/БОЛКИ ВО ГРБОТ-ДИЈАГНОЗА И ТРЕТМАН

БОЛКИ ВО ГРБОТ-ДИЈАГНОЗА И ТРЕТМАН

Сподели

Болката во грбот претставува аларм што укажува на одредено нарушување или патолошка состојба и е една од најчестите причини за пациентот да посети лекар. Кај секој пациент, таа е индивидуална и се разликува според интензитетот, времетраењето и периодот од денот кога се јавува. Д-р мед. науки Љупчо Николов, специјалист по трауматологија, вели дека болките во грбот претставуваат еден од почестите проблеми со кој се соочуваат луѓето во нивниот секојдневен живот. Болките во грбот може да потекнуваат од различни структури во ‘рбетниот столб: мускулите, тетивите, лигаментите, зглобовите, коските, интервертебралните дискови или нервните структури.

„Клиничкиот преглед на еден пациент подразбира преглед на грбот и проценка на неговата способност да седи, стои, да оди и да ги крева нозете, како и да ја оцени својата болка (визуелна аналогна скала ВАС, скала од нула до 10) и да разговара за тоа како болката влијае врз извршување на секојдневните активности. Овие проценки помагаат да се утврди од каде доаѓа болката, колку може да се движи пациентот пред болката да го принуди да престане. Овој клинички преглед може да помогне да се исклучат посериозните причини за болки во грбот“, објаснува д-р Николов.

СОВРЕМЕНИ МЕТОДИ ЗА ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поседува најмодерна опрема за дијагноза и третман со искусен тим специјалисти. За утврдување на причината за болка во грбот, се прават радиолошки иследувања како:

• рендгенграфија – овие иследувања даваат првична слика за проблематиката со ‘рбетниот столб (покажуваат промена во анатомијата и биомеханичка состојба, промени како спондилоартрит, скршеници, остеопоротични промени и скршеници, како и други состојби што бараат понатамошно иследување);

• МРИ или КТ скенови – овие скенови генерираат слики што се со висок степен на точност и прецизност за утврдување на промените на ‘рбетниот столб како дискус хернија или проблеми со коскените структури како спинална стеноза, мускулите, околното ткиво, тетивите, ‘рбетниот мозок и нервните корени, лигаментите и крвните садови;

• лабораториски иследувања на крвта – овие иследувања помагаат да се утврди присуство на инфекција или друга состојба, која е причина за појава на болка

• невролошки преглед и иследувања како електромиографијата (ЕМГ), која ги мери електричните импулси произведени од нервите и како мускулите реагираат на нив. Ова иследување може да го потврди нивото на притисокот врз нервните корени и нивниот степен на оштетување.

ТРЕТМАН НА БОЛКА

Во Центарот за болка преку тимски и организиран пристап во лекувањето на пациентите се овозможува и откривање на причината за појава на болката, а во зависност од наодите и конзилијарно мислење, се почнува и нејзиниот третман. Главен предуслов за успешен третман на болката е нејзино смирување, односно пациентот не треба да трпи болка. Д-р Љупчо Николов вели дека кај најголемиот број пациенти со болка во грбот симптомите се подобруваат во рок од еден месец по третманот на проблемот, особено кај лица помлади од 60 години. Меѓутоа, за многумина болката е подолготрајна и таа треба да се третира. Во третманот на болка се применуваат:

•медикаментозна терапија – лековите зависат од типот на болки во грбот

• нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), како што се ибупрофен (Advil, Motrin IB, други) или напроксен натриум (Aleve), може да помогнат

• мускулни релаксанти – aко благата до умерена болка во грбот не се подобри со лекови против болки, мускулниот релаксант може да помогне. Мускулните релаксанти може да предизвикаат вртоглавица и поспаност

• топични лекови против болки – локална надворешна употреба

• наркотици – лековите што содржат опиоиди, како што се оксикодон или хидрокодон, може да се користат кратко време со внимателен медицински надзор

• антидепресиви – некои видови антидепресиви – особено дулоксетин (Cymbalta) и трициклични антидепресиви, како што е амитриптилин – се покажа дека ја ублажуваат хроничната болка во грбот

 • физикална терапија – вклучува вежби за зголемување на флексибилноста, зајакнување на грбот и стомачните мускули и подобрување на држењето на телото. Редовната употреба на овие техники може да помогне да не се врати болката.

Д-р Николов вели дека денес во медицината се практикуваат современи методи со кои можеме да ги обезболиме пациентите. Процедурите што се користат за лекување на болки во грбот може да вклучуваат:

• перирадикуларна терапија (PRT) – оваа процедура подразбира апликација на кортикостероид на соодветно ниво на ‘рбетниот столб (каде што е потврден причинителот за болка) под контрола на РТГ-графија во просторот околу ‘рбетниот мозок и нервните корени, со цел да се намали воспалението околу нервните корени, а со тоа и да ја ублажи болката

• радиофреквентна аблација – оваа процедура се состои во поставување на тенка игла (сонда) перкутано, под контрола на радиографија, во близина на анатомската регија што ја предизвикува болката

• регенеративна медицина со апликација на PRP – oваа постапка подразбира инјектирање на плазма богата со тромбоцити (PRP)

• вертебропластика – претставува минимално инвазивна процедура (перкутана постапка) кај остеопоротични скршеници на ‘рбетниот столб, која подразбира апликација на коскен цемент во остеопоротичните прешленски тела под контрола на радиографија. Покрај минимално инвазивните и неинвазивните методи на лекување, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно се применуваат и хируршки третмани за одредени состојби и болести на ‘рбетот: сколиози кај деца и адолесценти, дегенеративни промени и деформитети на ‘рбетниот столб, скршеници на ‘рбетниот столб, дегенеративни промени и болести на дискус, примарни и секундарни туморски процеси, како и инфекции на ‘рбетниот столб.