртиот до шестиот месец. Доколку се забележат отстапувања од очекуваните моторни постигања, од страна на родителите или матичниот педијатар, проценка на истите ќе се направи во невроразвојно советувалиште“, објаснува д-р Ангелкова.

ЗОШТО РАЗВОЈНО СОВЕТУВАЛИШТЕ?

Инаку, следењето во развојно советувалиште е неопходно кај сите предвремено родени деца, пред полна 36. гестациска недела, како и кај сите новородени кои биле со ризична бременост или раѓање. Првата проценка се извршува најдоцна до полни 2 месеца возраст кога според клинички преглед и квантифицирање на постигањата според стандардизирани методи – скали на развојно следење, се детектираат отстапувања или потешкотии во остварување на одредени функции. Се следи кранијална морфологија и обем, крупната и фината моторика преку спонтани движења, опсег на активни и пасивни движења, мускулен тонус, тетивни и примитивни рефлекси. „При отстапувања се овозможуваат стимулативен сензомоторен и физијатриски третман. Доколку има аудитивни и визуелни проблеми, истите се проследуваат и третираат од страна на соодветни специјалисти офталмолог, аудиолог. Социјалната адаптација и осознавање на околината се следните важни функции кои треба да се поттикнуваат кај предвремено родените деца преку тактилна, визуелна и аудитивна стимулација“, вели д-р Ангелкова. Сите активности кои се преземаат за поттикнување на правилен раст и развој кај предвремено родените и ризичните доенчиња се остваруваат и координираат од страна на мултидисциплинарниот тим на развојните советувалишта. Редовното следење на децата во развојните советувалишта овозможува откривање на отстапувања и рана интервенција за решавање на проблемите во развојот, со цел остварување на максималниот потенцијален развој и квалитет на живот.